Достапни линкови

Петмина загинати и над 30 повредени полицајци во Куманово


Архивска фотографија.

Архивска фотографија.

Петмина полициски специјалци загинале, а повеќе од 30 се повредени во денешната полициска акција против вооружена терористички група во Куманово, соопшти вечерва министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Загинати се 33-годишниот Жарко Кузмановски од Брвеница, 28-годишниот Ненад Серафимовски од гостиварско Зубовце и 32-годишниот Сашо Самоиловски од Брвеница и уште двајца припадници на полицијата чии семејства вечерва ќе бидат известени, се петтемина загинати во денешната полициска операција.

Јанкулоска рече дека досега нема информации за загинати цивили и оти има загинати терористи, но не го знаат точниот број.

Јанкулоска рече дека шестмина полицајци биле погодени во последниот час при чистењето на теренот, откако голем дел од терористите околу 18 часот безусловно се предале.

Таа најави дека операцијата ќе продолжи сè додека не се сигурни дека и последниот терорист е неутрализиран.

Јанкулоска рече дека се работи за исклучително опасна терористичка организација која била закана за државните институции, но и за мирот и стабилноста на земјата, но рече дека во овој момент не би шпекулирала за мотивите на групата. Таа рече дека вооружената група сакала да го искористи моментот во кој се наоѓа државата и сакала да изврши напади врз државни институции. Напаѓачите користеле автоматско оружје, бомби и снајпери. Јанкулоска рече дека тие биле од Македонија и од една соседна држава.

Таа рече дека ова што се случува во Куманово е премногу сериозно за користење за политички цели и ги повика партиите да се воздржат од провокации.

Од МВР објаснуваат дека акцијата започнала околу 5 часот утрово, но наишле на жесток оган, по што како што велат, одговориле внимателно и соодветно на ситуација.

XS
SM
MD
LG