Достапни линкови

logo-print

Зеколи - Нема дијалог ако сите почнат да зборуваат истовремено


Во овие десет години многу групи на граѓани, интересни групи, партии, размислувања, движења, невладини организации, цели генерации се всушност држени во една хибридна состојба на молк и не им се даваше можност да се искажат и она од што се плашам дека одеднаш ќе дојдеме во една ситуација во која сите ќе сакаат да прозборат во еден момент и тоа може да создаде еден колапс на дијалогот во општеството, вели политичкиот аналитичар Арсим Зеколи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Зеколи, гледате ли сериозна опасност од безбедносна криза во Македонија?

Во овој момент би се задржал само во конотација на конфликтозна состојба. Логично продолжение по политичката криза од 24 декември, па после и по државната криза која настапи со објавувањето на бомбите. Нормално е дека ќе се продолжи со оваа конфликтозна состојба бидејќи веќе се исцртани две страни, дијаметрално спротивни едни од други и со минимум простор за компромис. Се разбира, доколку продолжи на овој начин, состојбата ќе се компликува уште повеќе. Веќе имаме назнаки дека тоа полека повлекува и некои интересни групи од соседството, полека се рефлектира и на ориентационите политики на земјата и ако се додаде и предупредувањето кое дојде од САД пред неколку месеци за местоположбата на Македонија во однос на Западот и Истокот, тогаш фактички се создава една ситуација во која можноста за безбедносна компликација никако не може да се отфрли така лежерно, но повторно мислам дека тоа ќе зависи од настаните кои ќе се одвиваат во следните два месеци.

Велите групи од соседството. На какво инволвирање мислите кога споменувате ваков тип инволвирање?

Досега, и вашите читатели веднаш ќе помислат дека тоа се однесува на некои идеолошки или религиски групации, но доколку малку подлабоко влеземе, тогаш ќе сфатиме дека всушност станува збор за таа испреплетеност на организираниот криминал насекаде во регионот, кој, и покрај сите промени што се случија, тие останаа недопрени од никакви промени. По таа логика на дефиницијата, каде што е организираниот криминал и корупцијата, тогаш се разбира дека следуваат и другите пополитички форми на насилство или декадентност во општеството. Затоа, и самата местоположба на Македонија, кога ќе погледнете кои се проблемите во нашето опкружување, тогаш разбирате дека најголемата грешка е нашата состојба да ја гледаме изолирано, како некој остров во кој нема никакво влијание од надвор. Всушност оваа тензија, оваа загроза помеѓу смени на некои политики и генерации, некои промени на ова геостратешко подрачје упатуваат на тоа дека доколку тоа се игнорира, тоа може да биде навистина фатално за нас.

Реални ли се предупредувањата за можен граѓански конфликт во Македонија? Може ли на тој начин да се одвива ситуацијата?

Одбивам, поради таа желба да не допринесувам до таква атмосфера, да го користам терминот граѓански конфликт, доволно е да се каже само конфликт, но не само по таа основа. После десет години на ова бетон-барокно потиснување на општеството од страна на две партии, ние забораваме дека во овие десет години многу групи на граѓани, интересни групи, партии, размислувања, движења, невладини организации, цели генерации се всушност држени во една хибридна состојба на молк и не им се даваше можност да се искажат и она од што се плашам дека одеднаш ќе дојдеме во една ситуација во која сите ќе сакаат да прозборат во еден момент и тоа може да создаде еден колапс на дијалогот во општеството. Втората работа, повторно би сакал да подвлечам еден парадокс. Во диктатурата, која во очите на граѓаните симболизира ред, мир, правен поредок, одговорност, строгост, дисциплина, но парадоксално, во самото срце на диктатурата постои хаос, анархија, подобро кажано. Кога ги слушаме снимките во последните неколку месеци нам ни станува јасно дека проблемот со овој вид на владеење е што во самата врхушка на власта има еден анархичен однос кон законите, правилата, прописите, односно дека тие важат за граѓаните, но не важат за нив. Сега, кога ги правиме тие паралели, се сеќавам на таа славна изјава на Ричард Никсон дека доколку е наредено од претседателот, тогаш тоа секако е по закон, тоа е таа матрица на размислување. Опасноста е во тоа дека кога еден ден ќе се урне таа пирамида, стравувам дека таа анархија ќе се прелее на улиците.

Можно ли е политичко решение на проблемот ако земеме предвид дека опозицијата останува на своето барање за преодна влада, додека власта постојано истакнува дека тоа е крајно неприфатливо за нив?

Во секоја форма, политичкото решение е неизбежно, па дури и во најжестоките форми на таа конфликтна ситуација, пак политичкиот договор е тој кој ќе треба да ја разреши ситуацијата. Во оваа состојба јас веднаш ќе прифатам правна разрешница доколку се направи невозможното, доколку се изберат пет судии на кои двете страни ќе им веруваат, тоа е базично, но тоа нема да се случи.

Како тогаш според вас ќе се разреши ситуацијата?

Има два начини. Кога двете страни ќе се соочат со фактот дека нема каде да се оди или втората ситуација во која ќе бидеме принудени на тој однос „земи или остави“. Земи, во смисла дека сите ќе губите од тоа, но со надеж дека земјата, не велам државата, туку земјата ќе добие нешто од тоа. Остави, тоа ќе биде, барем за мене најужасното сценарио, е тоа да бидеме оставени во состојба на перманентна имплозија, да тонеме и да се давиме во своите недела.

Имате ли впечаток дека опозицијата по малку калкулира со објавување на материјалите поврзани со ДУИ?

Секогаш се обидувам во моите промислувања да се воздржам од мои мислења засновани на чувства или интуиција, туку се следам по тие промени во тоновите или вокабуларот од страна на политичарите. Затоа, тоа не е моја оценка базирана врз емоции, туку врз зборовите и однесувањето на господинот Заев, госпоѓа Шеќеринска и на господинот Пендаровски во кои има многу вербални заложби и сосема малку фактички аргументи. Така што, мојата просуда за контрадикцијата во тоа жестоко одбивање на амнестијата којашто беше контроверзно предложена од господинот Георгиевски, пак ќе повторам, не се совпаѓа со амнестијата која барем досега беше гарантирана за ДУИ. Чувството кај Албанците е дека не само што досега не се објавени контрадикторни, контроверзни или скандалозни информации за ДУИ, туку во извесни моменти господинот Заев како да даваше некаква симпатична поддршка за нив. Изјавите дека господинот Ахмети не се плашел од Груевски и слично, изјавата на господинот Фрчкоски за амнестија на ДУИ од случајот Монструм, чудното поведение на госпоѓа Шеќеринска во интервјуто со господинот Џафери, тоа се сите мали детали кои на почетокот создаваа сомнеж, сега веќе создаваат една слика и тоа не е вина на Албанците или на Македонците, тоа е вина на кратко промислување на раководството на СДСМ, бидејќи, од искуство го кажувам, она што денеска се употребува кај Албанците, бидете уверени дека утре ќе биде употребено и кај Македонците. Тоа е тој тест период што после се враќа на друг колосек. Тоа што морам да го подвлечам е дека опасноста од тој приод е двојна. Потполно сум согласен дека Албанците и Македонците во овој момент, како граѓани, покажуваат, да чукнам во дрво, завидно ниво на согласност по клучните прашања, но тие бараат конкретна реакција за конкретни прашања, тоа е враќање на демократијата, борба против корупцијата и криминалот и ослободување на општеството. Доколку пристапот продолжи да биде двотактен од страна на опозицијата, да се биде повеќе против ВМРО-ДПМНЕ отколку да се биде против власта, мислам дека ќе се загрозат и двата правци. Затоа се надевам и очекувам дека има уште сосема кратко време СДСМ да ме демантира, што ќе биде мое големо задоволство, дури доколку сите мои прогнози бидат побиени, завршени како погрешни.

Споменавте дека досега Албанците и Македонците имаат добро поведение, но има некакви тензии околу можен нов меѓуетнички конфликт во Македонија. Реални ли се тие тези и таа опасност за нов меѓуетнички конфликт, според вас?

Во состојба на ваква страхо-влада која ја имаме, на вакво скандалозно однесување на државните институции, со олку, не невработени граѓани, туку невработени млади лица, кои се потполно исфрлени од општествените текови, бидејќи општеството е окупирано од страна на двете партии. Не дека не е, како што велите само возможно, туку тоа е јасна и прецизна опасност кога секогаш лебди над нас. Многу ми е жал, во тој дел, и домашните власти и пристапот од меѓународната заедница беше многу кратковид. Ние не разбираме што се случува на пониските гранки од општеството, кои се некако надвор од тој перископ на анализи, се држиме секогаш во некакви политички, интелектуални, дипломатски, но на ниво на обичните луѓе се менува пристапот, после 10 години кога вие сте присилени да гледате на екрани, да се поведувате под политичари кои, знаеме сите, каков квалитет или каква етика или каков однос кон криминалот имаат и да ги слушнете луѓето како зборат за албанско или за македонско прашање, за македонски и за албански патриотизам, за македонски и албански партии, за ова, за она, првата реакција е дека ќе ги замразите нив како личности, втората дека ќе ја замразите и пораката која тие ја упатуваат, таа порака во сите овие димензии е опасна, но најопасната е кога станува збор за евро-атланските интеграции и ориентации. И тоа се чувствува веќе, особено кај младите кои немаат интерес. Тие сметаат дека тоа е една флоскула, ЕУ и НАТО, која се има користена како во 80-тите во врска со комунизмот за една утопија во која никогаш нема да стигнеме. Таа е опасноста која е веќе сосема евидентна и видлива кај нас.

Досега ја имате критикувано меѓународната заедница за недоволна активност или пак непрепознавање на проблемите во Македонија. Сега имаат некако по проактивен пристап. Како ја оценувате сегашната позиција? Доволно ли се ангажирани околу прашањето за Македонија и ангажирани ли се на вистински начин?

Моите критики кон меѓународната заедница се базирани врз непридржувањето кон ветувањата, принципите, правилата кои нам ни ги имаат дадено. И во тоа нивната вина тие може да ја негираат, но сите знаеме дека јас сум во право, не тие. Гледам дека се менува, дека има еден поголем ангажман, но повторно, од тоа скромно искуство кое го имам, тоа е на две нивоа. Прво е таа јавна дипломатија, стандардна, традиционална која ја гледавме преку неодамнешните посети од Брисел и од Вашингтон и тоа е во рамките на она што го имаме видено, пак ќе повторам и во Албанија беше слично. Не е од тој интензитет на којшто сме ние навикнати, но тоа е само рефлексија на новата состојба. Ние не сме веќе центар на светот, па не сме центар ниту на регионот, далеку од тоа. Тежиштата на важност се имаат поместено. До 2008 ние бевме центар на Балканот, сега тоа е преместено, сега тоа е во Тирана и во Белград и затоа и успева господинот Груевски на кого еве сакам да му кажам фала за таа мудра политика. Но има една друга димензија која тука не е видлива, а таа е многу динамична, таа е далеку од очите и така треба да биде, а тоа е во рамките на безбедносно-воените политики, соработка и ми дава кураж и се надевам дека тоа се уште е на таа основа на којашто беше до пред извесно време.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG