Достапни линкови

САД и Русија и спорните прашања


САД и Русија изразија надеж дека можат да работат заедно на спорните прашања како конфликтите во Украина и Сирија. Сепак, ни по осумчасовните преговори во Сочи на американскиот државен секретар Џон Кери со рускиот претседател Владимир Путин и со шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, не беше понуден некаков конкретен сигнал за тоа.

Кери по четири часа разговарал одвоено со Путин и со Лавров и за иранските нуклеарни преговори, како и за страдањата на цивилите во Јемен и Либија.

По средбата двајцата министри ги акцентираа позитивните страни и покрај фактот што американско руските односи се на најниско ниво од крајот на Студената војна, во голема мера поради Украина криза.

„Му благодарам на претседателот Путин што посвети толку значајно време за ова прашање, за директното и детално објаснување на руската позиција во врска со начините за решавање на предизвиците“, изјави Кери.

Тој потенцира дека договорите од Минск се најдобриот пат за решавање на кризата во источна Украина и оти тие треба да бидат спроведени.

Му благодарам на претседателот Путин што посвети толку значајно време за ова прашање, за директното и детално објаснување на руската позиција во врска со начините за решавање на предизвиците.

„Ако и кога Минск ќе биде целосно спроведен јасно е дека санкциите на Соединетите Држави и Европската унија ќе почнат да бидат повлекувани“, рече Кери.

Односите меѓу Вашингтон и Москва се влошија откако Русија го анектира украинскиот полуостров Крим во март лани и ги поддржува проруските сепаратисти во источна Украина.

Москва, пак, го обвинува Вашингтон за оркестрирање на соборувањето од власт на украинскиот претседател кој беше поддржан од Русија.

Кери се сретна со Лавров и Путин во Сочи што беше прва американска посета на толку високо ниво на Русија од почетокот на украинската криза кон крајот на 2013 година.

Се согласивме да го искористиме влијанието на Соединетите држави и на Русија врз страните во конфликтот да изнаоѓаат и постигнуваат договори за практично спроведување на се што е договорено во Минск.

Шефот на руската дипломатија Лавров повтори дека и покрај сегашните разлики, и Москва и Вашингтон се уверени дека украинската криза мора да биде решена на мирен начин.

„Се согласивме да го искористиме влијанието на Соединетите Држави и на Русија врз страните во конфликтот да изнаоѓаат и постигнуваат договори за практично спроведување на се што е договорено во Минск“, рече Лавров.

Тој забележа дека и двете страни во Украина не го почитуваат примирјето со оглед на тоа што не го повлекуваат оружјето.

Лавров по средбата на Кери со Путин дека Москва и Вашингтон се согласиле оти е неопходно да избегнуваат потези кои би можело натамошно да ги влоши односите меѓу двете земји.

Кери на Твитер напиша дека имал „искрени разговори со Путин и Лавров за Украина, Сирија и Иран“ и оти е важно да се зачува отворена линијата на комуникација меѓу Соединетите држави и Русија за сите глобални прашања.

Пред почетокот на средбата Лавров му дал на Кери кошници со домати и компири веројатно како алузија на руската одлука да забрани увоз на прехранбени продукти од Европа како одговор на западните санкции.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG