Достапни линкови

Политичката криза, но и правната несигурност ги одвраќаат инвеститорите


Австрискиот амбасадор во Македонија Томас Михаел Бајер вели дека на македонските власти им било кажано дека довербата во погодната инвестициска клима некако се намалува. Како проблеми се наведуваат честите измени на законите.

Климата за инвестиции не е секогаш добра како што се претставува и имплементацијата на законските измени што треба да ги забрзаат инвестициите не се движат со ист степен и брзина со која се носат тие регулативи. Ова го изјави австрискиот амбасадор во Македонија Томас Михаел Бајер, во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела.

Треба да има стабилност во донесувањето на законската основа за инвестиции и да не се менуваат законите или нивната интерпретација. Финансиската, а особено правната сигурност треба да се зајакне. Премиерот Никола Груевски со владина делегација на бизнис форум во Франкфурт, Германија.

Премиерот Никола Груевски со владина делегација на бизнис форум во Франкфурт, Германија.

Тој истакна дека довербата во погодната инвестициска клима некако се намалува, а за тоа биле информирани и властите при билатералните средби и владините роуд-шоуа.

А исто така, забелешките се напишани и во извештајот за напредокот, ако го читате внимателно, вели Бајер.

„Треба да има стабилност во донесувањето на законската основа за инвестиции и да не се менуваат законите или нивната интерпретација. Финансиската, а особено правната сигурност треба да се зајакне. Правната рамка што се однесува на основата на инвестициите, законите за даноци, специјалните привилегии за инвеститорите од една страна, и правната ситуација, ако работите тргнат лошо и мора да одите на суд. Овие две работи треба да се подобрат.“

Странските инвеститори многу полагаат на тоа дали правниот систем во една земја е во согласност со европското или американското законодавство, дали судството е независно и дали законите важат за сите подеднакво.

Тој додава дека Австрија е втора по ред земја по број на инвестиции во Македонија и е задоволен од досегашниот исход затоа што како што вели нивните инвестиции создаваат работни места.

„Но ние не сме многу среќни со брзината на донесување на нови инвеститори, но за тоа се разбира причините се спомнати во извештајот за напредокот од Европската комисија.“

Неодамна за истиов проблем говореше и германската амбасадорка во Скопје, Кристине Алтхаузер која истакна дека предвидливоста на законската рамка, политичката и макроекономска стабилност, вклучувајќи ги честите и рапидни промени на закони и регулативи кои се важни за компаниите.

„Намалување на административните процедури и законски оптоварувања, како второ. Како трето, континуирана борба против корупцијата и зголемување на напорите за владеење на правото, повеќе или помалку веќе го спомнав тоа. Забрзување на реформите во јавната администрација со цел да се подобри спроведувањето на регулативите и многу важно, исто така е подобрување на образовниот систем кој би создал високо квалитетна специјализирана работна сила со адекватно знаење и вештини за модерниот пазар на труд.“

Податоците на Светската банка за нето прилив на странски инвестиции изразени како процент од БДП покажуваат дека Македонија повторно стои полошо од регионалниот просек и остварува подобри резултати само од Босна и Херцеговина, а во некои години и од Србија.

Поранешниот гувернер на НБРМ, професор Љубе Трпески, вели дека ниту кампањите за привлекување на странски инвестиции и поволностите што им се даваат на инвеститорите веќе не може да се сметаат за предност на Македонија.

„Таму каде што најмногу можеме да направиме за подобрување на инвестициската клима е сигурноста на правниот систем. Странските инвеститори многу полагаат на тоа дали правниот систем во една земја е во согласност со европското или американското законодавство, дали судството е независно и дали законите важат за сите подеднакво“, вели Трпески.

Поефикасната администрација, помалиот потенцијал за корупција, поедноставување на административните постапки и правните процедури, како и редефинирање на образовниот систем се клучните сегменти кон кои упатуваат инвеститорите, а кои се посочени во „Белата книга“, што ја промовираше Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија на почетокот на годинава.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG