Достапни линкови

logo-print

Протест за оставка на владата


Антивладини протести се одржуваат секој ден од 5 мај

Антивладини протести се одржуваат секој ден од 5 мај

На протестниот собир пред владата на Република Македонија се очекуваат десетици илјади граѓани од цела Македонија. Лидерот на СДСМ Зоран Заев повика на мирен и ненасилен протест се до оставка на владата

Граѓански здруженија, невладини организации и политички партии, меѓу кои и најголемата опозициска партија, Социјалдемократски сојуз, денеска во Скопје пред зградата на владата на Македонија организираат протестен собир под мотото „Граѓаните за Македонија; доаѓаме“, на кој, како што најавуваат од оваа партија, се очекува да присуствуваат десетици илјади граѓани од цела Македонија.

Одлуката е - остануваме до крај. Додека Груевски не даде оставка. Ќе ги обезбедиме сите ресурси согласно со нашите можности, и тоа продолжување да биде мирно, ненасилно, со одредени содржини кои ќе бидат за луѓето што ќе одлучат да останат во континуитет на овој протест

На протестите, за кои беше речено дека се поддржани од уште 14 политички партии, според најавите, ќе присуствуваат и неколку европратеници од социјалдемократскиот блок меѓу кои и поранешниот известувач за македонија во Европарламентот Ричард Ховит, како и поранешните амбасадори на ЕУ Ерван Фуере и на Холандија Симоне Филипини.

До протестот доаѓа по повеќе од 3- месечно објавување на прислушувани телефонски разговори меѓу, како што тврди опозицијата, највисоките претставници на власта, од кои може да се слушнат сите нивни криминални активности.

Протестот ќе биде мирен, демократски и ненасилен, повтори неколку пати во последниве денови лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на обвинувањата дека се подготвува украинско сценарио. Ако власта е неодговорна ние сме одговорни и секако дека ќе направиме се да не се случи каков било инцидент, па дури и никаква провокација. Имаме план како тоа да го организираме согласно со сите наши можности и ќе направиме се, ако власта одлучи да го прави тоа.

„ Ќе се обратат европски пратеници и нема да дозволиме никој да се срами пред нив. Сите наши активисти ќе снимаат и сликаат можен чекор за насилство. Ќе имаме тампон зона од млади активисти меѓу полицајците и сите оние кои ќе протестираат. И на протестот ќе има обраќања, а не директно соочување со полиција и протестанти како што се случува“, изјави Заев.

Тој повеќе пати упатуваше апел до сите граѓани протестите да бидат мирни, со потсетување дека безбедносните служби изминатиот викенд имаа тешка задача која ја исполниле професионално до крај. Обврска е на секој граѓанин, со протестите да дадеме поддршка на полициските сили во Македонија што ќе ги обезбедуваат државните институции.

Заев деновиве истакна дека 4.600 активисти соопштиле оти самоиницијативно решиле да предочат на СДСМ и опозицијата дека сакаат да останат да спијат и во континуитет да го продолжат протестот.

„Согласно тоа, знаејќи дека не сме единствени учесници и поддржувачи на овој сенароден протест, тука се и многу невладини организации, граѓански здруженија, многу политички субјекти, интелектуалци, поединци, граѓани, одлуката е- остануваме до крај. Додека Груевски не даде оставка. Ќе ги обезбедиме сите ресурси согласно со нашите можности, и тоа продолжување да биде мирно, ненасилно, со одредени содржини кои ќе бидат за луѓето што ќе одлучат да останат во континуитет на овој протест“, рече Заев.

Според него, и неколку политички субјекти од албанскиот блок најавиле учество на протестот.

Иако организаторите најавуваат мирни и ненасилни протести кои треба да го изразат незадоволството од политиките на актуелната власт и да побараат нејзина оставка, веќе подолго време членови на владејачката партија и провладините медиуми информираат за црни и крвавави сценарија кои, како што додаваат, ги подготвувал опозицискиот СДСМ. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ за утревечер најави народен собир пред Владата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG