Достапни линкови

Хендикепиран прилепчанец бара стан од кој ќе може да излезе


Методија Мирчески, на кого двете нозе му се ампутирани, бара да го замени својот стан на шестиот кат со некој на приземје, за да може да излегува од дома.

Прилепчанецот Методија Мирчески има 61 година, а е тежок инвалид без две нозе. Живее на шести кат во зграда во населбата Точила во Прилеп, во сопствен стан. Но, при секој обид да ја почувствува свежина на денот, животот во градот и потребата за медицинска помош, што е пречеста, му треба помош, за да ги мине стотината скали. Му помагаат соседите, го креваат в раце, му ја носат и инвалидската количка, но „тоа не е живот“, вели тој.

Јас не можам да функционирам, да слезам долу, да си обавам каков било преглед на матичен лекар. Поради ампутирани нозе не сум во состојба да видам што се случува во мојот град, во мојата општина. Си одам со такси, ме зема и ме враќа, но нема кој да ме крева. Бидува еднаш, два пати, пет пати, општо сите ме понудиле и од зградава, комшиите да речам.

„Јас не можам да функционирам, да слезам долу, да си обавам каков било преглед на матичен лекар. Поради ампутирани нозе не сум во состојба да видам што се случува во мојот град, во мојата општина. Си одам со такси, ме зема и ме враќа, но нема кој да ме крева. Бидува еднаш, два пати, пет пати, општо сите ме понудиле и од зградава, комшиите да речам“, се жали Мирчески.

Тој бара станот што е во негова сопственост да го замени за друг на прв кат, за да може сам кога и да посака, со помош од сопругата да си ги завршува своите обврски и потреби.

Не е битно за плаќање, јас не барам поддршка, ниту финансиска, јас барам замена за мојот, за овој стан, да бидам на приземје, мојот стан е со имотен лист, купен ми е со имотен лист, да можам да функционирам, затоа што се работи за 10-ина скали, а со 110 не е исто.

„Не е битно за плаќање, јас не барам поддршка, ниту финансиска, јас барам замена за мојот, за овој стан, да бидам на приземје, мојот стан е со имотен лист, купен ми е со имотен лист, да можам да функционирам, затоа што се работи за 10-ина скали, а со 110 не е исто и обратно да речам, 220 со 20“, додава овој човек.

Со надеж дека ќе му го чујат гласот и ќе му помогнат, Мирчески се обратил во неколку наврати во Министерството за транспорт и врски.

„Ми беше кажано од Министерството за транспорт и врски, ние не градиме станови, три пати ми повтори“, реагира Мирчески.

Не се жали на личните примања, но вели со таа пензија од 9.000 денари и надоместокот за нега на друго лице што го добива сопругата во висина од околу 4.000 денари, не може да соберат пари за да купуваат друг стан, ниту е во можност сам да бара купувачи за овој.

„Колку се, толку се, инвалидска пензија, тоа е, да не кажувам сега вода, струја, тоа е составен дел. Ако имаш ќе купиш, ако немаш ќе си купиш поевтини лекови“, вели овој поранешен работник на некогашниот трговски гигант Центропромет од Прилеп.

Проблемот на Мирчески го знаат во ЈП за станбен простор во Прилеп, но велат дека неговото решение не е во нивна надлежност.

Во населбата Точила во моментов се градат 76 станови, наменети за социјални случаи, кои според најавите треба да бидат готови на крајот на јуни.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG