Достапни линкови

Кој е виновен за падот на Рамади?


Американскиот потпретседател Џо Бајден ја пофалил, како што е соопштено, „огромната пожртвуваност и храброста на ирачките сили“. Претходно американскиот секретар за одбрана Ештон Картер ги критикуваше ирачките сили за паѓањето на градот Рамади во рацете на милитантите на Исламската држава.

„Ирачките сили покажаа дека немаат волја да се борат“, изјави секретарот за одбрана Картер, додавајќи дека тие се повлекле од градот Рамади и покрај тоа што нивниот број бил поголем од оној на непријателските сили.

Ирачкиот премиер Абади ова го оцени како изјава на министер кој имал погрешни информации, додавајќи дека не треба да и се суди на целата армија врз основа на, како што рече, еден инцидент.

На ист став е и Белата куќа, чиј неименуван претставник го цитираат американските медиуми.

„Знаеме дека ирачкото повлекување од Рамади било поради интензивен бран на самоубиствени бомбашки напади. Оценката за недостиг на волја е само во врска со оваа специфична епизода. Ирачаните и претходно се повлекувале, но потоа успевале да ја повратат територијата од милитантите“, изјавил тој.

Падот на Рамади од кој избегаа над 55 илјади луѓе би можело да биде клучен удар врз слабата централна власт во Багдад. Сунитските џихадисти од Исламската држава сега го контролираат поголемиот дел од Анбар и можат да ги загрозат западните пристапи кон Багдад.

Потпретседателот Бајден ја поздравил и одлуката на Багдад да мобилизира дополнителен број војници како подготовка на контраофанзивата со цел ослободување на ирачката територија.

Полемиката околу одговорноста за падот на Рамади ја вжешти изјавата на командантот на иранската Револуционерна гарда генерал Касим Солејмани дека американските сили не преземаат ништо за запирање на походот на милитантите.

„Американските сили се на само неколку километри од Рамади, а не презедоа ништо. Тие не сакаат да се борат против Исламската држава“, рече тој.

Оваа изјава ги нагласи длабоките непријателства меѓу земјите кои станаа сојузници во заложбата да се борат против милитантите на Исламската држава.

Иран понуди советници како помош на шиитските милиции во борбата против џихадистите.

Иран демантира дека има војници во Ирак и покрај тоа што некои припадници на Револуционерната гарда биле убиени на ирачка територија. Соединетите држави во моментот имаат над 3 илјади војници во Ирак.

Ирачката влада верува дека падот на Рамади е поради недоразбирања и лошо планирање, но оти за неколку дена градот повторно ќе биде под ирачка контрола.

Во вчерашниот контра напад, ирачките сили поддржани од шиитски борци кои се потпомогнати од Иран и од локалното сунитско население успеале да преземат делови од градот Ал Таш, на околу 20 километри јужно од Рамади.

Падот на Рамади од кој избегаа над 55 илјади луѓе би можело да биде клучен удар врз слабата централна власт во Багдад.

Сунитските џихадисти од Исламската држава сега го контролираат поголемиот дел од Анбар и можат да ги загрозат западните пристапи кон Багдад, па дури и јужниот шиитски центар на Ирак.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG