Достапни линкови

logo-print

Балов – „Прима центар – Берлин“ станува мое уметничко дело


Уметникот Јован Балов е избран за Европска личност на Македонија за 2014. Овој наш творец и мисионер, оживувајќи ги митовите и симболите, во изминатата декада од кога постои проект-галеријата „Прима центар“, успеа да направи културен мост меѓу Скопје и Берлин и да го внесе европскиот дух во Македонија, а македонските автори достојно да ги претстави пред тамошната и пошироко - европската публика.

Пред 11 години кога почнав да работам со „Прима центар - Берлин“ воопшто не размислував што ќе се случува и како таа цела замисла ќе се развие. Првичната идеја беше овој Центар да прерасне во неофицијален алтернативен македонски простор каде што ќе се презентираат така поредовно и почесто млади автори од Скопје, од Македонија и каде што ќе се воспостави еден директен линк, како што се вели, мост помеѓу Скопје и Берлин затоа што германската метропола во последно време докажува и покажува колку е значаен ликовен центар во Европа и во светот.

Мене ниту ми беше тоа цел, ниту некогаш размислував во тој правец. Многу повеќе сум концентриран на својата лична уметничка продукција.

Вака уметникот Јован Балов ја почнува сторијата за себе и сопствениот творечко-организациски ангажман на неколку дена по прогласувањето за Европска личност на Македонија за 2014 година.

Продолжувајќи го кажувањето дополнува дека за целото тоа време работите не оделе мазно. Дека проект-галеријата „Прима центар“ преживеала неколку кризи, но дека успеал да опстои на самата идеја и на мотивацијата тој простор не само да битисува туку и да делува активно.

Самата работа во таа Галерија ми одзема толку многу време што тоа ми се одрази во личната продукција и мојата професионална кариера. Сепак, неодамна ми стана јасно дека ништо не е загубено.

Истакнува дека Центарот од самиот почеток е член на Здружението на галеристи и уметници „Колони веринг“, кое патем секој последен петок во месецот организира заедничко отворање на своите галерии и атељеа и дека во тие рамки нема пропуштено ниту еден термин.

Затоа забележува дека веројатно е и нормално што по еден таков ангажман може да дојде ваква значајна награда или вакво големо признание.

„Меѓутоа мене ниту ми беше тоа цел, ниту некогаш размислував во тој правец. Многу повеќе сум концентриран на својата лична уметничка продукција. Така што целата оваа работа со „Прима центар - Берлин“ постојано ми е како некакво споредно делување. Како да сакам да задоволам некоја внатрешна потреба за размена. Да се направи контакт со уметници, да се разменат убави моменти и едноставно да се направи нешто убаво за тие млади луѓе, за тие творци во Македонија“, вели тој.

Балов појаснува дека ангажманот во „Прима центар“ си бара многу време и огромна енергија. Истакнува дека секоја изложба подразбира подготовка на леток, печатење и испраќање на повеќе од 5–6 илјади покани, присутност во Галеријата и на самото отворање. Вели дека тоа време, ако ништо друго барем половината, тој со задоволство би го искористил за работа во своето атеље.

„Самата работа во таа Галерија ми одзема толку многу време што тоа ми се одрази во личната продукција и мојата професионална кариера. Сепак, неодамна ми стана јасно дека ништо не е загубено. Дека можам слободно да кажам оти едно од најголемите и најважни мои ликовни или уметнички, па ако сакате и продукциски дела е самата концепција, работењето на „Прима центар – Берлин“ затоа што јас сум присутен во секоја изложба. Присутен сум во нејзината подготовка, во поставката, во нејзиниот успех и тоа за мене станува едно комплетно уметничко дело на кое работам повеќе од цела една декада“, вели тој.

Балов е свесен дека за да си професионален и независен уметник во исто време значи да си подготвен за т.н. „доживотна борба“. Затоа и по малку е изненаден од ваквиот развој на настаните.

„Оваа награда ме изненади, затоа што е прв пат во Македонија некој сериозно да се заинтересира и да го признае тоа што го работам овде во Берлин. Затоа таа во некоја рака за мене е и голема радост. Меѓутоа самата награда е само еден патоказ и една потврда на сето тоа што досега сум го направил. Таа покажува дека сето тоа што сум го работел досега е добро сработено и на добар пат“, вели тој.

Инаку, Балов вели дека во работата со Галеријата и нема некакви големи планови. Едноставно си пожелува само да продолжи мирно да си ја реализира програмата и во рамките на таквите заложби најавува дека започнува со работа врз пакетот „Македонски уметници“ што е финансиран од Министерството за култура. Дециден е дека неговите цели се насочени во неговата продукција и дека би сакал да почне да ги слави и наградите коишто евентуално би ги добил за неговото сликарство.

Од друга страна, пак, наспроти дострелите, Јован Балов веќе подолго време нема добиено покана од татковината за дома да го претстави своето актуелно творештво.

„До пред некоја година се обидував да направам самостојна изложба со портретите и нив конечно по прв пат да и ги претставам на македонската публика, но тоа не ми успеа. Покрај тоа планирав да прославам 30- години творештво во МКЦ, токму во Галеријата каде што беше доделена наградата, но бев одбиен. Во блиско време немам покани ниту можности да направам изложба во Македонија, но затоа повторно подготвувам една „берлинска“ изложба во Музеј на град Скопје во соработка со Атанас Ботев. Тоа ќе биде презентација на реалисти од Берлин и на реалисти од Македонија. Овдека во Германија си имам програма, па така наскоро ќе се претставам пред оваа публика, потоа се подготвува изложба во Хамбург на која ќе има и мои дела. За самостојни постановки имам покани од Кореја, Велика Британија, но за реализација на сите тие мои професионални планови ми е потребно многу повеќе време и затоа сега го крадам од она што вообичаено го имам за работа во „Прима центар“ за да бидам што повеќе во моето атеље“, вели тој.

Роден 1961 година во Скопје, Јован Балов студиите ги завршил на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во 1987 година. Набрзо потоа заминува во Амстердам и во Берлин, каде што од 1995 година живее и работи како слободен уметник и раководител на проект-галеријата „Прима центар“. Од 2004 до денес во неа се реализирани над 180 изложби и презентации на кои се претставени над 400 творци. Меѓу нив има и 69 постановки со дела од современите македонски уметници, а Балов е иницијатор и реализатор на бројни презентации и изложби на европски автори во домашните галерии и музеи.

Негови најзначајни творечки дела се актуелните портрети, големиот триптих „На германскиот народ“ и серијалот од 120 слики посветени на фреската од Курбиново на која е претставен Архангел Гаврил.

Во 2007 година Балов добивајќи ја наградата „Ригас Карта“ во Атина стана „Херој на балканската култура“, а шест години подоцна на натпреварот во Париз освои прво место за сликарство. Има излагано во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и во многу други светски држави.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG