Достапни линкови

logo-print

Вељаноски: Се надевам дека политичките лидери ќе дојдат до вистинско решение


Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски обраќајќи се на втората Пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што се одржува денескаво Тирана, рече дека напредокот на народите од овој регион во услови на мир, безбедност, добрососедство и соработка била заедничка определба и оти имајќи предвид дека сè уште не се отстранети опасностите за дестабилизација, доаѓаме до најважните прашања за еден регион - мирот и стабилноста.

“ За жал, неодамна во Република Македонија на трагичен начин се соочивме со овој факт, но спречивме натамошно ескалирање на тензиите. Со професионално изведена полициска акција се разби криминално-терористичка група која имаше цел да нанесе огромна штета на Република Македонија, а претставуваше опасност и за целиот регион. Овој немил настан уште повеќе ја нагласува потребата од поскорешна интеграција на нашиот регион во НАТО и Европската унија” рече претседателот на Собранието.

Додаде дека и моменталната политичка ситуација во Република Македонија придонесува за влошување на целокупната добросостојба на државата и потсети дека по завршувањето на парламентарните избори во Република Македонија минатата година, опозицијата реши да не учествува во работата на Собранието.

“Во тек се преговори помеѓу двете страни со помош на посредници од Европскиот парламент и јас се надевам дека политичките лидери ќе дојдат до вистинското решение” рече Вељаноски.

Тој укажа дека статус-кво ситуацијата во евроатлантските интеграции, за Македонија и земјите од регионот создава фрустрации и нè прави ранливи и подложни на обиди за дестабилизација. Смета дека во надминувањето на предизвиците со кои се соочуваме, потребна ни е и ја очекуваме регионалната солидарност, како и поддршката од меѓународната заедница.

XS
SM
MD
LG