Достапни линкови

Влада: финансиски надомест по акцијата во Куманово


Македонската влада донесе одлука на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили во полициската акцијата во Куманово да им биде доделен финансиски надомест во висина од 70.000 евра по семејство, во денарска противвредност. Финансиски надомест ќе биде доделен и за припадниците на безбедносните сили кои беа ранети и повредени во акцијата.

Награди ќе им се доделат и на полициските припадници кои учествуваа во акцијата, како и на медицинските тимови ангажирани за згрижувањето на повредените за време на акцијата во Куманово. Определена е и хуманитарна помош и обесштетување на граѓаните кои имаат штети по нивните објекти и имоти.

Во врска со хуманитарната помош, Владата формираше комисија за проценка на оштетувањата на недвижниот и движен имот во местото каде што се одвиваше акцијата, која во рок од 7 дена треба да излезе на терен и да подготви и да и достави извештај за процената на штета. Комисијата е составена од претставници на Владата и Општина Куманово.

Владата зазема став да се изврши обесштетување на недвижниот и движен имот во висина од сто насто од проценетата штета наведена во извештајот од комисијата. На семејствата чии домови се оштетени во акцијата во мерка која не дозволува услови за престој во нив, Владата реши да им се обезбеди сместување во време на периодот потребен за санација на нивните домови, или пак во истиот период додека трае санацијата да добиваат финансиски надомест за закуп на простории за живеалишта.

Владата одлучи на овие семејства да им додели и првична еднократна хуманитарна помош во висина од 100.000 денари по единица оштетен дом во мерка која не дозволува услови за престој. Според одлуката на Владата, надлежните државни комунални, медицински и санитарни институции, во соработка со Општина Куманово и Град Скопје, треба да пристапат кон расчистување на теренот со цел обезбедување на потребните комунални и санитетски услови.

XS
SM
MD
LG