Достапни линкови

Бајер - Опасност од одземање на препораката за преговори


Некои земји членки во Брисел, ако политичката ситуација не се подобри, ќе сакаат да ѝ ја одземат на Македонија препораката за почеток на преговори за членство во ЕУ, вели австрискиот амбасадор во Македонија, Томас Михаел Бајер, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Г-дине Бајер, како гледате на последните случувања во Македонија по судирите во Kуманово?

Пред сè сакам да изразам загриженост и да искажам сочувство за луѓето коишто загинаа при овој инцидент. Мислам дека начинот на кој се соочија со последиците покренува позитивни чувства, особено состанокот на Советот за безбедност, на кој за прв пат по многу време на иста маса седнаа политичките опоненти кои одбраа, во ситуација кога е навистина опасно, да покажат дека политичките сили се сплотени. Ние го поздравуваме тоа и се надеваме дека сè додека оваа политичка ситуација на отсуство на опозицијата од парламентот трае, овие седници може да се искористат за решавање и на други проблеми со кои се соочени сега.

Како ја оценувате безбедносната ситуација во земјава по протестите кои добија насилен тек и по кумановските жестоки судири?

Мислам дека треба да ги одвоиме двата настани. Секаде има протести, имавме протест во Австрија што беше понасилен од овој тука и ова е прашање на одговорност на владата да се справи со нив на начин на кој ќе овозможи право на движењето и слобода на изразување, а од друга страна да се погрижи за безбедноста. Мислам дека досега ова генерално беше спроведено на одговорен начин. Се разбира никогаш не се знае кога работите ќе тргнат на лошо, но мислам дека на тој начин беше постапено. Другата ситуација во Куманово се разбира е многу сериозна и ние имаме недостиг од многу информации, па единствено што може да направиме е да го дигнеме нивото на предупредување за време на случувањата, не знаеме што може да се случи. Имаме индикации дека и други инциденти може да се случат и ние треба да бидеме претпазливи и да им кажеме на австриските граѓани, за кои сме одговорни, да бидат внимателни и да ги почитуваат нашите инструкции.

Какви се инструкциите?

Инструкциите за викендов беа да се движат подалеку од Липково и кумановската област. Сега сè уште им велиме дека ако немаат есенцијална потреба да одат таму, да бидат подалеку, затоа што не знаеме што може да се случи. Инаку, австриските граѓани се слободни да се движат каде сакаат и тоа го прават.

Еврокомесарот Јоханес Хан порача дека овие случувања не треба да го одвлекуваат вниманието од сериозната внатрешно политичка ситуација. Стравувате ли дека меѓуетничките односи ќе бидат ново жариште во моменталната криза?

Не, сè уште. Се разбира тоа може секогаш да се случи, но првите реакции коишто ги добивме по инцидентот во Куманово и ова беа реакции од местото на настанот, имавме луѓе во Куманово за време на случувањата, зборувавме со многу луѓе, со ОБСЕ и со други набљудувачи и првата реакција беше јасна порака од населението дека што и да се случуваше во Куманово нема врска со меѓуетничките односи и мислам дека така треба да остане. Така што, не, не мислам дека ова е меѓуетнички проблем, туку е проблем на безбедноста, проблем на транспарентност, многу малку знаеме за позадината. Ние се надеваме дека наскоро ќе дознаеме повеќе, но случувањата не влијаат врз меѓуетничката стабилност во моментов.

Дали владата водена од Никола Груевски ја има довербата на западноевропските земји како кредибилен партнер?

Се разбира, владата на Македонија е наш партнер и ние континуирано комуницираме на многу чест и отворен начин, како што треба да биде направено со земја кандидат за членство во Европската унија, која е многу блиску до европското семејство. Особено сега, ние имаме директни контакти, мојот министер за надворешни работи се слушна со министерот Попоски веднаш по случувањата и имаа отворена дискусија за перспективите кои произлегуваат од овој случај.

Но, колку недостатокот на транспарентност што го има владата има некакво влијание врз односите со западноевропските земји и што е со довербата, кога има недостаток на транспарентност?

Па, јас не можам да зборувам за другите европски земји, можам да зборувам за Австрија, за линијата што ја заземаме во ЕУ и се разбира, како што беше јасно укажано од Брисел и оттука и од она што имам мандат да кажам од Европската унија, јасно е дека бараме повеќе транспарентност во однос на политичката ситуација, тоа значи аферата со прислушување, тоа исто така значи и перспективи за како може да се придвижи демократскиот процес и да, сакаме да ги добиеме овие одговори и се обидуваме да ги добиеме и ги адресираме секогаш кога можеме.

Меѓународната заедница неодамна искажа загриженост дека владата не презема сериозни мерки во однос на прашањата и проблемите кои произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори на министрите во земјава. Што мислите, како треба да се реши овој проблем?

Тука има две работи. Прво треба да се одговори зошто се прислушувало, тоа е една работа, и сега, кога се тука, кога се отворени за сите, покрена обвинувања за дела коишто не се законски и не се во склоп со владеењето на правото. Така што, да, сакам овие факти да излезат на виделина, знаеме дека ова не е лесна задача. Јас разговарав со министерот за правда и за димензијата на материјалот таму ќе биде потребно многу време да биде сработено на правилен начин. Но, ние како дел од ЕУ понудивме помош и како што знаете се прават напори за разговори со авторитетите кои се затекнати на средина, само за да се пристапи до димензијата на проблемот. И ние знаме дека ова не може од денес за утре да се реши, така што за да се реизгради довербата, потребно е да се забрза политичката ситуација, повторно да стартува демократскиот процес. Не може да чекаме на целосна разрешница на овие отворени прашања кои произлегуваат од аферата со прислушувањето. Ова е долгорочно прашање, а знаете дека правдата секогаш работи побавно од политиката.

Хипотетички, како би постапиле австриските институции доколку во вашата земја се случи ваква политичка криза?

Тоа е хипотетичко прашање, ние одамна имавме една сериозна криза на демократијата, за време на првата Република, меѓу двете светски војни, кога поради несогласувањата меѓу социјалдемократите и конзервативците три претседатели на Парламентот си поднесоа оставка еден по друг во знак на протест, што автоматски значеше парализирање на парламентот. И тогаш владата, во тоа време водена од христијанските социјалисти, ја искористи приликата за да го заобиколи Парламентот и да владее без него. Ние тогаш имавме многу сериозна демократска криза, таа не може целосно да се спореди со оваа, будејќи тука работите се случуваат поинаку, Парламентот не беше никогаш целосно парализиран. Во Австрија тоа беше случајот, а последиците беа граѓанска војна и парализирање на целиот политички систем 4 години, со што меѓу другите факти, отвори можност за нацистите да навлезат и да ја освојат Австрија. Ова е многу сериозно, ова е лекцијата што ја научивме, по што во втората Република која ја имаме и денеска, политичарите се многу внимателни со демократијата. Така што, хипотетички, ако се создаде политичка криза, обично гласачите на следните избори го даваат одговорот. Понекогаш тоа се редовни, а понекогаш вонредни избори, и обично на нив гласачите им ја испорачуваат сметката на политичарите.

Што би им порачале на власта и на опозицијата за надминување на разликите и разрешување на политичката криза?

Па, ние секогаш велиме дека Парламентот е место каде што треба да се решаваат политичките разлики. И ние навистина мислиме дека е потребно тие да најдат начин со приоѓање еден кон друг, со посегнување кон понудената рака од граѓанската заедница да се реши овој проблем. Ние имаме многу посебна врска со ова затоа што Австрија навистина сака Македонија да стане рамноправен член на Европската унија. Ние не сакаме овие пречки да ја влошат ситуацијата која поради причините што ги знаете е доволно тешка.

Изминативе недели имавме најчесто мирни протести, има најава за голем протест денеска, дали е тоа вистинскиот начин за промени? Постои ли ризик за насилство на овие протести?

Како што реков, протестите се многу легитимен начин за да се изразат демократските идеи. Ние може само да се надеваме дека нема да има потреба да се прибегне кон насилство. Досега мислам дека ова беше одговорно спроведено и од двете страни, иако имаше некои случаи каде што линијата беше премината, така што, да, мислам дека протестите се легитимен дел од демократскиот процес и ние само може да се надеваме дека сите ги вежбаат неопходните мерки за да ги одржат овие протести мирни.

Какви се шансите Македонија да ја изгуби препораката за преговори од Европската унија во октомври доколку нема разрешница на политичката криза?

Шансите за тоа дефинитивно постојат. Можам да кажам дека ние знаеме дека некои земји членки во Брисел, ако политичката ситуација не се подобри, ќе го одберат тој начин да одговорат. Можам само да ви кажам дека ние во Австрија сме против да се одземе препораката за преговори, бидејќи сметаме дека континуираниот начин, иако трае долго за Македонија, да пристапи кон Европската унија е нешто што не треба да биде прекинато. Бидејќи еднаш ако препораката се одземе, ќе биде многу тешко да се врати. Тоа ќе донесе многу ризик за самата Европската унија, затоа што ние ќе се соочиме со ситуација каква што досега не сме имале, а тоа може да донесе ризик и загриженост за стабилноста на регионот. Ние мислиме дека треба да ги видите препораките во еден контекст, кој не е е поврзан само со случувањата внатре, во оваа земја, туку што се случува на Балканот и што може да се случи ако препораката се повлече. Ова е широк опсег, ние мислиме дека треба многу внимателно да се разгледа, тоа е огромна одговорност за нас, но нашата задача ќе биде многу полесна ако добиеме некаков одговор од македонската страна, некакви сигнали дека има начин за некакви подготовки, приближување. И повторно, како што кажав на почетокот, присуството на политичките сили на Советот за безбедност е многу позитивен сигнал и ми дава надеж може да стигнеме до некаде.

Како ја оценувате економската соработка меѓу Македонија и Австрија?

Австрија е број два инвеститор во Македонија и јас засега сум задоволен со нашите инвестиции затоа што сите тие се инвестиции коишто креираат работни места. Има и други инвеститори коишто создаваат капитал, но ние создаваме работни места. Така што мислам дека е многу значајно начинот на којшто нашите инвеститори работат тука, особено во делот на енергија, банкарство, осигурување, тоа се многу добри создавачи на работи и интензивни операции. Ние не сме многу среќни со брзината на донесување на нови инвеститори, но за тоа се разбира причините се спомнати во извештајот за напредокот од Европската комисија. Климата за инвестиции не е секогаш добра како што се претставува и имплементацијата на тие регулативи што навистина ќе ги забрзаат инвестициите не се движат со ист степен и брзина со која се носат тие регулативи. Довербата во погодната инвестициска клима некако се намалува. Сме го кажале тоа многу пати, билатерално и при роуд-шоуата, а исто така е напишано и во извештајот за напредокот, ако го читате внимателно.

Што треба да се преземе за да се подобри соработката?

Треба да има стабилност во донесувањето на законската основа за инвестиции и да не се менуваат законите или нивната интерпретација. Финансиската, а особено правната сигурност треба да се зајакне. Правната рамка што се однесува на основата на инвестициите, законите за даноци, специјалните привилегии за инвеститорите од една страна, и правната ситуација, ако работите тргнат лошо и мора да одите на суд. Овие две работи треба да се подобрат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG