Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Заев, тој демантира дека барал мито


По објавената видео снимка на Јутјуб, на која Заев наводно бара поткуп, ВМРО-ДПМНЕ бара тој да поднесе оставка. Заев негира дека барал мито.

Денеска на Јутјуб се појави нова видео снимка од непознат корисник на која наводно лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев, бара мито од струмички бизнисмен за да му ги среди работите околу одредена локација во општината.

Никола Груевски ја искомпромитира оваа снимка и таа веќе не може да се користи во конструираната судска постапка. Јас немам што да кријам и затоа барам снимката да биде објавена во целост.
Зоран Заев, СДСМ.

Соочен со сопствениот очај, со цел да ја спаси својата кожа, Никола Груевски повторно ги крши Уставот и законите, изјави денеска Заев. Сведоци сме на уште едно незаконско објавување на дел од снимка добиена како посебна истражна мерка, додаде тој.

„Оваа снимка единствено можела да протече во јавноста од Јавното обвинителство или МВР. Со овој потег, Никола Груевски признава дека нема никаков аргумент во случајот за поткуп. Никола Груевски ја искомпромитира оваа снимка и таа веќе не може да се користи во конструираната судска постапка. Јас немам што да кријам и затоа барам снимката да биде објавена во целост“, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Поради тоа што има две многу значајни политички функции од кои може да влијае на постапката, да се заканува врз сведоци, обвинители и судии за некое идно време, да прикрива документи и докази, од него бараме да си поднесе оставка од функцијата Претседател на СДСМ и од функцијата Градоначалник на Струмица.
Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

На прес конференција претходно Заев изјави дека не станува збор за никаков поткуп, туку за олеснителни можни начини како да дадат сите придонес во изградбата на Соборниот храм во Струмица. Ако се објави во целост видеото, ќе видите дека и едното евро за коешто се зборува, е за донација, директно на сметката на црквата, рече Заев.

Денеска за прв пат македонската јавност виде како политичар најотворено бара мито за да заврши работа која по закон му е обврска. Ова до сега не сме го виделе. Поголем скандал не сме имале во 25 години демократија, изјави на прес конференција Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Заев на видеото бара 100.000 евра за себе, преку брат му Вице и 100.000 евра за Црквата, зад што како термин можеби се крие Партијата, рече Димовски.

„Да зборуваме коректно и разумно. Зоран Заев, после ова видео, веќе нема кредибилитет да се занимава со политика. Поради тоа што има две многу значајни политички функции од кои може да влијае на постапката, да се заканува врз сведоци, обвинители и судии за некое идно време, да прикрива документи и докази, од него бараме да си поднесе оставка од функцијата Претседател на СДСМ и од функцијата Градоначалник на Струмица. Така ќе овозможи истрагата и сите постапки да бидат објективни и транспарентни и без никакво политичко влијание“, изјави Илија Димовски.

XS
SM
MD
LG