Достапни линкови

Целовечерен протест за оставка на битолскиот градоначалник


Демонстрантите бараат оставка од градоначалникот Владимир Талески. Ако Талески не ја потпише оставката, тие ќе собираат потписи за одржување на референдум за да се организираат предвремени локални избори.

„Оставка! Владе оди си во Кичево“ викаа околу илјада битолчани кои попладнево излегоа на протестите организирани од здружението „За нас се работи“, барајќи оставка од битолскиот градоначалник Владимир Талески. Битолчани носеа транспаренти на кои пишуваше „Парите се отепувачка“, „Истрага, робија“, „Оди си Владе, мизерија ни даде“, а се пееше и видо изменет текст од народната песна „Лажи, лажи Владе (Вере)“.

Остануваме вечерва тука пред општинската зграда будни ќе го дочекаме неговото доаѓање на работното место утре, за да не се мачи да ја пишува, ќе му ја дадеме составена оставката само да го стави својот потпис и потоа како што налага законот по шест месеци ќе треба да се одржат локални избори за нов градоначалник.
Горан Пинза, еден од организаторите на протестот.

Протестот започна од плоштадот Будење, продолжи низ Широк Сокак и до битолската Oпштина. Од здружението „За нас се работи“ изјавија дека бараат оставка од градскиот татко зашто не го исполнил ветувањето да спроведе мерење на аероздагадувањето и податоците јавно да ги соопшти. На видео бим пред општинската зграда вечерва се презентираат негови изјави дадени за медиуми во кои ветува проeкти и меѓудругото вели „искуството ме научи секогаш да ја кажувам вистината“.

„Остануваме вечерва тука пред општинската зграда будни ќе го дочекаме неговото доаѓање на работното место утре, за да не се мачи да ја пишува, ќе му ја дадеме составена оставката само да го стави својот потпис и потоа како што налага законот по шест месеци ќе треба да се одржат локални избори за нов градоначалник“, изјави Горан Пинза, еден од организаторите на протестот.

Ако Талески не ја потпиша оставката, Здружението ќе собира потписи за одржување на референдум со единствено прашање за организирање на предвремени локални избори.

Пред одржувањето на протестот со соопштение се огласи Општина Битола во кое велат дека се изложени на силен притисок и самоволие на здружението. При тоа истакнуваат дека активностите на здружението не се од чиста еколошка природа, туку сакаат да вршат директно политичко влијание, па можно е да има и инцидент. Ова го демантираа од здружението и повикаа на мирни протести..

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG