Достапни линкови

Антивладините протести го блокираа центарот на Скопје


Со извици „Оставка“, „Готов е“, „Николче диктаторче“, „Нема правда, нема мир“ деветти ден по ред се одржуваат антивладини протести во Скопје

Со извици „Оставка“, „Готов е“, „Николче диктаторче“, „Нема правда, нема мир“, деветти ден по ред се одржуваат антивладини демонстрации во Скопје. Центарот на Скопје и вечерва беше блокиран. Полицијата повторно не дозволи протест пред владата, па стотиците демонстранти, носејќи големо платно на кое пишува „Збогум Никола“ се упатија кон Собранието.

Тие ги повторија нивните барања – Оставка на владата, ослободување на притворените демонстранти од 5 мај наваму и формирање влада за демократизација на институциите.

Луѓе, навистина што сè ни прават, не се издржува. Јас не знам како ви е на сите вас, но јас 10 дена не можам да спијам, не можам да јадам, не функционирам.

Учесниците на протестот пред Собранието дискутираа како да се однесуваат в недела, за кога е закажан голем опозициски протест. Имаше предлози овој протест да му се придружи на тој в недела организиран од опозицијата и невладини организации, протестот да се стави во мирување в недела и понеделник, за кога, пак, е закажан митинг на ВМРО-ДПМНЕ, протестот да продолжи секој ден во 18 часот, како и досега, но се чини дека најголема поддршка доби предлогот, учесниците на овие протести да се соберат пред Основниот суд Скопје 1 па од таму да дојдат на, како што е најавен, големиот сенароден протест пред владата. Сепак, одлуката како да се однесува е на секој учесник поединечно.

„Луѓе, навистина што сè ни прават, не се издржува. Јас не знам како ви е на сите вас, но јас 10 дена не можам да спијам, не можам да јадам, не функционирам. Секој ден сум тука од 6, и да точно тоа треба да го задржиме и убаво е што се истакнува дека ние не сме поврзани со ниедна партија, дека ние само сакаме слобода, правда, демократија“, рече една учесничка на протестот.

Протестите почнаа на 5 мај, откако претседателот на опозицијата Зоран Заев, објави прислушувани разговори меѓу, како што рече, високи државни функционери, кои, според него, докажуваат дека полицискиот и државен врв се обидувал да го прикрие убиството на Мартин Нешкоски пред четири години. Неколку илјади луѓе таа вечер излегоа на протест пред владата, кој се претвори во насилен судир со полицијата.

Во наредните денови полицијата почна да приведува учесници на тие протести. Хелсиншкиот комитет соопшти дека вкупно 42 лица биле приведени, а 15 демонстранти се во притвор, еден е во куќен притвор, а едно лице е во бегство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG