Достапни линкови

Груевски и Заев на долги средби со европратениците


Охрабрува што овој дијалог меѓу Груевски и Заев се води на највисоко ниво и тој трае веќе повеќе од три часа, вели еден од посредниците. Средбата не беше завршена во 21 часот и 30 минути.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски придружуван, пристигна во Европскиот парламент околу 17 часот попладнево, каде веднаш потоа се упати на средба со претседателот на групата на Европските народни партии, Мартин Вебер.

Секако дека во процесот ги истражувамесите идеи и на нив гледам со отворен ум. Искрено, важно е тоа што се обидуваме успешно да го искористиме нашето влијание, но би било многу погрешно ако јавно зборувам за содржината на тие разговори, зашто тоа би ја ограничило слободата на засегнатите страни да веруваат дека можат да зборуваат и разгледуваат идеи со нас во рамките на преговорите.
Ричард Ховит, европратеник.

Лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев со својата делегација, која се наоѓа во Стразбур од претпладнето, исто така имаше средба со претседателот на групата на Социјалистите и демократите во ЕП, Џани Питела. Но, со оглед на густината на нивната програма не успеавме да добиеме повеќе детали, дали имале други билатерални разговори во Европскиот парламент, јавува дописникот на МИА од Стразбур Тони Гламчевски.

Премиерот Груевски имаше одвоена средба и со еврокомесарот за добрососедска политика Јоханес Хан, додека од страна на делегацијата на СДСМ не успеавме да добиеме потврда дали и тие имале средба со еврокомесарот.

На овие и на другите средби со европратениците, Груевски и Заев, секој од својата страна, ги запознава соговорниците со ситуацијата во Македонија пред утрешната пленарна дебата во Стразбур на Европскиот парламент, по која не е предвидено да се гласа резолуција.

На вечерашнава средба која започна околу 18 часот зад затворени врати, во сала која се чува во тајност, без дозвола до телевизиските екипи да го снимат нејзиниот почеток, а на која покрај делегациите на македонските политички партии предводени од Груевски за ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Заев за СДСМ, се наоѓаат и тројцата „олеснувачи“ - европратениците Иво Вајгл, Едуар Кукан и Ричард Ховит, како и еврокомесарот за соседска политика Јоханес Хан.

Но, според она што ни беше најавено, никој од двата лидери и учесници на средбата нема да се даваат изјави.

Ричард Ховит, кој е еден од тројцата европратеници што го олеснуваат преговарачкиот процес меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, пред вечерашните средби во Стразбур изјави дека на идејата за преодна влада гледа со отворен ум и дека не ја отфрла како опција.

Прашан „дали идеите за т.н. преодни аранжмани ги гледа како начин за напредок“, Ховит вели:

„Имам отворен ум и таа варијанта не ја исклучувам. Тоа е предлогот на една од страните и спротивставена од другата страна. Така што, ако сега јас јавно кажам дали со сè се согласувам или не, би им нештетил на медијацијата и на процесот. Секако дека во процесот ги истражувамесите идеи и на нив гледам со отворен ум. Искрено, важно е тоа што се обидуваме успешно да го искористиме нашето влијание, но би било многу погрешно ако јавно зборувам за содржината на тие разговори, зашто тоа би ја ограничило слободата на засегнатите страни да веруваат дека можат да зборуваат и разгледуваат идеи со нас во рамките на преговорите“, рече Ховит.

На разговорите кои се водат во Стразбур, темата околу која се судираат позициите на власта и на опозицијата е легитимитетот на Владата, при што протестот на СДСМ и митингот на ВМРО-ДПМНЕ требаше да демонстрираат кој ја има поголемата поддршка. Заев во Стразбур дојде со аргумент дека граѓаните се обединети во барањето да падне Владата, додека главниот аргумент на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се спротивставуваат на притисоците, е дека дошле на власт преку фер избори, дека граѓаните им дале мандат - и никој не треба да очекува дека ќе си одат поради протести.

Засега е прерано да се даваат прогнози за резултатот од средбата, но еден од олеснувачите на дијалогот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни рече – охрабрува што овој дијалог се води на највисоко ниво и тој трае веќе повеќе од три часа. Средбата не беше завршена во 21 часот и 30 минути.

XS
SM
MD
LG