Достапни линкови

Осми протест за оставка на Владата


Демонстрантите уште еднаш на премиерот му порачаа „Збогум Никола“ и рекоа дека ќе протестираат секој ден во 18 часот, сè додека целосно не бидат исполнети нивните барања.

На осмиот протест пред Владата во Скопје, неколку стотици граѓани и активисти и денеска побараа оставка на Владата и на премиерот Никола Груевски. Полициски кордон и вечерва беше поставен на булеварот Св. Климент Охридски и не им дозволуваше на демонстраните пристап до владината зграда.

Трето, според мене, најважно барање е да се формира влада која ќе ги демократизира институциите.
Билјана Гинова, активистка.

Демонстрантите уште еднаш на премиерот му порачаа „Збогум Никола“, истакнувајќи транспаренти испишани со „Македонија се сака со оставки“ и „Готови сте одете си“. Тие велат дека ќе протестираат секој ден во 18 часот, се додека целосно не бидат исполнети нивните барања.

„Прво барање нас ни е оставка и правна одговорност на цела Влада. Но, имаме и други барања кои се многу важни, а тоа е ослободување на сите активисти од притвор затоа што мислиме дека тоа се користи како алатка за заплашување на граѓаните да го кажат своето мислење. Трето, според мене, најважно барање е да се формира влада која ќе ги демократизира институциите“, вели активистката Билјана Гинова.

Се надевам дека властите го чувствуваат нашиот притисок, а не на некои амбасади и странски претставништва.
Мариглен Демири, активист.

Властите го чувствуваат притисокот од протестите, вели активистот Мариглен Демири, изразувајќи надеж дека граѓанството ќе биде силата којашто ќе го менува општеството.

„Се надевам дека властите го чувствуваат нашиот притисок, а не на некои амбасади и странски претставништва. Се надевам дека ние сме таа вистинска инстанца која притиска и ние сме онаа вистинска политичка сила којашто создава ваков ефект во цивилното општеството и во политиката и дека ние ќе бидеме оние актери коишто навистина секогаш ќе преземаме ваква улога и одговорност да го менуваме општеството и да го прилагодуваме согласно нашите потреби“, вели Демири.

Демонстрантите како и на вчерашниот протест од пред Владата маршираа до Основниот суд Скопје 1 да побараат итно ослободување на студентите кои учествувале на протестите од 5 мај.

„И денес наши студенти, иднина на оваа земја гнијат по „груевите“ затвори, затоа и денес нашата рута ќе биде прво пред Суд да побараме итно ослободување на нашите студенти“, рече Здравко Савески од левичарското движење „Солидарност“.

Демонстрантите рекоа дека се собрале и студенти и хонорарци, млади и стари, да кажат „не“ на случувањата во земјава.

„Тука сме да и порачаме и на Владата во заминување и на преодната Влада и на секоја следна Влада дека сега ситуацијата е променета, дека имаме која ќе се плаши од граѓаните како активни партиципиенти во ова општество, дека стравот сега ќе биде на нивна страна, а не стравот да биде на наша страна“, истакна активист учесник во протестот.

Маршот од пред Основниот суд продолжи кон Собранието на Македонија каде демонстрантите и активисти одржаа неколку говори.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG