Достапни линкови

Притвор за осуммина учесници на протестите во Скопје


Основното јавно обвинителство Скопје прими две кривични пријави од МВР, поднесени против вкупно единаесет лица - учесници во протестите пред Владата, соопштуваат од Обвинителството. Против девет е поведена постапка за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие и против две за насилство.

Основното јавно обвинителство – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднело Предлог за определување мерка „притвор“ против осуммина од осомничените, поради, како што се наведува во соопштението, постоење околности кои укажуваат на опасност од бегство и поради постоење особени околности што го оправдуваат стравувањето дека осомничените ќе го повторат делото, а со оглед дека се работи за кривично дело против јавниот ред.

На седум осомничени им е опредеделен притвор во траење од осум дена, а на еден осомничен му е определен куќен притвор, се посочува во соопштението.

Втората кривична пријава е против двајца осомничени за сторено кривично дело „насилство“.

Судот на двете лица им определи притвор во траење од осум дена. Едно од осомничените лица за кривичното дело „насилство“ во моментов е недостапно на органите на прогонот, се додава во соопштението од Основното јавно обвинителство.

XS
SM
MD
LG