Достапни линкови

logo-print

Опозициските „бомби“ ја зоврија политичката криза


Наместо Груевски да поднесе оставка на три дена по стартот на објавувањето на опозициските бомби, како што најавуваше Заев, три месеци потоа оставки си поднесоа Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков.

Кога ќе почнеме со објавување на првата бомба, Груевски за три дена ќе падне, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев во ноември минатата година на трибина во Битола. А прва материјалите ги спомена заменик претседателката на СДМС Радмил Шеќеринска, некаде во јуни.

Ме информираше дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв.

Но од најавата до стартот на проектот наречен „Вистината за Македонија“ помина доста време, па експертите тогаш повикуваа да не се тактизира со објавувањето на материјалите, оти како што велеа, бомбите може да им експлодираат во раце. Паралелно со најавите за „бомбите“, се случија студентските протести, штрајкот на СОНК, протестите на хонорарците. Кризата дополнително се продлабочуваше, а протестите зачестуваа, па се случија и средношколците, наставниците.

По долги најави, власта како да ги забрза работите, па во сабота на последниот ден од јануари објави дека Заев прави пуч.

Ова што го имаме покажува дека од државната служба, УБК, направиле вистински монструм што слуша и контролира над 20.000 граѓани: опозиција, новинари, бизнисмени, невладин сектор, членови на Влада, на Парламент.

„Ме информираше дека во соработка со одредена странска разузнавачка служба прибавил снимени телефонски разговори речиси од целиот државен врв, тргнувајќи од Претседателот на државата, Собранието, владата, медиумите и други политички и јавни лица од власта и од опозицијата. Го прашав неколку пати дали е сигурен во тоа што го говори и дали е сигурен дека навистина станува збор за странска разузнавачка служба, на што добив потврдни одговори“, рече Груевски во обраќањето на кое не беа дозволени новинарски прашања.

Груевски тогаш рече дека Заев му раскажал неколку телефонски разговори, за кои премиерот констатираше дека дел се точни, дел половично точни и дел неточни.

Во Македонија, само во период од неколку години, се прислушувани над 20.000 граѓани! Зад оваа операција стојат Никола Груевски и неколку луѓе околу него, рече Заев на 9 февруари, кога ја објави првата таканаречена бомба.

„Ова што го имаме покажува дека од државната служба, УБК, направиле вистински монструм што слуша и контролира над 20.000 граѓани: опозиција, новинари, бизнисмени, невладин сектор, членови на Влада, на Парламент. Слушаат кога разговараме на политички теми, слушаат кога работиме, влегле во нашиот најинтимен дел од животот, прислушуваат кога зборуваме со нашите деца!“, рече Заев.

„Бомби“ на СДСМ: Власта во сè се меша

Па следуваат бомбата за судството, трета бомба за Љубе Бошкоски, четврта за новинарите, потоа како што велат од СДСМ, признавање дека власта троши за чоколада, а нема ни за леб, па „бомби“ за партиски вработувања, лустрација, за местење избори, за бранителите, па до последните за Мартин Нешкоски, Никола Младенов, силеџиите со полициска значка. За 97 дена колку што поминаа од првата бомба можеше да се чуе се и сешто, луѓето беа нарекувани со погрдни имиња, па имаше влечење за уши, човечиња кои фатени за рака идат да гласаат, план како да се исклучат лифтовите во зградите, за да не може пензионерите да гласаат, искористување на ранливи групи на граѓани, фрлање во ендек, и што ли уште не. Како власта бирала судии, одлучувала кој на која позиција ќе се вработи, од највисоките места, па се до место во парк Галичица, како се рекетирале фирми, се зимале провизии од странски фирми, се уредувале вести во медиуми, па после како што објаснува еден уредник, тие личеле на „куртон“, па организирање на контрапротести и едно 5-6 шамари за Жерновски.

На почетокот власта не ги коментираше прислушуваните разговори, а во партиското соопштение после секоја бомба следуваше истото, разговорите се сечени, монтирани, лепени.

По една од бомбите во која како што велат од СДСМ, можеше да се чуе како министерот за финансии признава има неконтролираното трошење на буџетските пари за непродуктивни работи и дека, како што вели, самиот глас од разговорот, власта се однесува како лудаци, на прес конференција излезе Ставрески.

Машки глас: Горде, и да е подобро, ние додаваме, нон-стоп, толку многу трошоци и обврски да не постои нормална земја у светов, Америка да бевме па ќе, немаше да издржиме. Нема седница на Влада, нема седница на Економски совет, сега и тие комитетите ги креиравме, на секое од тие седници доаѓаат креативни идеи што да се прави. Патеки околу ова, патеки околу она, аква паркови... Не знам што праиме. Мислам, ние сме лудаци. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Тоа треба да го разбереме дека е ненормално.

Женски глас: Идиотска е состојбава.

Машки глас: Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада а немаме леб дома, тоа праиме ние.

Ставрески рече дека снимките биле нецелосни и со селективна природа и имале за цел да внесат раздор во економскиот тим на Владата.

Целокупниот настан е базиран на замена на тези и ставање во контекст на одредени креирани.

„Целокупниот настан е базиран на замена на тези и ставање во контекст на одредени креирани. Би сакал да кажам, прво и основно, ништо од она што Заев денеска го зборуваше, а се однесува на наводно лоша економија, на можност за еконосмки крах и дестабилизација на земјата, во моментов јасно и директно можам да порачам дека не е дел од реалноста“, рече тој. Ставрески на прес-конференцијата не испушти да ги наброи успесите на владата во економијата.

Освен навреди за други луѓе ликовите од пруслушуваните разговори, не ги поштедуваа ни своите соработници.

Ставрески покрај тоа што ми е колега, јас го чувствувам како еден многу близок пријател кој е дел од моето семејство и понатаму односите се одлични.

„Женски глас: Вчера, пријателов мој Миле, ми праќа една порака, мислам како.. само јас не се устручавам да му одговорам како шо мислам. Тој и тој предмет чека во МВР. И викам добро Миле, сега ќе ги вратам луѓево да видам што толку чека МВР што ги закочи инвестицииве. Предметот уште не е стигнат у архива. А, по состаноци и секаде.

Машки глас: И тоа копиле, лоша копија е само направена од овој Никола.

Женски глас: Па, неинтелигентна верзија, тоа е.

Машки глас: Да, глупа верзија, го виде како му го пуши?

Женски глас: Да бе, да.“

Но после тоа тогашниот министер Јанакиески, рече дека односите со Ставрески се одлични.

„Ставрески покрај тоа што ми е колега, јас го чувствувам како еден многу близок пријател кој е дел од моето семејство и понатаму односите се одлични.“

А Груевски со коментар:

„Ние сме долги години соработници и одлично се познаваме, многу работи сме ги разрешиле заедно низ многу дијалог, дебати, заеднички мислења, некогаш различни мислења, компромиси, доаѓање до најдобро решение низ многу разговор, така што немаме таков проблем,каков што вие мислите дека имаме“, рече Груевски.

Јанкулоска отпрвин не сакаше да коментира, се до 5 мај кога СДСМ објави материјали за тоа како се скривало убиството на младиот Мартин Нешкоски во 2011, вечерта кога ВМРО-ДПМНЕ славеше изборна победа. Тогаш Заев рече дека Груевски ја „убил“ вистината за Мартин Нешкоски.

„Машки глас: А, што е причината за убиството?

Женски глас: А бе, не е...види сеа, причината за убиството. Овој, преѓе шо ти кажав, дошол малиот у Дом на АРМ, сакал да влезе, овие го избуткале, пошто овој што е од Тигриве, од нивнава банда, бил таму. И после го видел уште еднаш на искачање, кога искачавме од АРМ и детево се сопнало и овој го скршил од мавање. Значи, нити бегал, нити не давал да му стават лисици.

Машки глас: Леее...“

Јанкулоска на пресот што го одржа во владата после објавувањето на бомбата рече дека Заев манипулира со смртта на еден млад човек. Таа држеше прес-конференција додека стотици граѓани пред владата бараа нејзина оставка, но тогаш таа рече дека таков план нема.

„Прашањето на политичката ордоговност е легитимно прашање кое опозицијата секогаш може да го постави и е вообичаено прашање кое опозицијата го поставува по инситиционален пат, но ако ме прашувате за мојата здравствена и физичка кондиција, сум во добра здравствена и физичка кондиција“, рече таа.

Протестите ескалираа и дојде со судир со полицијата, има десетици приведени и повредени лица. Оттогаш се протестира секој ден, освен денот кога наместо протести се оддаваше почит за загинатите полицајци во Куманово. Недела дена подоцна Јанкулоска си поднесе оставка, а Груевски на незино место го предложи, а собранието го изгласа Митко Чавков.

„Многу успешни акции и сложени операции се изведоа во МВР, во овие безмалку девет години, со потписот и одлучноста на Јанкулоска и Мијалков. Голем дел од акциите со наредбите потпишани од нив ќе влезат во учебниците за безбедност на универзитетите, од кои идните генерации ќе црпат искуство“, рече Груевски на собраниската седница на која се гласаа новите министри.

Освен во седиштето на СДСМ во Скопје, „бомбите“ се дисперзираа па имаше и неколку локални од Куманово, Охрид, Струмица, Кавадарци, Битола, Прилеп, Велес... Додека опозицијата објавуваше прислушувани материјали, а потоа маршираше низ центарот на градовите, власта одржуваше средби со граѓаните. Државниот врз на тие средби даваше отчет за постигнатото и ги презентираше новите мерки на кои прибегнаа по стартот на „бомбите“. Па така беа дадени ветувања за повеќе субвенции, повисоки плати, се менуваа закони. Паралелно со тоа една група граѓани собрани околу движењето ГДОМ исто така одеа по градовите, но тие пак, како што велат, ја бранат земјата од предавниците. Некаде на средината на март, еден месец откако СДСМ почна со објавувањето на материјалите од прислушувањето, Во Скопје владејачката партија одржа митинг во спортската сала Борис Трајковски, а во истовреме Заев објавуваше нова „бомба“. Пред тоа СДСМ осмата бомба ја објавуваше во Универзална. Протести, митинзи, собири, партиите билдаат рејтинг како да се пред избори.

На Александар Цветковски од невладината АГТИС тогаш рече дека сè она што може да се слушне во последно време укажува на предизборна кампања.

„Вообичаено постои политичка борба и предизборна борба, но сега имаме комбинација и од едното и од другото, значи од политичка се премина на предизборна борба, а приказната веројатно ќе мора да заврши заради тоа што ние видовме дека имаме потполно руинирани институции коишто не можат да гарантираат никаква независност и исполнување на она што го пишува во Уставот“, вели Цветкоски.

Заев пред да почне да ги објавува материјалите доби тужба за „Пуч“, на 10 ти март, пак, МВР го осомничи за корупција, дека му побарал пари на еден човек за да му заврши некој работа од позиција Градоначалник на Струмица. Во меѓувреме се појавија и снимки снимени во кабинетот на премиерот додека во него разговарале Груевски и Заев пред да почнат да се објавуваат„бомбите.“ А деновиве се појави и видео на јутуб на која тој наводно барал поткуп.

На почетокот на проектот „Вистината за Македонија“, се наметнуваше прашањето ќе успеат ли бомбите да одекнат низ медиумската цензура, оти најголем дел од телевизиите и поголем дел од весниците од прислушуваните разговори.

На почетокот на целата работа пораките од странство говореа дека целата криза треба да ја расчистаат македонските политичари, а помошта од странство се нудеше во вид на олеснувачи, за потоа да зачестат посетите од странци, а двете најголеми партии кои во земјава не може да најдат начин да седната на заедничка маса, да патуваат до Брисел на разговори под будното око на тројца европратеници. Но по настаните во Куманово, амбасадорите во земјата решија да ги посетат македонските политичари. Дипломатската шесторка по средбата со Груевски испрати сериозни критики до премиерот.

„Исто така очекуваме во случајот со обелоденувањата кои јасно откриваат неприфатливо однесување, да бидат преземени соодветни политички и законски мерки против оние кои се одговорни“, рече американскиот амбасадор Џес Белји во името на шесторката амбасадори.

СДСМ да се врати во Парламентот, а и од партијата очекуваме одговорни постапки, рекоа амбасадорите по средбата со Заев. ДУИ треба да помогне сите погрешни работи кои беа објавени да бидат целосно истражени на транспарентен и кредибилен начин, побараа меѓу другото амбасадорите од Ахмети.

За утре СДСМ најави голем и како што рекоа надпартиски протест. Во духот на крушевскито манифест и до СДСМ повикаа Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи и сите кои и мислат добро на Македонија да се приклучат на големиот протест.

„Заедно, обединети, здружени, да испратиме порака до Никола Груевски, човекот кој ја уништи сегашноста и ја загрозува иднината на нашата татковина, дека мора да си замине.Заедно да излеземе на голем мирен протест против мрачните сценарија и обиди за дестабилизација на Македонија. Обединети против насилството и криминалот на нелегитимната власт на Никола Груевски и неговите соработници. Здружени за враќање на европските вредности и мирот во Македонија. Готово е Груевски. Македонија крена глава. Во недела, во Скопје, почнува враќањето на слободата и демократијата“, рече Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.

А што би бил протест, ако нема контрапротест. Во случајов ВМРО-ДПМНЕ најавува митинг за в понеделник,за поддршка на владата.

Членот на Извршниот комитет на партијата, министерот Никола Тодоров, денеска рече дека собирот е закажан за во 20 часот во Скопје, без да прецира на која локација. Митингот, како што рече, е да се испрати порака дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи дестабилизација на земјата.

„ВМРО-ДПМНЕ заедно со македонскиот народ, со сите граѓани, со Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ќе излезе на голем народен митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија. Овој митинг ќе биде мирен, достоинствен и плод на разумот на секој наш граѓанин. Граѓаните на Македонија ќе излезат на улиците на Скопјеза да покажат дека се борат за почитување на правото на глас, за почитување на изборната волја“, изјави Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев ги руши илузиите за Груевски, тој се брани дека се било сечено, монтирано и лепено, луѓето протестираат, странците притискаат. Па се случи и Куманово. Се на се, една вжештена атмосфера, од која неколкуте оставки и лидерските средби се само обид да се излезе. По лидерската средба во четвртокот, Груевски рече дека не планира да си поднесе оставка, а Заев дека СДСМ не планира да се врати во Собранието пред Груевски да си поднесе оставка.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG