Достапни линкови

Тетово без доволно соодветни спортски игралишта


Фудбалските клубови во градот под Шара немаат помошни игралишта, нема сала за кошарка со паркет и воопшто нема атлетска патека.

Спортските клубови во Тетово немаат соодветна инфраструктура, иако неодамна градот доби неколку сали и едно игралиште, алармираат спортските работници. Според нив, за поздравување е тоа што Тетово добива спортски објекти, но состојбите укажуваат дека тоа е направено стихијно без некој план.

Инфраструктурата ни е далеку од реалноста, од потребите.

Фудбалскиот тренер Љупчо Перински вели дека сите се радуваат што ќе се реконструира стадионот, но потенцира дека клубовите немаат доволно места за тренирање. Недостигаат помошни игралишта зашто има многу клубови со голем број младински екипи.

„Фудбалскиот свет одамна тоа го реши тоа со инфраструктурата. Не можеш да замислиш во Република Словенија што била учесник на светско првенство и што постигнува успеси со младите категории третолигаш да нема помошно игралиште, едно или две. За второлигашите да не зборувам, за прволигашите уште повеќе. Инфраструктурата ни е далеку од реалноста, од потребите“, вели Перински.

Јас втора година по ред пријавувам куп натпревар каде што доаѓаат прволигашки екипи. Лани играв со Куманово, годинава со Струмица. Дојде Работнички, играв и со нив - никој не се жалеше на подлогата.

Кошаркарскиот клуб Те-баскет лани обезбеди учество во првата лига, но федерацијата не дозволи да се натпреварува зашто во градот нема сала со подлога на теренот од паркет. Сите нови сали кои се изградија со владиниот проект за училишни сали имаат подлога од линолеум. Тренерот на екипата, Милан Сотировски, вели дека поради сето ова во Тетово има потреба да се доизгради спортската сала, што се очекува со децении.

„Јас втора година по ред пријавувам куп натпревар каде што доаѓаат прволигашки екипи. Лани играв со Куманово, годинава со Струмица. Дојде Работнички, играв и со нив - никој не се жалеше на подлогата. А тие екипи треба да дојдат само еднаш да гостуваат во Тетово. Јас проблемот не го разбирам. Како подлогата била потврда, можело да дојде до повреди. Мислам дека не држат тие аргументи нивни, но сега тоа е одлука на управниот одбор и мора да се почитува“, објаснува Сотировски.

Според Далибор Спасовски, најтешки услови имаат неколку атлетски клубови во Тетово - немаат атлетска патека.

„Тетово секогаш било расадник за добри атлетичари, посебно за спринтерските дисциплини, а за тие се бараат навистина идеални услови. Бара атлетска патека. Сметам дека треба во Тетово да се направи, ако ништо друго по примерот на Куманово барем 200 метри да има“, вели Спасовски.

Градскиот стадион, старото фудбалско игралиште, нов фудбалски терен со вештачка трева, три нови и една стара училишна сала ја сочинуваат спортската инфраструктура во Тетово.

XS
SM
MD
LG