Достапни линкови

Доналд Туск: право на „европски сон“


Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека поранешните советски републики како Грузија, Молдавија и Украина имаат право да станат членки на Европската унија. Сепак тој во интервју за РСЕ вели дека нема да испраќа „празни ветувања“ за иднината на нивното интегрирање.

Наведувајќи дека овие три земји имаат право на нивен европски сон, тој во интервјуто дадено пред самитот на Унијата посветен на источното партнерство, изјави дека оваа програма никогаш не била и гаранција за членство во Европската унија.

„Најпрвин Источното партнерство не е официјално ветување за членство во Европската унија. Но, секако мислам дека Грузија, Молдавија и Украина имаат право да сонуваат европски сон. Наша задача, а чувствувам дека тоа е и моја лична одговорност, да не им давам празно ветување дека тоа ќе се случи утре или задутре. Патот кон Европа не значи членство во догледна иднина, туку значи европски стандарди“,

изјави Туск, наведувајќи дека Европската унија е предвидлив партнер и оти затоа кај овие земји не би требало да има големо разочарување поради ваквиот став на Брисел.

Но, исто така апсолутно сум сигурен, секако и поради моето искуство со Радио Слободна Европа, дека пропагандата нема шанси против вистината. Тоа не е слоган. Се сеќавам дека кога бев млад, Радио Слободна Европа беше единствениот извор на вистински информации.

Во подготовките на самитот што утре почнува во Рига Грузија, Молдавија и Украина ја обвинија Унијата дека не успеала да обезбеди јасен став за нивното потенцијално вклучување во европското семејство.

Неколку земји членки на Европската унија се колебаат да ги прифатат, во конечната декларација од самитот, аспирациите на некои земји кои се опфатени со оваа програма.

Доналд Туск додека беше премиер на Полска, силно ја поддржуваше оваа програма која е наменета за Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина.

Тој вели дека неговата улога како претседател на Европскиот совет е да раководи и со очекувањата на овие земји во наредниве години.

Во врска со руската пропаганда која е видлива во земјите вклучени во програмата Источно партнерство и како Европската унија планира да се справи со тоа претседателот на Европскиот совет Доналд Туск вели:

„Всушност ние можеме да бидеме сигурни дека пропагандата и дезинформациите се вистински проблем, не само во источниот дел на Европа туку и во срцето на Европа. Во секоја земја во Европа гледаме знаци и докази дека Русија има огромна програма за дезинформирање и пропаганда против Европа“, вели Туск, додавајќи:

„Но, исто така апсолутно сум сигурен, секако и поради моето искуство со Радио Слободна Европа, дека пропагандата нема шанси против вистината. Тоа не е слоган. Се сеќавам дека кога бев млад, Радио Слободна Европа беше единствениот извор на вистински информации. Секако, неопходни ни се и некои технички средства во борбата против лагите за што веќе се подготвува соодветна програма во Унијата“, изјави во интервјуто за Радио Слободна Европа претседателот на Европскиот совет Доналд Туск

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG