Достапни линкови

logo-print

Балканот меѓу Западот, Русија и Турција


Русија, Турција и Западот делат еден ривал на Балканот: политичката нестабилност. Ова се наведува во анализата на Стратфор во која се додава: Лоциран на сливот на три историски империи, појасот меѓу Медитеранот и Црно Море долго време е поле за конкуренција меѓу светските сили. Сега тоа е само уште една арена во ќорсокакот меѓу Русија и Западот.

И додека двете страни се обидуваат да купат влијание со инвестиции и со енергетски проекти, а Турција се бори да го задржи темпото, внатрешните политички предизвици се закануваат да ги поткопаат надворешните напори за развој на регионот, наведува Стратфор, додавајќи:

„Западните влади имаат две големи цели на Балканот, да ја задржат стабилноста во западниот дел на регионот и да го минимизираат руското влијание“.

Како што Западот, Русија и Турција се желни да пумпаат капитал во регионот за нивно сопствено добро, така слабите влади ќе продолжат да балансираат меѓу големите сили, заклучува Стратфор.

Конечно, Соединетите Држави и Европската унија се вклучени во внатрешните политики на Балканот откако НАТО распореди сили по војната во Босна и по конфликтот на Косово во деведесетите години од минатиот век. Западни војници се уште се во мировна мисија на Косово.

Европската унија, пак, искористи многу извори и политички капитал да донесе реформи и економски развој во регионот, но со делумни резултати.

Од своја страна и Русија го употребува нејзиното влијание на Балканот, каде што, како што се наведува во анализата на Стратфор, тесните историски и културни врски со Србија и Грција се закана за западните интереси.

Како и да е, зголемениот интерес на Русија за Балканот во минатата година во голем дел е поради влошувањето на односите со Западот.

Руската цел на Балканот е да го спречи ширењето на западните сили и на воената инфраструктура во регионот и да задржи доволно моќ за да ги имплементира нејзините стратегиски енергетски проекти.

Западниот притисок можеби го спречи гасоводот Јужен тек, но планираниот Турски тек може да и помогне на Русија да се справи со напорите на Европа да ја намали зависноста од руски гас.

Турција пак, според Стратфор, има свои културни врски и економски интереси на Балканот, но во моментов и недостигаат средства и воена моќ за да им биде ривал на Русија и на Западот.

Една од главните турски цели е да го задржи влијанието врз регионот околу Црно Море, но исто така се обидува да го прошири во Босна и Херцеговина.

Турскиот тек, ако биде изграден без сомневање ќе ја засили позицијата на Турција и во Србија и Македонија.

И покрај вниманието од големите сили Балканот често пати е нестабилен и тоа може да им попречи на нивното влијание.

Како пример Стратфор ги посочува трагичните настани во Куманово на 9 мај, како и политичките тензии по барањето на опозицијата за оставка на македонската влада.

Официјална Москва ги обвини опозициските партии и невладини организации за сојузништво со западните сили и за тоа што ја избрале хаотичната идеологија на обоени револуции.

Сегашните настани во Македонија и можноста тие да ги вознемират руските планови во регионот, ги оформува проблемите што странските сили ги наоѓаат на Балканот.

Како што Западот, Русија и Турција се желни да пумпаат капитал во регионот за нивно сопствено добро, така слабите влади на Балканот ќе продолжат да балансираат меѓу големите сили, заклучува Стратфор.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG