Достапни линкови

logo-print

Трет ден протести - гумени бонбони место гумени куршуми


Откако не им беше дозволено да протестираат пред Владата, насобраните граѓани се упатија кон Јавното обвинителство, но и таму не им беше дозволен пристап. Протестот се префрли пред Собрание.

На протестот против полициска бруталност се појавија неколкумина момчиња со качулки на главите, на што насобраните почнаа да викаат „Уа провокатори, кој ве праќа, сега ќе ве сликаме“, по што момчињата со качулки си отидоа со забрзан чекор.

Извикувајќи „Нема правда, нема мир“, „Убијци“, „Оставка“, неколку илјади, претежно млади, луѓе трет ден по ред протестираат на улиците на Скопје барајќи одговорност за прикривањето на убиството на 22-годишниот Мартин Нешкоски пред четири години. Протестот и денеска заврши пред македонското Собрание. И денеска, исто како и вчера, полицијата не им дозволи на насобраните да протестираат пред владата и ги блокира сите приоди до владината зграда.

Ова укажува дека до крај ќе имаме недемократско однесување од нивна страна, од страна на МВР, но и од врхушката, од сите за кои слушнавме во „бомбата“.

Дел од демонстрантите ги нудеа полицајците со бомбони и им подаруваа цвеќе.

„Ги понудив со гумени бонбони и им кажав дека не се гумени куршуми, па може така да живееме заедно, а не со гумени куршуми.“

Откако не им беше дозволено да протестираат пред владата, насобраните граѓани се упатија кон Јавното обвинителство, но и таму не им беше дозволен пристап. Полицискиот кордон беше поставен пред Државниот архив. На чело на колоната беше и братот на убиениот Мартин, Александар Нешкоски. Тој вели дека не е изненаден од забраната да се протестира пред владата.

„Очекувано беше да не нè пуштат да протестираме уште по самото тоа што тие се трудеа да го прикријат убиството. Ова укажува дека до крај ќе имаме недемократско однесување од нивна страна, од страна на МВР, но и од врхушката, од сите за кои слушнавме во „бомбата“. Цела Македонија веќе се дига и очекуваме да се освестат, Груевски и Јанкулоска очекувано е дека нема да се освестат, но очекуваме овие специјални единици да се освестат и да застанат од страната на народот“.

Демонстрантите им кажуваа на полицајците дека со тоа што им го попречуваат движењето го кршат членот 21 од македонскиот Устав, кој вели дека правото на протест може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба и дека за тоа може да одговараат.

Не пишува во Уставот дека имате право да протестираа од 7 до 11 часот, нема такво нешто, инаку вие воведувате полициски час.

„Како ќе нè погледнете утре во очи, кога вашите налогодавачи ќе завршат во затвор?“, ги прашуваа дел од демонстрантите и ги повикуваа да им се придружат на протестите.

„Еве член 21 – Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Има таква во Македонија?“

Полицаец: Ви кажав господине, може да дојдете утре сабајле, сега нема вработени.

Граѓанин: „Не пишува во Уставот дека имате право да протестираа од 7 до 11 часот, нема такво нешто, инаку вие воведувате полициски час.“

Поради тоа што полицијата не им дозволи да протестираат и пред Јавното обвинителство, насобраните граѓани преку Мостот Око и Кејот на реката Вардар дојдоа пред Собранието.

Мартин Нешкоски беше убиен во 2011 година при прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ од припадникот на полициските Тигри, Игор Спасов кој подоцна беше осуден на 14 години затвор. Два дена по убиството полицијата молчеше, а соопшти дека има убиено момче по протестите во Скопје, откако се појавија сведоштва дека полицаец во цивил извршил убиство.

Новите протести за барање на одговорност за прикривањето на убиството Нешкоски почна пред три дена, откако лидерот на опозицијата Зоран Заев објави нелегално снимани телефонски разговори меѓу, како што рече, високи државни и полициски функционери, кои, според него, докажуваат дека тогашниот шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, Дејан Митровски – Урко и други полициски службеници се обидувале да го прикријат убиството. Разговорите, според Заев, докажуваат и дека осудениот за убиството, полицаецот Игор Спасов, вечерта кога го извршил убиството бил на службена должност по усна наредба за обезбедување на прославата на владејачката партија. На судењето полицијата негираше дека тој таму бил службено и тврдеше дека на прославата учествувал како приватно лице.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG