Достапни линкови

logo-print

Најмногу коментари за постојаните протести во Скопје


Анти-владините што се одржуваат деновиве и за денеска најавениот провладин собир во Скопје се најкоментираните теми од нашите читатели.

По големиот сеграѓански протест во организација на невладини организации и опозицијата предводена од СДСМ во Скопје, Цеца од Скопје на веб-страницата на Радио Слободна Европа кратко и јасно го искажала својот став: „Овој народ е за пофалба, без закани доброволно се собира, Грујо треба да падне“. На Твитер, Фендета напишала: „Непроценлива глетка“. На нашата Фејсбук страница, пак, Мефаил Адили напишал: „ВМРО дојде на власт со бугарска политика, а ќе си замине со српска пропаганда“.

Овој народ е за пофалба, без закани доброволно се собира, Грујо треба да падне.

Има повеќе пораки, главно подбивачки, во врска со бројноста на протестантите, а Далибор Андреевски порачува за тие што по протестот останаа да ноќеваат пред Владата: „Пратете им цистерна и намокрете им го тревникот убаво“. Звеки Сабја смета дека тие што протестирале не знаеле зошто протестират и дека сите требало да се испратат дома „со по една клоца“, како што напишал.

По нашата информација за осмиот протест на граѓаните, не пред Владата, зашто не им е дозволен пристап, туку по улиците на Скопје и пред Собранието и по најавениот контра-протест на владејачката партија за понеделник вечер, Незабеган коментира дека само кај нас во Македонија се организира (контра) протест за искажување задоволство. Но, додава истиот посетител на нашата веб-страница, едни одат на протест зашто сакаат, а други на друг протест зашто мораат (ѝ должат на партијата).

Нема власт со тие стари фаци и со тој претседател кого Бог го испратил од нива да ги пуни своите сметки.

Анонимен во коментарот се обраќа на СДСМ, коментирајќи дека од 2006 се испразнило „она што е крадено, па сега мора по улица да се земе власта пак за да може да се пуни нормата“ и предвидува дека никогаш немало да дојде на власт со тие, вели, „стари фаци и со тој претседател кого Бог го испратил од нива да ги пуни своите сметки“. Дејан од Скопје цинично го коментира слоганот на антивладините протести, „ЗБОГУМ НИКОЛА“: „Колку што разбирам, пораката значи дека демонстрантите ќе се иселуваат некаде, бидејќи Груевски не изгледа дека има намера да оди никаде?“ Драге од Преовце, пак, како да се надоврзува и напишал: „Сас здравје ви пут“.

Љупчо од Скопје својот протест го упатува до Радио Слободна Европа: „Протестирам што ова радио, инаку гласило на ЦИА, ми врши пропаганда и ми соборува влада за која сум гласал“.

Незабеган ја коментира информацијата дека ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Заев по објавувањето на снимката на Јутјуб на која се слуша дека Заев наводно бара мито од некој соговорник: „Иста моронштина и инфантилност како од оние клонови/кловнови од 'граѓанското' здружение ГДОМ кои го повикуваат граѓанството за заштита од опозицијата која дури не е во парламентот“. Па извикува дека ова го нема ни во Северна Кореја ниту го имало во Србија на Милошевиќ.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG