Достапни линкови

logo-print

Бас-баритонот Митревски со хуманитарен соло концерт во КИЦ


Со дела од класичната литература, бугарски и македонски песни, овој петок, на 15 мај, во 19.19 часот, во Салонот на Културно-информативниот центар во Скопје, ќе настапи младиот Стефан Митревски. На овој хуманитарен мултимедијален перформанс, македонскиот бас-баритон ќе биде придружуван од бугарската пијанистка Диана Атанасова, а гости ќе бидат и танчарите од балетското студио „Прима Данца“.

Стефан Митревски е млад и амбициозен човек. Оперски пејач. Уметник чие време допрва доаѓа и над сè хумана личност. И, кога ова веќе е познато, нималку не чуди тоа што тој се одлучи средствата собрани од неговиот деби солистички концерт, кој е планирано да се одржи овој петок во КИЦ во Скопје, преку Црвениот крст на Македонија, да ги донира за старите и изнемоштени лица, на оние кои таквата, та дури и симболична помош, им е неопходна.

Овде станува збор за класичен концерт кој нема класично да биде направен. Ако на секој ваков концерт имате програма, овде таа нема да биде ставена на леток, на лист хартија, туку ќе биде на видео-бим на којшто ќе биде објаснето, не само она што го пејам, туку и преводот на делата.

Вели дека на тоа го научил животот и дека едноставно чувствува потреба некому да му помогне. Дека кога би можел сите свои идни настапи би ги правел да бидат хуманитарни.

За своето солистичко деби истакнува дека со пијанистката Атанасова, гостинката од соседна Бугарија, одбрале програма во којашто се арии од класичната музичка литература, од автори како Верди, Лист, Моцарт, Хендл, Шуберт и од бугарски и македонски традиционални напеви. Притоа забележува дека програмски нема да го следат периодот во кој настанале и дека перформансот ќе понуди една нишка на едукативност за публиката.

„Овде станува збор за класичен концерт кој нема класично да биде направен. Ако на секој ваков концерт имате програма, овде таа нема да биде ставена на леток, на лист хартија, туку ќе биде на видео-бим на којшто ќе биде објаснето, не само она што го пејам, туку и преводот на делата. Од друга страна, ќе се обидеме публиката да ја ставиме во исчекување што ќе биде следно, точно тие ќе го знаат авторот, но не и тоа кое негово дело ќе биде изведувано“, вели Митревски.

Тој дополнува дека на овој концерт, покрај пеењето ќе има и глума, дека мултимедијалноста ќе биде збогатена и со настап на една танцова двојка и дека за присутните подготвиле уште неколку пријатни изненадувања.

„Се обидувам да направам не нешто особено „ново“, туку дефинитивно нешто поразлично од постојното. Поразлично од „нормалното“. Едноставно сакаме луѓето да уживаат во она што ќе им го понудиме исто толку колку што ќе уживаме ние во изведбата. Инаку, реално не размислувам каква ќе биде комуникацијата со публиката на концертот сè додека не излезам на сцена. Во тој момент влегувам во улогата и почнувам да работам на контактот со присутните“, вели тој.

Роден 1995 година во Скопје, Стефан Митревски својата музичка наобразба по класично пеење ја почнал во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ кај професорот Дејан Стоев. Образованието го продолжува во Бугарија кај професор д-р Тони Шеќерџиева и таму на 18-годишна возраст ќе ја одигра својата прва главна улога во едно оперско дело. Потем ќе следуваат и ангажманите во уште 9 опери, а Митревски до денешни дни ќе потпише и триесеттина концертни настапи на сцените во оваа соседна земја.

Паралелно на Академијата, кај авторитетната Живка Личева ќе започне да ги изучува и класичните ударни инструменти, а не му се туѓи ни изведбите на пијано и гитара – инструментите коишто се труди што подобро да ги совлада во слободното време.

Инаку, досега со успех има учествувано на неколку меѓународни натпревари во Бугарија и во Србија, а неодамна стана и добитник на целосна стипендија за школување во Полска.

„Моите амбиции по престојот во Полска, каде што патем очекувам да има многу концерти и уште повеќе работа, се насочени кон Австрија, Германија, Италија. Човек никогаш не знае што му нуди животот, но во основа би сакал да се образувам, да магистрирам, потоа да докторирам во некоја од тие земји. А, кога сме веќе кај нивоата од тој процес, кај скалите кои треба да се изодат, секој музичар се обидува да се искачи погоре. Целта на секој од нас, посебно на пејачите, е една и единствена – Миланската скала каде што е врвот на класичното пеење, каде што се најголемите и најмоќните светски оперски уметници“, вели тој.

Згора на ова Митревски забележува дека би сакал во догледно време да се проба и во светот на популарната музика, а знае да каже дека со посебен пиетет им се обраќа и на најубавите македонски народни песни кои му ја исполнуваат со милина душата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG