Достапни линкови

Јовановска со приказни кои понираат длабоко во тајните и човекот


„Ги најдов во длабокото“ е насловена дебитантската збирка на раскази на младата Симона Јовановска, што како издание на книгоиздателството ИЛИ-ИЛИ, се појави неодамна. Станува збор, како што забележуваат рецензентите, за сугестивни приказни кои понираат длабоко во тајните на човекот и за автор чие време во македонската литература допрва доаѓа.

Четириесеттина раскази, пишувани во период од неколку години, се поместени во дебитанската книга на Симона Јовановска - „Ги најдов во длабокото“, што како издание на ИЛИ-ИЛИ, се појави во екот на актуелниот Саем на книгата. Во поговорот за делото, Владимир Мартиновски вели дека „читајќи ги фантазмогоричните прози во збирката, читателот цело време има чувство дека плови во длабоки води: вонепрегледните длабочини на ликовите расказите, но и во сопствените длабочини“.

Ме инспирираат негативните, мрачните, подзаборавените, понеатрактивните карактеристики на личноста. Она што можеби не е толку, да речам, убаво за гледање, она што можеби човештвото сака да го игнорира, да врти глава, да не му погледне директно во лице.

Во контекст на ова, Јовановска истакнува дека расказите претставуваат едно нејзино лично видување на тоа како таа го доживува светот. Она што нејзе ја стимулира и инспирира.

„Ме инспирираат негативните, мрачните, подзаборавените, понеатрактивните карактеристики на личноста. Она што можеби не е толку, да речам, убаво за гледање, она што можеби човештвото сака да го игнорира, да врти глава, да не му погледне директно во лице. Јас за сето тоа пишувам на начин на кој што лично го доживувам, давајќи му притоа еден свој печат. Секој лик, секоја приказна има нешто карактеристично за мене и мислам дека ете 41 расказ за почеток се доволни да го искажам она што јас го чувствувам, јас го доживувам на начин на кој што мислам дека е најдобро.“

Авторката дополнува дека како и секој творец инспирацијата ја бара и црпи од тмурното секојдневие, од времето во кое живееме, но дополнува дека понекогаш и се случува да ја најде понирајќи длабоко во себе.

„Она што сакаш да го кажеш може да се пронајде и длабоко во себе. Да ги изнесеш на виделина некои свои потиснати стравови, фрустрации, комплекси...кои што сите ние како луѓе ги носиме и кои што како еден вид на филтер ги канализираме преку сите свои сетила со кои ја перцепираме околината. Од таквиот чин останува еден талог во кој може да се брцнат сите ликови кои што излегуваат понатака во вид на расказ.“

Сепак, наспроти сè, наспроти тоа што секој од нас на различен начин се носи со сопствените стравови и надежи, таа е оптимист во поглед на утрешнината. Појаснува дека ниту еден од постоечките раскази не бил напишан со идеја некому да му се допадне, фигуративно речено да им се „умилкува на читателите“. Вели дека тие биле такви - сурови, со страст, напишани инстинктивно и без предумисла.

„Лично многу комотно се чувствувам во оваа форма на изразување. Таа ми одговара на темпераментот. Можам да бидам креативна. Имам предизвик. Сум пробала да пишувам и роман, меѓутоа сега за сега немам трпение да издржам да го напишам. Да живеам со ликовите. Сакам веднаш да видам што ќе се случува со нивните животи, со нивната приказна...затоа што во мојот случај тие си имаат една своја сопствена независност. Не исклучувам дека еден ден ќе напишам и роман, но сакам тоа да дојде спонтано. Без посебни планови. Ако внатре во себе го почувствувам тој порив - добро, ако не...Ќе видиме!“

Родена 1985 година во Гостивар, Симона Јовановска е по професија економистка. Живее и работи во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG