Достапни линкови

logo-print

Демонстрантите им оддадоа почит на загинатите полицајци


На протестите против полициска бруталност, на кои се бараат и оставки од властите, учесниците им оддадоа почит на загинатите полицајци во Куманово. Протестите продолжуваат со нови барања.

Околу триста граѓани и активисти попладнево одржаа мировен собир пред Владата и со цвеќе и запалени свеќи им оддадоа почит на загинатите полицајци во судирите во Куманово. Учесниците во собирот изразија сочувство до семејствата на загинатите полицајци, но упатија и апел до властите што поскоро да заврши, како што велат, лудилото што ја има зафатено земјава.

Се собравме тука на мирен начин уште еднаш да им изразиме сочувство на семејствата и жалење за нивните прерано дадени животи и во исто време да укажеме на лудилото што ја има зафатено нашата земја и со апел што побрзо да престане.

„Се собравме тука на мирен начин уште еднаш да им изразиме сочувство на семејствата и жалење за нивните прерано дадени животи и во исто време да укажеме на лудилото што ја има зафатено нашата земја и со апел што побрзо да престане“, вели граѓанка на собирот.

Активистите истакнаа дека меѓудругото, на денешниот собир сакаат и да им покажат на полициските службеници дека тие не се против нив и дека протестите се однесуваат и на нивното ослободување од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која како што рекоа ги нарекувала „човечиња“. Тие најавија дека од утре протестите продолжуваат, но со нови барања.

„Ние на сите протести досега им се обраќавме на полициските службеници давајќи им до знаење дека кога говориме за слобода и за ослободување на државата од оваа власт, зборуваме и за нивно ослободување. Протестите мора да продолжат заради тоа веќе ова не се протести коишто се за полициска бруталност, ова се протести со коишто ние бараме оставка од Владата и бараме одговорност за сите оние коишто слушнавме дека сториле кривични дела“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во меѓувреме премиерот Никола Груевски во Владата имаше средба со амбасадорите на САД, Франција, Италија, Велика Британија, Германија и Европската унија. Амбасадорите критикувајќи го премиерот за пасивноста на Владата за нејзината посветеност кон демократските принципи на евроатланската заедница, истакнаа оти и натаму целосно ќе го поддржуваат фундаменталното демократско право на граѓаните на земјава да се собираат и мирно да протестираат..

„Мирното остварување на демократските права и одбивањето на агресивни дејствија кон сограѓани, независно дали се полицајци или демонстранти, е покажување на почит кон храброста и пожртвуваноста на оние кои го дадоа својот живот во служба на граѓаните на Македонија“, истакнаа амбасадорите во заедничкото соопштение.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG