Достапни линкови

„Мртов“ косовски милитант на ново видео на ИД


Медиумите на Балканот во август минатата година со извесно олеснување известија дека озлогласениот милитант на Исламската држава, косовскиот Албанец, Лавдрим Мухаџери бил убиен во воздушен напад во Сирија. Претходно во јули тој предизвика грозење откако на Фејсбук објави слика со обезглавен човек.

Иако за Мухаџери се мислеше дека веќе неколку месеци е мртов, деновиве се појави нов доказ кој ги зголеми шпекулациите дека тој сепак е жив. Имено, станува збор за видео во кое тој убива Сириец со ракетна граната.

Сирискиот активист Абу Мохамед за РСЕ вели дека не знае кога се случило убиството прикажано на видеото, но верува дека тоа било со понов датум.

Еби Спахиу, експерт во албанскиот Институт за меѓународни односи од Тирана, вели дека нема сомневање оти на видеото е Мухаџери, но оти не може да се утврди дали тоа е нова снимка.

„Мухаџери беше познат милитант и бил врската меѓу ИД и етничките Албанци во Албанија, Косово и Македонија кои сакале да одат во Сирија“, вели Спахиу, наведувајќи дека тој бил дел од пропагандата на милитантите на Исламската држава за привлекување нови луѓе. По наводите дека тој загинал, неговата Фејсбук страница беше избришана.

Мухаџери беше познат милитант и бил врската меѓу ИД и етничките Албанци во Албанија, Косово и Македонија кои сакале да одат во Сирија.

„Ако Мухаџери решил да се појави по долго молчење, тој би излегол со посилна порака“, смета Спахиу.

Тој додава дека во меѓувреме на негово место се појавил нов етнички Албанец, Ридван ал Албани кој во ноември се закани со убивање на оние што помогнале едно косовско момче да се врати дома, откако неговиот милитантен татко го киднапирал и го однел во Сирија.

Косовската полиција која работи со меѓународните партнери за да ја верификува веродостојноста на видеото, оперира под претпоставката дека Мухаџери е жив.

Фатос Маколи, шеф на одделот за антитероризам на косовската полиција за РСЕ вели дека по Мухаџери постои меѓународна потерница.

Ако тој е жив се поставува прашањето зошто одбрал да исчезне од јавноста?

Според некои станува збор за стратегија која ја практикувале и други во ИД, вклучувајќи го и лидерот Абу Бакр ал Багдади.

Мухаџери е искусен воен стратег. Наводно тој работел во кампот Бондстил, главната американска воена база под НАТО на Косово, иако не е јасно што правел таму.

Во 2010 година, тој, според наводите, бил ангажиран, преку приватна фирма, две години да работи во кампови на НАТО во Авганистан.

По враќањето во родниот Качаник, Мухаџери бил вклучен во Исламската заедница на Косово по што заминува за Сирија.

Се верува дека таму прв пат престојувал во 2012 година, а по една година се вратил на Косово. Откако косовската полиција почна истрага за него, тој повторно заминал за Сирија.

Според последните извештаи околу 500 етнички Албанци од Западен Балкан се борат во Сирија и Ирак. Над 230 од нив се од Косово. Тоа е најмногу по глава на жител од 22 западни држави чии граѓаните се борат во Сирија и Ирак.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG