Достапни линкови

Загриженост и апели за соработка во Македонија


Ова главно се реакциите на меѓународната заедница во врска со политичката криза во земјата. Во пораките преовладуваат повици за мирни протести и за дијалог меѓу политичките лидери со цел да најдат решение за кризата.

Будно ги следиме настаните во Македонија и заедно со европските партнери остануваме во блиска консултација со владата и со политичките лидери во земјата за да ја пренесеме нашата загриженост за политичката криза.

Ова го изјави портпаролот на Стејт департментот Џеф Ратки на синоќешниот брифинг, во врска со оценката на сенаторот Крис Марфи дека политичката криза во Македонија е потсетник оти официјален Вашингтон не смее да ги земе мирот и стабилноста на Балканот здраво за готово.

„Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат правата на слобода на собирање и мирен протест и да се воздржат од насилство. Ги повикавме властите да остварат напредок во утврдувањето на одговорност во врска со наводите за владини престапи што потекнаа од неодамнешните обелоденувања“, рече Ратки, додавајќи:

Ги повикавме властите да остварат напредок во утврдувањето на одговорност во врска со наводите за владини престапи што потекнаа од неодамнешните обелоденувања. Исто така, ја повикавме опозиционата партија да се врати во Собранието за да може да учествува во зајакната собраниска контрола врз институциите на македонската Влада

„Исто така, ја повикавме опозиционата партија да се врати во Собранието за да може да учествува во зајакната собраниска контрола врз институциите на македонската Влада, меѓу што и во комисијата за истрага на обелоденувањата“, изјави Ратки.

Соединетите Држави се охрабрени од потегот на Владата да ги замени клучните министри и владини претставници кои се наведуваат во аферата со прислушување и тоа го сметаат за позитивен чекор, но според Ратки сите лидери во Македонија треба да соработуваат и да се ангажираат во дијалог за прашањата со кои се судира земјата, како неопходните реформи и тековната политичка криза.

Европската унија, каде што во понеделникот шефовите на дипломатиите беа запознати со ситуацијата во Македонија, исто така наведува дека внимателно ги следи настаните во Македонија и оти ги охрабрува лидерите да го продолжат дијалогот.

„Најважно е да се избегнат насилства во Македонија“, изјави во понеделникот во Брисел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи и за одбрана на Европската унија.

Според него, е важно е да се избегнат нови насилства, да се обезбеди развој на демократските институции и на владеењето на правото со цел избегнување на ескалација на кризата и на конфликт во Македонија.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во понеделникот во Брисел разговараше со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, за време на престојот во Белград оцени дека ситуацијата во Македонија била поврзана со одбивањето на македонската влада да воведе санкции против Русија и поради нејзината поддршка на гасоводот Јужен тек.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG