Достапни линкови

Кампување пред Влада до оставка на Груевски


Со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине, мора да замине, рече Заев. На протестот се обратија студенти, режисери, активисти, хонорарци и сите побараа оставки од владата.

„Збогум Никола“, „Бараме оставки“, „Оди си!“, се скандираше на антивладиниот протест во Скопје.

Овде порачувам со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине, мора да замине. Друго решение почитувани граѓаните за кризата која е во кумулативна фаза, нема.

Дојдовме по нашата иднина, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев во обраќањето пред демонстрантите.

„Овде порачувам со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе замине, мора да замине. Друго решение почитувани граѓаните за кризата која е во кумулативна фаза, нема“, рече Заев, додавајќи дека нема да си заминат се додека не го вратат мирот, достоинството и спокојството на граѓаните на Македонија. Тој зборуваше и за тоа што би направиле ако дојдат на власт, ветувајќи дека ќе направат општество во кое ќе има место за сите.

Албанка и Македонец студенти беа први говорници на антивладиниот протест. Порачаа дека нема да се продадат за таблет и побараа подобрување на образованието и на студентските домови. Тие побараа граѓаните да научат што е демократија, за да се се доведат пак во ситуација студентите да ги учат што е тоа.

Ова ме потсетува на една реплика – Нешто е труло во државата Македонија, и затоа треба да оздрави.

„Мојата генерација верува во моќта на заедништвото, верува во демократијата, верува во слободата, затоа ние сме најупорни и конзистентни и во борбата за нашите идеали“, рече студентот.

Режисерот Александар Поповски вели дека протестирал многупати досега и за Нешкоски и за Тамара, за Кежаровски, за припадниците на ЛГБТИ, и за ГТЦ и за зеленилото и за студентите и за сè за што имало потреба, а протестира и денеска.

„Ова ме потсетува на една реплика – Нешто е труло во државата Македонија, и затоа треба да оздрави“, вели Поповски.

Водителот и активист Огнен Јанески рече дека со три оставки не може народот да се задоволи, па побара оставки и од другите министри.

Фала ти Никола, фала ти, што не обедини да го одбраниме уставот од тебе и сите заедно обединети, а не има од секаде и не има секакви, бараме одговорност.

„Ние сме камбаните кои што нема да престанеме да биеме, ние сме камбаните кои што секојдневно овде ќе го изразуваат својот револт, затоа што имаме глас, имаме слободен ум, имаме слободна мисла што не води, затоа што сме луѓе, затоа што никој не може да не заработи, затоа што срцето ни е слободно а слободата доаѓа одвнатре Никола.“

На собирот се обрати и поранешниот дипломат Никола Димитров, дел од движењето „Има иднина“.

„Фала ти Никола, фала ти, што не обедини да го одбраниме уставот од тебе и сите заедно обединети, а не има од секаде и не има секакви, бараме одговорност“, рече Димитров.

На антивладиниот протест се обратија активистите Џабир Дерала и Мирјана Најчевска, режисерот Владимир Милчин, кој е и директор на „Отворено општество – Македонија“, новинарот, активист и музичар Петрит Сарачини-Мра кој до граѓаните се обрати папарелно и на македонски и на албански. Говореше и Марија Џоунс, преведувачка, која како што рече, повеќе од 20 години е хонорарец и побара новата влада да ги укине сите неправедни закони. Меѓу говорите може да се слушне музика, како и хумор на сметка на припадници од власта. Граѓаните слушајќи музика се фатија за раце и заиграа и оро. Протестот помина мирно, без инциденти, а можеше да се забележат македонски, турски, српски, ромски знамиња, но забележливо е отсуството на партиски обележја на протестот.

Не ви треба гости од странство да ви ја решаваат кризата, тоа можете сами. Дојдов овде во знак на солидарност со сите оние што денеска мирно протестираат. На Македонија и е потребно враќање на демократијата.

На собирот се обратија и европратеник Кнут Флекенштајн, како и Сергеј Станишев, претседател на партијата на Европски социјалисти.

„Не ви треба гости од странство да ви ја решаваат кризата, тоа можете сами. Дојдов овде во знак на солидарност со сите оние што денеска мирно протестираат. На Македонија и е потребно враќање на демократијата“, рече Флекенштајн.

Санишев пак вели дека граѓаните пратиле јасна порака, дека сакаат мир.

Сергеј Станишев, претседател на партијата на Европски социјалисти.

Сергеј Станишев, претседател на партијата на Европски социјалисти.

„Сакам да знаете дека вашиот глас се слуша и во ЕУ, никој не може да ве игнорира“, рече Станишев.

На протестот учествуваат илјадници граѓани, а планирано е повеќе од 4 илјади да останат да спијат пред Влада и во континуитет да го продолжат протестот. По говорите, активисти вадат шатори, душеци, ќебиња за останатиот дел од протестот, кампувањето пред влада.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG