Достапни линкови

logo-print

„Пролетен маченик“ на Богдановска


Пролет, секоја наредна пролет ќе биде подобро. Ние чекаме. Така се плашиме скромно, беседиме во празни разговори. Да, македонската уметност ја издава прашината од земјата која е тажна и понекогаш не гуши. Така не потсетува и понекогаш не убива. Стерилни воздишки, и галењето од Сонцето слабо не лечи. Но, се исправаме држејќи го телото, секој ден, во наивност и заседа пред скршената слика. Фотографски ризик.

Ова се размислите на Дијана Богдановска преточени во стих како еден вид самосвојна експликација за нејзината петта самостојна изложба насловена како „Пролетен маченик“, што од 18 мај се одржува во НУ Центар за култура „Кочо Рацин“ - Кичево. Станува збор за одбир од фотографскиот сет „Болници“ што беше одржан оваа пролет во Галеријата „АА-колекции“ во Виена, Австрија.

Бидејќи уметникот ја има најголемата слобода, како општествена етикета, одлучив таа замислена слобода да ја преточам низ стихови наместо ликовна критика, и во една низа перформативни фотографии кои стојат замрзнато во концептот или отскокнуваат, штрчат во пристапот.

Во информацијата за таа постановка, пак, Јана Колева ќе забележи дека „ уметницата Дијана Богдановска во својот проект – серијата фотографии концпирани околу насловот „Болници“, го детектира и естетизира гнилежот во локалното (па и пошироко) секојдневие. Деконструктивизмот и симболиките на гнилост и изветвеност, кои провејуваат речиси во секоја фотографија, ефектно се вклопени во магловита, и речиси, сонлива атмосфера натежната со меланхолија.

Дијана Богдановска.

Дијана Богдановска.

Среде сета сценографија на старудии, лекови, завои и други симболични експонати, Богдановска го става и сопственото тело како елемент во болничката приказна. Поставувајќи се неретко себеси пред објективот, таа преку своите фотографии испишува една своевидна женска приказна за симболичното болничко лекување од сè она што нè гуши и затвора во прангите на апатијата, и макар краткотрајно, од чувството на безизлезност“ - пишува Колева.

„Иако во речиси дестабилизирана општествена состојба, уметникот е тој што најмногу во себе апсорбира ситуации од просторот со којшто е опкружен и живее и твори во истиот тој простор. Бидејќи уметникот ја има најголемата слобода, како општествена етикета, одлучив таа замислена слобода да ја преточам низ стихови наместо ликовна критика, и во една низа перформативни фотографии кои стојат замрзнато во концептот или отскокнуваат, штрчат во пристапот“, ќе рече уметницата.

Родена 1984 година во Тетово, Дијана Богдановска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за сликарство, насока – конзервација и реставрација, во класата на професор Антони Мазневски.

По дипломирањето образованието го продолжува на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје, каде што изучува родови студии. Токму од интересот кон општествените прашања, како феномен ја издвојува појавата на сиромаштијата, поттикната од корпоративизмот. Од другата страна на овој општествен проблем, како жена уметник, таа ја истражува и можноста за радикални промени во општеството: субјективитет, тело, сексуалност, род и дискурсот на феминизмот во уметноста. Згора на тоа најчесто го користи и своето тело како медиум.

Инаку, Богдановска е уметница која преку своите досегашни дела го истражувала интердисциплинарниот пристап на традиционалните и новите медиуми. Досега учествувала на македонските јубилејни изложби во Виена, Австрија, и Прага во Чешка. Покрај четирите локални и една интернационална самостојна изложба во Виена, остварила и еден резиденцијален престој во „Култур контакт“ во Австрија.

Во престојниот период уметницата своте дела ќе ги претстави на неколку групни домашни и интернационални излагања, а веќе извесно време се подготвува да аплицира и за голема респектабилна самостојна изложба во Националната галерија на Македонија, објект „Мала станица“ во Скопје во текот на 2016 година.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG