Достапни линкови

Солидарност меѓу Македонците и Албанците во Куманово


Куманово - ден потоа
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:48 0:00

Куманово - ден потоа

Жителите загрижено ги гледаат оштетените домови и ги расчистуваат дворовите. Многубројни новинарски екипи од земјава и од регионот ги регистрираат штетите, а љубопитни граѓани разгледуваат и сликаат со мобилни телефони.

Животот во кумановската Дива населба полека се враќа во нормала. Пеплосани куќи, уништени автомобили, мирис на бензин и гар, искршено стакло, траги од куршуми, неизмиена крв по сокаците - Слики кои вообичаено се гледаат во телевизиските преноси од блискоисточните жаришта.

Плафонот почна да паѓа и видов дека веќе нема шанса да се извлечеме. Излегов низ врата и на прозорецот на катот од жолтата куќа од спротива видов само глава од униформиран човек, кој извика стој, не пукај, има цивили, на македонски јазик, и јас ги фатив под рака мајка ми и жена ми и излеговме.
Шабан Јашари, жител на Куманово.

Жителите загрижено ги гледаат оштетените домови и ги расчистуваат дворовите. Многубројни новинарски екипи од земјава и од регионот ги регистрираат штетите, љубопитни граѓани разгледуваат и сликаат со мобилни телефони...

Една од најоштетените куќи е таа на Шабан Јашари. Горниот кат на куќата е целосно изгорен. Вели дека сè уште е опасно да се влегува внатре. Повеќе од 13 часа тој, неговата сопруга и мајка му во екот на борбите биле дома. Откако попладнето куќата се запалила, биле принудени да излезат надвор.

„Околу шест часот почна куќата да гори. Во долната соба почнаа да паѓаат запалени делови од горната соба, плафонот почна да паѓа и видов дека веќе нема шанса да се извлечеме. Излегов низ врата и на прозорецот на катот од жолтата куќа од спротива видов само глава од униформиран човек, кој извика стој, не пукај, има цивили, на македонски јазик, и јас ги фатив под рака мајка ми и жена ми и излеговме“, раскажува Шабан Јашари кој вели дека едвај спасиле жива глава и на шега додава дека барем сателитска антена му е спасена.

Во вакви времиња мора да ја задржиме смислата за хумор, вели тој, но на неговата сопруга не и е до смеење. Не можеше да ги запре солзите додека ја гледа пеплосаната куќа.

„Не знам ни тогаш како се чувствував, ни сега како се чувствувам. Тотално сум изгубена“ вели таа.

Соседна куќа, која исто така беше сериозно оштетена, но не и запалена е на Сулејман Јашари, кој за време на борбите со сопругата бил дома. Се сместиле кај роднини во селото Черкези, па се вратил на види во каква состојба е куќата.

Во шок бевме сите, јас и шеќераш сум и со срце не сум добар и притисок имам. Не знам што зборувам, верувајте ми.
Сулејман Јашари, жител на Куманово.

„Во шок бевме сите, јас и шеќераш сум и со срце не сум добар и притисок имам. Не знам што зборувам, верувајте ми“, вели тој.

Сопствениците на оштетените куќи се надеваат дека надлежните што поскоро ќе направат проценки на штетите и, како што најави премиерот Никола Груевски, ќе бидат обештетени за да си ги поправат домовите.

Дел од жителите, пак, се незадоволни од односот на властите. Прашуваат како можеле да дозволат вооружена група да стигне до нивната населба.

Арменд Сејдиу, кој во подрумот и приземјето на неговата ќука, една уличка подолу, има пекарница и продавница, е незадоволен од односот на полицијата. Откако биле евакуирани, 24 часа биле држани во полициска станица.

Место да нè однесат некаде на сигурно, нè одведоа во полиција. За џабе, зашто не сакавме да ризикуваме да останеме дома.
Арменд Сејдиу, жител на Куманово.

„Наместо да нè бранат, нè одведоа во полициска станица, а немаше никаква потреба. Место да нè однесат некаде на сигурно, нè одведоа во полиција. За џабе, зашто не сакавме да ризикуваме да останеме дома. Значи, зошто не си внатре да те убијат, па излегуваш од дома“, вели Сејдиу, кој смета дека непотребно е пукано во неговата куќа.

Во полициската акција во кумановската Дива Населба вчера и завчера загинаа 8 полицајци, а 37 беа повредени. Нема цивилни жртви. Беа убиени 14 терористи, а 30 биле уапсени.

РСЕ во кумановската Дива Населба
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Претседателот на Советот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска изрази благодарност до граѓаните за прибраноста и покажаното ниво на солидарност и заемна помош без разлика на етничката и верска припадност и повика на смиреност во наредниот период. Тој смета дека добрите меѓуетнички односи спречиле ескалација на конфликт во градот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG