Достапни линкови

logo-print

ЕУ сака поблиски односи со Источното партнерство


ЕУ на самитот во Рига им повтори на шесте земји од Источното партнерство дека е посветена како никогаш досега на развивање поблиски односи со нив. Претходниот самит посветен на Источното партнерство одржан во 2013 година го предизвика руско-украинскиот конфликт.

Лидерите на Европската унија се сретнаа со лидерите на шест поранешни советски републики отфрлајќи го руското заплашување во изминативе 18 месеци откако нивниот последен самит го предизвика конфликтот во Украина.

„Европската унија останува на курсот и покрај заплашувањата, агресијата, дури и војната во минатата година“, изјави претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, додавајќи дека Источното партнерство е приоритет за Унијата и оти самитот не бил насочен против Русија.

Сепак, загриженоста меѓу големите европски сили од евентуално провоцирање на рускиот претседател Владимир Путин ги зауздува амбициите на Брисел за приближување на шестте земји од Источното партнерство: Украина, Грузија, Молдавија, Азербејџан, Ерменија и Белорусија.

Источното партнерство не е инструмент за проширување на Европската унија, туку за приближување до Унијата.

Тие, пак, не го кријат нивното разочарување од тоа што немаат поцврсти ветувања за членство во Европската унија. Некои од поновите членки на Унијата, главно од истокот на Европа, пак, изразија жалење за ваквата претпазливост.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер за ваквиот став на Унијата накусо рече:

„Тие не се подготвени. Ние не сме подготвени. Процесот е во тек“.

Германската канцеларка Ангела Меркел беше исто така јасна кога изјави дека не треба да се создаваат лажни очекувања.

„Источното партнерство не е инструмент за проширување на Европската унија, туку за приближување до Унијата“, рече Меркел која додаде дека за разлика од Русија, Европската унија прифаќа земјите од Источното партнерство да можат да одат по својот пат.

Овој процес Европската унија го почна пред шест години со цел да им понуди трговија и помош во надеж дека ќе обезбеди цврсти и стабилни демократии на нејзиното источно крило.

Но, Унијата беше вовлечена во најдлабоката европска криза од Студената војна кога на самитот во Вилнус во 2013 година и понуди на Украина договор за слободна трговија.

Одбивањето на тогашниот украински претседател да го потпише овој договор предизвика протести во Киев кои предизвикаа крвава револуција што пак Русија ја оцени како фашистички пуч и го искористи тоа за анектирање на Крим и за поддршка на сепаратистите во источна Украина.

Самитот во Рига беше уште една можност лидерите на Европската унија да поразговараат и за други жешки теми со кои се соочува нивниот блок, како преговорите со Грција околу враќањето на долгот и ветувањето на британскиот премиер Дејвид Камерон дека ќе спроведе референдум за останување на земјата во Унијата доколку повторно стане премиер. Камерон пред две недели доби уште еден мандат.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG