Достапни линкови

Заревска и Георгиев со „Што е перфоранс, бе бабе?“ во Белгија


„Што е перфоранс, бе бабе?“ е насловена платформата за иницирање на семејни соработки во сферата на изведувачките уметности што како автори ја потпишуваат Драгана Заревска и Александар Георгиев. Тие до 16 мај проектот ќе го развиваат на втората резиденција во културниот центар „Буда“ во Кортријк, Белгија, а станува збор за соработка помеѓу „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и во културата“ од Скопје и европската мрежа за изведувачки уметности – АПАП чија цел е унапредување на изведувачките уметности.

„Madness runs in the family“ или „Што е перфоранс, бе бабе?“ е платформа за иницирање на семејни соработки во сферата на изведувачките уметности помеѓу Александар Георгиев и Драгана Заревска, а инспириран е од колаборативните перформанси на уметникот со неговата мајка и татко, кои започнале во 2013 година. По средбата тие решиле заедно да ја развиваат идејата и да ја издигнат до ниво на проект во чии рамки ќе иницираат соработки со повеќе членови од нивните фамилии кои не се бават со уметност, сметајќи така дека „предизвикот е поголем“.

Како што лудилото или убавината можат да бидат наследни, веројатно така и потребата за изведување е наследна, но само еден или двајца од семејството да се свесни за тоа. Другите можеби не ги разбираат изведувачките уметности, или, пак, им се здодевни, мртви, интелектуализирачки, далечни, премногу несериозни за да би биле вистинска работа, убави но бесмислени, тешки за телото и слично.
Александар Георгиев, уметник.

„Како што лудилото или убавината можат да бидат наследни, веројатно така и потребата за изведување е наследна, но само еден или двајца од семејството да се свесни за тоа. Другите можеби не ги разбираат изведувачките уметности, или, пак, им се здодевни, мртви, интелектуализирачки, далечни, премногу несериозни за да би биле вистинска работа, убави но бесмислени, тешки за телото и слично“, вели Георгиев.

Заревска, пак, појаснува дека таа лично имала желба да соработува со нејзината мајка, која за жал во меѓувреме починала, па така остварила еден вид на постхумна соработка со неа. Потем резултатите ги приложила на оние на Георгиев и двете биле прикажани на минатогодишниот фестивал на „Локомотива“. Дополнува дека таму имало делегати на европската мрежа за изведувачки уметности – АПАП кои ја стимулираат продукцијата, кои предложиле две резиденции за развој на проектот.

„На перформансот започнавме да работиме во Студентскиот центар во Загреб за време на резиденцијата во февруари годинава. Ова е втора резиденција и тука во културниот центар „Буда“ во Кортријк, во Белгија, ќе бидеме 14 дена. Ќе работиме со познатиот хрватски драматург Иван Добричиќ кому претпоставувам дека му се допадна проектот и ете прифати да дојде да ни даде поддршка и структурално да ни помогне да го замислиме и да го подготвиме.
Драгана Заревска, уметница.

„На перформансот започнавме да работиме во Студентскиот центар во Загреб за време на резиденцијата во февруари годинава. Ова е втора резиденција и тука во културниот центар „Буда“ во Кортријк, во Белгија, ќе бидеме 14 дена. Ќе работиме со познатиот хрватски драматург Иван Добричиќ кому претпоставувам дека му се допадна проектот и ете прифати да дојде да ни даде поддршка и структурално да ни помогне да го замислиме и да го подготвиме. Во текот на летото ќе имаме проби и се надеваме дека наесен ќе биде готов за прикажување“, истакнува Заревска.

Таа дополнува дека во моментов тие се некаде на половина пат од креирањето на перформансот и дека не се сигурни каде ќе се случи неговата праизведба, на новото издание на фестивалот „Локомотива“ или на некоја од сродните изведувачки манифестации под закрила на европската мрежа – АПАП, но убедена е дека „Што е перфоранс, бе бабе?“ во блиска иднина ќе и биде претставен на македонската публика.

Инаку, родена 1985 година Драгана Заревска е визуелна уметница. Завршила филмска режија на Новиот бугарски универзитет во Софија, а магистрирала комуникации на ИСППИ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Работела како уметник во резиденција во центарот за продукција на изведувачки уметности SITE во Стокхолм, потем и во Трафо (Будимпешта), АИР Кремс (Кремс, АТ), и учествувала во проекти реализирани во Аусланд (Берлин), PACT Zollverein (Есен), Les Laboratoires d'Aubervilliers (Париз), Moderna Museet (Стокхолм), Dansens Hus (Стокхолм), Norrlands Operan (Умео) и други.

Изведувала танц претстави на Изабел Шад во Германија и Ана Кох и Ребека Шентинел во Шведска.

Од 2011 заедно со уметницата Јасна Димитровска работат како „Ефемерки“, а згора на тоа Заревска во последно време е активна во сферата на современата музика. Таа компонира и настапува под псевдонимот Телемама.

Од друга страна, роден исто така во 1985 година, Александар Георгиев е кореограф и изведувач. Се образувал во Софија на одделот за Танцов театар во рамки на Нов бугарски универзитет (2004-2008), а потоа и на неколку неформални образовни програми како што се НОМАД танц академија, 50 дена Fly low и Passing Through со Давид Замбрано, Спазио, DanceWeb и други.

Во 2014 година тој магистрира на програмата за кореографија на DOCH во Стокхолм, во Шведска.

Инаку, во рамките на своите потраги од 2008 Георгиев се занимаваше со истражување на интензитетите, а од минатата година во фокус на неговите дела се семејните релации и уметноста.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG