Достапни линкови

logo-print

Владата не прави напредок во однос на обвинувањата кои произлегоа од прислушувањето и ваквата пасивноста фрла сериозен сомнеж за посветеноста на Владата кон демократските принципи и вредности на евроатланската заедница, рекоа амбасадорите по средбата со Груевски.

Владата на премиерот Никола Груевски не прави напредок во насока на обвинувањата за злоупотреба на власта, кои произлегуваат од објавувањата на прислушуваните разговори и поради тоа до него изразивме голема загриженост. Ова го соопштија амбасадорите на САД, Франција, Италија, Велика Британија, Германија и Европската унија, по денешната попладневна средба во Владата со премиерот Никола Груевски.

Исто така очекуваме во случајот со обелоденувањата кои јасно откриваат неприфатливо однесување, да бидат преземени соодветни политички и законски мерки против оние кои се одговорни.

Тие истакнаа дека ваквата пасивност фрла сериозен сомнеж за посветеноста на Владата на Македонија кон демократските принципи и вредности на евроатланската заедница.

Тие изразувајќи сочувство за трагичните загинувања на, како што рекоа, храбрите полицaјци кои викендов беа убиени во Куманово, истакнаа дека континуираниот неуспех да се демонстрира посветеност со конкретни акции, ќе го поткопа прогресот на Македонија кон членството во Европската унија и НАТО.

„Исто така очекуваме во случајот со обелоденувањата кои јасно откриваат неприфатливо однесување, да бидат преземени соодветни политички и законски мерки против оние кои се одговорни. Во врска со решавањето на институционалните слабости истакнати при обелоденувањата, ја повикуваме Владата да земе во предвид конкретни реформи, вклучително во интегритетот на изборниот систем, слободата на медиумите, независноста на судството, слободата на говорот и заштита на објавувачите“, велат амбасадорите.

Тие истакнаа дека и натаму целосно ќе го поддржуваат фундаменталното демократско право на граѓаните да се собираат и да протестираат мирно, апелирајќи до граѓаните да се воздржат од насилство.

„Мирното остварување на демократските права и одбивањето на агресивни дејствија кон сограѓани, независно дали се полицајци или демонстранти, е покажување на почит кон храброста и пожртвуваноста на оние кои го дадоа својот живот во служба на граѓаните на Македонија“.

Амбасадорите за следните денови најавија средба со лидерот на опозицијата Зоран Заев и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за како што рекоа, да поделат со нив слични пораки.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG