Достапни линкови

Македонија има сериозни проблеми, но присуството на сите политички лидери на Советот за безбедност, мирните протести и отворањето на политичкиот дијалог се позитивни работи во последно време, рече амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

Денеска во вашата земја има сериозни проблеми, многу сериозни проблеми, ние се обидуваме да го привлечеме вниманието на луѓето тука, а и во Европа, за тие проблеми веќе неколку години и во октомври во нашиот извештај за напредокот на земјата се обидовме да ги извадиме сите фини зборови и да ги истакнеме прашањата, такви какви што се, особено прашањата за владеењето на правото, селективната правда, борбата против корупцијата, медиумските слободи.

Во последните неколку месеци се обидуваме да најдеме позитивни нешта, бидејќи веќе го пишуваме извештајот за напредокот. Крајниот рок е 31 август и потоа извештајот е затворен.

Со овие зборови евроамбасадорот Аиво Орав во Скопје им се обрати на студентите во Секретаријатот за европски прашања кои дебатираа на тема „Европската унија треба да се прошири за да ги вклучи земјите од Западен Балкан“, во рамки на дебатниот натпреварувачки циклус насловен ЕУ Ѕвезди.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.

За вас млади луѓе, пет години се многу, јас имам 50 години и за мене 5 години се краток период, за историјата се апсолутно ништо. Обидете се да бидете подготвени за тој еден ден по пет години и ќе видите дека апсолутно нема време за губење и дефинитивно мора да се почне уште во овој миг, за да бидете подготвени за членство во Европската унија.

„Во последните неколку месеци се обидуваме да најдеме позитивни нешта, бидејќи веќе го пишуваме извештајот за напредокот. Крајниот рок е 31 август и потоа извештајот е затворен. Во последните недели видовме неколку позитивни нешта. Ако нема ништо позитивно, не можеме вештачки да создадеме нешто. Во последните недели видовме неколку позитивни нешта. Како прво, претседателот го свика Советот за безбедност на кој сите политички партии беа застапени. Второ, протестите во текот на викендот беа мирни. Имаше доста ризици дека нема да бидат мирни, но беа мирни. Ви честитам. Лидерите почнаа да разговараат едни со други. Ова е безмалку чудо, не се случило во земјава со години. А денес има многу важен состанок во Стразбур меѓу премиерот и лидерот на опозицијата и искрено се надевам дека нешто позитивно ќе произлезе од тоа“, нагласи амбасадорот Орав.

Во однос коментарот на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, дека нема да има проширување во следните пет години, Орав им порача на студентите да бидат трпеливи.

„За вас млади луѓе, пет години се многу, јас имам 50 години и за мене 5 години се краток период, за историјата се апсолутно ништо. Обидете се да бидете подготвени за тој еден ден по пет години и ќе видите дека апсолутно нема време за губење и дефинитивно мора да се почне уште во овој миг, за да бидете подготвени за членство во Европската унија“, рече Орав.

Вицепремиерот Фатмир Бесими, кој се осврна исклучиво на дебатата, на студентите им посочи да не ги заборават основните вредности на земјите членки на ЕУ.

„Овие вредности ги споделуваат земјите членки на ЕУ, како и плурализмот, недискриминацијата, правдата, солидарноста и еднаквоста. Секоја европска земја која сака да стане членка на ЕУ мора да ги почитува овие вредности. Доколку земја-членка не ги почитува овие вредности, може да ѝ бидат суспендирани правата кои ги стекнала со своето членство“, рече Бесими.

Студентите од УКИМ и од Универзитетот на Југоисточна Европа, како два тима, дебатираа со аргументи „за“ и „против“ потребата од проширувањето ЕУ со земјите од Западниот Балкан на англиски јазик.

Претставничката на афирмативниот тим Стефанија Темелковска, го спореди односот на ЕУ кон проширувањето со љубовна врска.

„Европската унија, на својот Фејсбук профил го смени својот статус од сингл во верена за земјите од Западен Балкан, а сега го чекаме бракот, а додека тоа да се случи ќе помине извесно време“, рече таа.

Таа како причини за проширувањето ги посочи стабилноста во регионот кој го нуди Унијата, економскиот прогрес, како и меѓусебната културна соработка на земјите членки.

На ова претставничката од негацискиот тим, Фатима Билали, посочи дека неопходно е да се решат внатрешните проблеми во земјава пред да се пристапи кон евроинтеграцијата.

„Дали ние треба да влеземе во ЕУ заради стабилност или треба сами да ја достигнеме, затоа што нашата земја не е толку стабилна како што сака да се прекаже и друго прашање како да учествуваме во обезбедувањето на мирот во ЕУ кога ни самите немаме мирна ситуација дома?“, рече таа.

Студентите долго ги судира своите аргументи за прашањето дали има потреба до интеграција или не. Дел од нив посочија дека во Македонија не се проблем законите ниту бенефитите за маргинализираните групи напишани во разни програми и правилници, затоа што тие на хартија се добро срочени, но нивното спроведување во пракса е лошо. За афирмативниот тим иднината на земјата во ЕУ е посветла и подобра, додека за негацискиот тим тоа е само сон ако прво не се решат проблемите дома. И двата тима на крајот може да се сложат само околу едно, дека нема лифт до успехот, до Македонија по европски стандарди може да се стигне само по скали.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG