Достапни линкови

Вајгел: Дестабилизацијa на Македонија е ризик за регионот


Известувачот на Европскиот парламент за Македонија Иво Вајгл денеска предупреди дека судирите на македонската полиција со вооружените групи во Куманово претставуваат пресртница и оти нивната ескалација би ја загрозила стабилноста не само на земјата туку и на целиот регион.

"Со денешните крвави судири во Куманово и човечките жртви, политичката криза во Македонија ја достигна по се судејќи пресудната точка за иднината на земјата која веќе десет години чека да ги почне преговорите за пристапување во ЕУ#, наведува Вајгл во соопштението до медиумите.

Словенечкиот европратеник, кој заедно со неговите колеги од ЕП Ричард Ховит и Едвард Кукан посредува меѓу македонската власт и опозицијата за надминување на политичката криза, истакнува дека политичките партии се должни да го обезбедат функционирањето на државните институции, вклучувајќи го и парламентот. Политичките лидери во Македонија имаат одговорност да спречат ескалација на насилствата на улиците, како од страна на демонстрантите, така и од полицијата, вели Вајгл и ги повикува сите македонски државни институции да се вклучат во спречувањето на какво било физичко или вербално насилство и тероризам.

Македонија во овој момент го заслужува сето внимание на ЕУ и меѓународната заедница, а дестабилизацијата на државата лесно би можело да има тешки последици за стабилноста на југоисточна Европа, порачува Иво Вајгл

XS
SM
MD
LG