Достапни линкови

Потребни се искрени намери во преговорите, во што се сомневаат и меѓународната заедница и аналитичарите.

Ако македонските политичари сакаат да постигнат решение за политичката криза потребно е и двете страни да вложат искрени напори за померување од сегашната статус кво ситуација, велат аналитичарите. За воспоставување на вистински политички дијалог потребно e да се одвои буџетот на ВМРО-ДПМНЕ од буџетот на Владата, да се овозможат услови за транспарентни медиуми, да се смени изборниот законик, за да се направат слободни избори, а од друга страна пак е потребно лидерот на опозицијата Зоран Заев искрено да преговара, а не по секој разговор да објавува „нова бомба“, и дополнително без институционален одговор на работите нема да може работите да тргнат напред.

Преговорите се глума, намерите тука треба да се оценат, намерите се потполно јасни, Груевски сака да го одржи тоа што го има, да си ја задржи власта по секоја цена, а Заев сака да се откријат слабостите, да се откријат работите.

Меѓународната заедница постојано изразува загриженост и посочува дека на преговорите треба да им се даде шанса. Но во пресрет на новата рунда разговори меѓу Заев и Груевски следната недела со посредство на претставници на меѓународната заедница, се поставува прашањето колку политичарите во овој дијалог се сериозни во взаемна потрага по решение на политичката криза која трае неколку месеци.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, смета дека Заев и Груевски не водат преговори, дека сето тоа е глума, затоа што во разговорите влегуваат со различни намери.

„Преговорите се глума, намерите тука треба да се оценат, намерите се потполно јасни, Груевски сака да го одржи тоа што го има, да си ја задржи власта по секоја цена, а Заев сака да се откријат слабостите, да се откријат работите. Досега имаше, 35 -36 „бомби“, а ни еден глас не допрел до Обвинителот за да постапи по него. За кој дијалог ние можеме да зборуваме сега?“, прашува Андов.

Од друга страна, пак, професор Арсим Синани смета дека двете страни само купуваат време, затоа што нивните позиции не се померуваат.

„Не гледам дека во дијалогот меѓу политичките партии ќе има нешто ново затоа што Груевски е заинтересиран да ја сочува власта а Заев инсистира на преодна влада , не гледам дека се сериозно заинтересирани за решавање на проблемот. Во суштина мислам дека овие политички партии не се заинтересирани да го решат случајот и сакаат да тераат понатаму оваа работа да оди со исто , што сметам дека тоа е најголемиот проблем.“

Андов додава дека без помош од меѓународната заедница, решение за кризата не може да се изнајде.

„Мислам дека сега е една лоша фаза од кризата, непријатна фаза, треба да дојде посилен притисок и треба да се расчистат тие работи.“

Од Европската Комисија се уште не потврдуваат дали в понеделник во Скопје ќе пристигне еврокомесарот Јоханес Хан за да оствари одвоени средби со лидерите на најголемите политички партии.

Од дипломатски извори дознаваме дека дел од дипломатите во земјава се загрижени дека политичаите не се доволно заинтересирани и сериозни во потрагата по изнаоѓање решение. Дипломатите стравуваат дека техничка влада можеби не е најдоброто решение затоа што во таква ситуација е можно да бидат изоставени интересите на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG