Достапни линкови

logo-print

Насилните протести пред владата - главна тема во весниците


Повредени полицајци, приведени демонстранти. Насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата на протестите за барање одговорност за прикривањето на убиството на Мартин Нешкоски.

„Додека да почне дијалогот, триесет и осум повредени полицајци, триесет приведени на протестите. Македонија преживеа драматична ноќ откако неколку илјади незадоволни се собраа на демонстрации пред Владата“. Вака уште во насловот информира Утрински за изјавата на Јанкулоска по она што се случуваше по објавувањето на аудиоснимките за кои Заев и СДСМ тврдат дека се разговори меѓу Груевски, Јанкулоска, Мијалков, Котевски и Протоѓер по убиството на Нешкоски на плоштадот во Скопје, кога ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата на локалните пред четири години.

Снимките докажаа кој лажел за убиството на Нешковски - тигарот Спасов не е единствениот што треба да одговара.

Сите печатени медиуми информираат за жестокиот настан, се разбира, од уредувачката политика зависат насловните страници и поентата.

„Снимките докажаа кој лажел за убиството на Нешковски - тигарот Спасов не е единствениот што треба да одговара“ - пишува Слободен печат, кој во друго издание насловува: „Брутален напад на полицијата врз народот“ и „Кукавички против својот народ“.

И Нова Македонија информира за судирот помеѓу демонстрантите и полициските специјалци пред Владата, како и за протестите против полициската бруталност и во Прилеп и Битола. „Полицијата ги спречи демонстрантите да дојдат пред зградата на Владата“, информира исто така Нова Македонија за вториот ден од протестите, кога масата граѓани својот револт и несогласување со политиката на Владата го искажа пред Собранието.

Протест на СДСМ и Сорос пред Владата.

„Мала група момчиња се обидува да ги направи протестите насилни“ - додава истиот весник. Утрински информира дека пред Собранието биле повредени полицаец и фоторепортерка на МИА која ги фотографирала. Вечер е преполн со изјавите на Груевски дека „МВР не прикривало во ниеден момент, не глумеле дека не знаат и дека сторителот бил пронајден и осуден“.

Вечер оди и со готови заклучоци: „Протест на СДСМ и Сорос пред Владата“. Друг наслов во Вечер: „Заев сака да дојде на власт со насилство, а неговата цел е дестабилизација“ - цитат од Груевски од интервјуто за Сител ТВ. Потоа, „Насилните протести на Заев се 'пучот' за кој се товари“.

И Дневник, покрај демантите од Груевски, објавува информација со прашален наслов: „Опозицијата го почна украинското сценарио?“ Весниците информираат и за случувањата во ИВЗ. Утрински избрал ваков наслов: „'Пуч' во Исламската верска заедница“.

Малку економија не е на одмет меѓу сите политички вести: „Извозот упорно оди надолу, а расте и трговскиот дефицит - просечниот пад за три месеци споредено со лани е 8,1 отсто“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG