Достапни линкови

Томислав Османли - Отворивме атмосфера на нови културни бенефити


Томислав Османли

Томислав Османли

Македонските творци Томислав Османли, Александар Прокопиев и Вера Стојчевска Антиќ, по повеќе од една цела декада отсуство, од 7 до 10 мај, учествуваа на 12 Меѓународен саем на книгата во Солун. Тие се појавиле во ударниот термин на последната вечер од оваа голема саемска манифестација и имале забележителен настап пред видни личности од тамошниот научен, културен и општествен живот.

Со оглед на тоа дека прв пат се случува после подолго време, не само една македонска авторска делегација да учествува на значајниот Меѓународен саем на книгата во Солун, ами и да учествува на културен чин во кој рамноправно ќе дијалогизираат две научни личности како што се академикот Тахеос од грчка страна и нашата, професор доктор Вера Стојчевска Антиќ и со многу благонаклоност и висок степен на научна толеранција, дури и со пријателски однос кон наши авторитети како што е покојниот академик Блаже Конески од страна на тамошниот научник, претставува еден исклучителен случај кој ветува дека во перспектива ќе се можни и други среќавања и други соработки. Подеднакво во духот на добра волја и пријателска атмосфера во каква што помина овој настан.

Еве и од наша страна на каква што атмосфера наидовме и кај грчките домаќини. Ние навистина се покажавме во многу убава светлина.

Ова се првичните импресии на писателот Томислав Османли, на нецело едно деноноќие, по успешното учество на македонската културна делегација на 12 Меѓународен саем на книгата во Солун, кое патем доаѓа по пауза од цела една деценија.

На последната вечер од оваа саемска манифестација Вера Стојчевска Антиќ, говорејќи за влијанието на просветителската традиција на солунските браќа во делата на македонските автори, имала бележит настап на тема „Химни за Св. Кирил“, додека говорник од грчка страна бил професор Емилиос Таехеос од Центарот за студии на кирило-методиевското културно наследство, професор славист и надворешен член на две балкански академии.

Во изведба на студентки по славистика на солунскиот универзитет „Македонија“ биле читани песни на македонски јазик и преводи на грчки од делата на Блаже Конески, Матеја Матевски и Јован Павловски, а Прокопиев и Османли ги претставиле своите романи „Ѕиркачот“ и „Дваесет и првиот“.

Уметниците предничат. Тие се авангардата во пробојот на склеротизираните политички односи. Тоа се има случено и во други прилики, со гостувања на истакнати културни и театарски дејци, но потоа сè запаѓаше во нов замолк токму од политичките односи.

„Наспроти строгиот научен исказ на двајцата научници, ние дадовме една поуметничка, меѓутоа и артистичка книжевна димензија на самото македонско претставување и со тоа и според укажувањето на грчките пријатели од различни структури, од официјалните општествени, преку книжевно-уметнички до журналистички, се случи еден настан во кој и двете страни во еден момент веќе го добија првиот, а понатаму отворија перспектива за нови културни бенефити“, вели Османли.

Тој дополнува дека почнува една нова атмосфера во взаемните културни односи со оглед на тоа дека поканата дошла од Грчката асоцијација за развој на културата, која повикот го проследила до нашиот Генералниот конзулат во Солун, а преку него стигнала до македонските културни инстанци. Потенцира дека, иако политиката ги дава првите импулси и првите претексти, сепак творците со своите настапи се оние кои атмосферата ја облагородуваат. И даваат и смисла и уметничка и духовна содржина.

„Уметниците предничат. Тие се авангардата во пробојот на склеротизираните политички односи. Тоа се има случено и во други прилики, со гостувања на истакнати културни и театарски дејци, но потоа сè запаѓаше во нов замолк токму од политичките односи. Јас се надевам дека веќе доаѓаме во една нова фаза во која ќе почне поинтензивна, редовна и регуларна размена на идеи, на дела и на творби на музички групи, на книжевници, на ликовни уметници и воопшто на научна соработка. Верувам дека сме пред една таква нова и ветувачка ситуација“, вели Османли.

Инаку, интересно е тоа што на претставувањето професор Стојчевска Антиќ говорела на француски, Прокопиев на македонски, а Османли, кој патем е преведуван (драмскиот текст „Апокалиптична комедија“) и преведувач од грчки, својата авторска презентација и одговорите на повеќето прашања врзани за неговото творештво и карактеристичниот постмодерен израз ги остварил со богат исказ токму на тој јазик.

„Сето тоа олицетворуваше ситуација на добра волја. Еве и од наша страна на каква што атмосфера наидовме и кај грчките домаќини. Ние навистина се покажавме во многу убава светлина. Укажувајќи и афирмирајќи го македонскиот јазик. Укажувајќи дека академската заедница говори на некој трет странски јазик, конкретно францускиот. И конечно, еве јас во атмосфера и со мотивација на добра волја, во договор со организаторот од нашата страна, говорев на грчки јазик и ми се чини дека сето тоа исклучително прозвучи кај грчките домаќини“, вели Османли.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG