Достапни линкови

logo-print

Еден филм насекаде, сите на Астерфест 2015


Под мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест“, од 27 до 31 мај, во Струмица ќе се одржи 11-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“. И овој пат фестивалската програма изобилува со врвни актуелни филмски остварувања од целиот свет, добитник на авторското признание „Астер“ е Киро Урдин, а специјалната награда што ја доделува Тивериополската филмска алијанса му припадна на актерот Боро Стјепановиќ.

Струмица од 27 до 31 мај наново ќе живее за и со моќта на подвижните слики. Во несекојдневните амбиенти на градот под Беласица, под мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест“, ќе се одржи 11-то издание на Интернационалниот филмски фестивал.

Киро Урдин.

Киро Урдин.

„Втората деценија на „Астерфест“ започнува со мотото „Еден филм насекаде, сите на Астерфест“. Тоа е инаку алузија на еден ингениозен афоризам на овогодинешниот лауреат Киро Урдин, кој што отприлика гласи вака: „Една точка насекаде, сите точки во една!“. Низ тоа мото ние практично го доловуваме не само планетаризмот како глобално уметничко движење, не само сите тие нови тенденции во филмската уметност кај нас и во светот, туку и она што е тренд, она што е актуелно во сите меридијани на филмот“, вели режисерот Горан Тренчовски.

Тој дополнува дека што повеќе авторски филмови се соберат на едно место, тоа значи дека „Астерфест“ станува вистинско собиралиште на немирните планетарни духови кои таму доаѓаат да ги претстават своите идеи и форми и секако тоа да го доближат до современата публика која што е желна за такви автентични и силни филмски остварувања.

Во контекст на ова разбирливо е и тоа што годинава на манифестацијата ќе биде прикажана широка лепеза на филмови – од оскаровци до оние кои прв пат ќе бидат емитувани, повеќето од нив наградувани што значи референтни дела и сето тоа со идеја за нов исчекор во промовирањето на филмската култура и уметност.

Боро Стјепановиќ.

Боро Стјепановиќ.

Така во „Глобална фикција“, натпреварувачката програма на кратки играни филмови што ја селектираше Сунчица Уневска, има неверојатна палета на ексклузивни филмски приказни од Иран до Шпанија, од Египет до Велика Британија. Сите тие приказни зборуваат за судбината на човекот во денешното општество, за судбината честопати предодредена од природните или општествените закони. Со други зборови, ова интересно патување на различни страни во светот успева да ги допре актуелните проблеми во тие земји во нивната суштина, но и да проговори за вечните дилеми што го мачат човекот. Тука го имаме оскаровецот Мет Киркби со британскиот „Телефонски повик“; потоа иранскиот „Повеќе од два часа“ на Али Азгари, кој беше номиниран во Кан и во Санденс и освои над 18 награди; тука е и француско-израелската авторка Тамара Ерде, чиј филм „Дизни Рамала“ ги собра сите награди во Франција, но ја освои и публиката...и така со ред.

„Ѕвездени документи“, натпреварувачката програма на кратки документарни филмови чиј селектор беше Евгенија Теодосиевска, пак, го поставува главно прашањето дали сме подготвени да ѝ погледнеме на реалноста в лице. Таа е составена од седум ексклузивни креативни документарни стории на автори како Ане Маријке Графманс од Холандија, Романката Паола Онет, Кирстен Гајнет, Анабела Ангеловска од Германија, италијанскиот тандем Спано- Пиколо, нашиот Перо Кованцалиев и Кристијан Јенсен од САД со возбудливата и смела приказна за семејството нелегални емигранти во Северна Дакота („Бела земја“), номинирана за Оскар за краток документарец, филм кој никого не остави рамнодушен на меѓународните фестивали каде што беше во конкуренција.

Од друга страна, во анимираната програма „Анимоушн“, Марјан Захов Пецев повторно ни нуди импресивни анимирани филмови од разни страни на светот, а во програмата „Мувиленд“, која оваа година е во фокусот на најновиот краток филм од Турција, Влатко Галевски, во соработка со Универзитетскиот филмски центар „Митхат Алам“ и со Истанбулскиот фестивал на краток филм, одбра неколку интересни краткометражни филмови потпишани од претежно млади тамошни творци.

За филмовите во официјалната конкуренција ќе се доделат Златна, Сребрена и Бронзена потковица, како и наградите „Ѓорги Абаџиев“ за најдобро сценарио, „Ацо Алексов“ за најдобар режисер, и други награди од жирито на манифестацијата.

На самото отворање на фестивалот лауреатите ќе ги примат престижните награди за високи достигнувања во областа на филмот. Овогодишен добитник на авторското фестивалско признание „Астер“ е Киро Урдин, а Специјалната награда од Тивериополската филмска алијанса му припадна на актерот Боро Стјепановиќ.

Киро Урдин е роден во Струмица, на 12 мај 1945 година. Тој е познат режисер на документарни филмови, визуелен и мултимедијален уметник, член на Македонската академија на науките и уметностите. Дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1969 година, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз, Франција. Дипломирал на Академијата за филм во Париз. Од 1982 до 1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на Струшките вечери на поезијата (Неруда, Монтале, Орлов, Окаи, Гилвик). Имал можност да твори во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини, Тајван. Напишал повеќе книги афоризми. Меѓу другото, автор е на наградуваните документарни и кратки филмови: „Пишта“, „Те сакам, Ибан“, „Догона“, „Кучиња и возови“, „Вода и оган“, „Две времиња“, „Чекори“, како и на „Планетариум“ во ко-режисерство со Иван Митевски. Сподвижник е на уметничкото движење „планетаризам“.

Боро Стјепановиќ (8 мај 1946, Вареш) е познат актер и педагог. Дипломирал актерска игра на Академијата во Белград, во 1971 година. Одиграл 50-тина филмски и уште толку театарски улоги, а играл и во голем број ТВ-серии. Некои од неговите позабележителни улоги се оние во „Кого чекаш, куме“, „Се сеќаваш ли на Доли Бел“, „Кој тоа таму пее“, „Чудо невидено“, „Мирисот на дуњите“, „Кудуз“, „Глув барут“, „Ничија земја“, „Урнебесна трагедија“, „Горчило“, „Мост на крајот на светот“, „Стратегија на страчката“, „Последниот скретничар на тесниот колосек“, „Аудиција“, „Кујна“, „Неверојатниот цилиндар на Н. В. Кралот Кристијан“, „Чекрк“, „Пикник“ и други. Работел со речиси сите врвни режисери од земјите на бивша Југославија, а неговите филмови се овенчани со високи признанија на светски фестивали. Учествувал во основањата и бил професор на Академијата за сценски уметности во Сараево и на Факултетот за драмски уметности во Цетиње, а напишал и неколку интересни книги за актерството.

Астер портретот и Тивериополските филмски беседи, посветени на лауреатите, традиционално ќе се одржат во дворот на манастирот во Велјуса. Во нивна чест во текот на фестивалот ќе се прикаже „Две времиња“ на Урдин, кој ја освои главната награда „Џиновска панда“ на Шестото издание на Меѓународниот фестивал во Јаан, Кина.

Исто така, професорот Стјепановиќ на „Астерфест“ ќе одржи работилница за посебноста на филмското актерство со акцент на интермедијалната игра, модалитетите, разликите, спецификите и споредбите на филмското актерство во однос на другите медиуми.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG