Достапни линкови

Груевски:Кога Брисел и Москва ќе се договорат ќе се вклучиме во Турски тек


Иднината на Македонија е во НАТО и Европската унија вели премиерот Никола Груевски во интервју за порталот Прес 24 одговарајќи на прашање поврзано со изјавите на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и руските знамиња на собирот на ВМРО-ДПМНЕ. Во врска пак со гасоводот Турски тек Груевски нагласува дека Македонија е земја насочена кон евроатланската заедница.

“Нашиот став по овој проект е дека кога Брисел и Москва ќе постигнат договор за овој проект, ние би се вклучиле во него. Ние сме земја која е насочена кон евроатланската заедница, и при носење на одлуки од стратешко значење се водиме од оваа цел”вели Груевски.

На прашањето дали смета дека САД, Германија, Франција или Британија стојат зад кумановските настани, премиерот вели дека немаат елементарни докази или индиции за такво нешто, но и дека не гледа зошто токму тие држави, кои како што вели, инвестирале во стабилноста и развојот на Македонија би помислиле да ја дестабилизираат. Тој ги отфрла и шпекулациите дека зад снимените разговори стои некоја од овие сили.

“Во денешно време на огромен технолошки напредок на најголемите суперсили во светот во разузнавачко безбедносната и телекомуникациска свера, меѓу кои ги вбројувам и овие 4 земји, мислам дека не им е потребенa осомничената агентурна мрежа во Македонија, доколку одлучат да дојдат до таков вид матерјали. Од тука, нема логика тие да стојат како организатори на овој процес.Не е добро со леснотија и без докази да се шпекулира и да се набедуваат наши сојузници. Јас не се согласувам со тоа” вели Груевски.

XS
SM
MD
LG