Достапни линкови

Заев присуствува на седницата на Советот за безбедност


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Седницата на Советот за безбедност кај претседателот Ѓорге Иванов почна подоцна од најавеното, затоа што се чекаа министрите за внатрешни и надворешни работи, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски кои попладнево присуствуваат на погребите на загинатите полицајци во полициската акција во Куманово.

На поканата за присуство на седницата се одѕва и претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој рече дека неговото присуство не значи дека опозицијата му дава „легитимитет на сето она што државните институции го правеа изминатите неколку години, а особено последниве неколку месеци“, туку дека денеска има друг приоритет, а тоа е „да се спречи процесот кој очигледно води кон дестабилизација на државата и загрозување на безбедноста на граѓаните“.

„На седницата, во име на граѓаните, ќе барам објаснување кој, зошто и со каква цел ја дестабилизира Македонија, дали воопшто кризата во Куманово е завршена и дали е точно дека и во некои други региони има инфилтрирано вооружени групи? Дали безбедносните служби знаеле од порано за оваа вооружена група и од кога? Исто така, од суштинско значење е дали овие луѓе имаат каков било план и стратегија за смирување на состојбата и спречување на можна ескалација“, рече Заев.

Во Советот за безбедност членуваат, претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски и министрите за одбрана, внатрешни и надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, како и трите члена Вели Креци, Флора Кадриу и Насер Сејдини.

Поканети беа и лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, но во име на ДУИ и на ДПА, присуствуваат Талат Џафери и Имер Алиу.

XS
SM
MD
LG