Достапни линкови

Група вандали или провокатори на мирните протести?


Вчерашните протести поминаа во речиси мирна атмосфера. Неколку девојки кои застанаа во жив штит пред полицискиот кордон не им дозволија на групата маскирани млади момчиња да предизвикаат проблеми.

Синоќа се појавија чудни фаци со фантомки и дуксери врз лицата, со камења во рацете и преполни ранци. Тие луѓе не беа дел од протестите претходно. Тие луѓе нѐ погодија и нас со камењата, фрлени намерно за провокација!

Лично мое мислење, а воопшто и не се сомневам во тоа, дека се пратени да бидат едноставно повод за полицијата да тепа невини и мирни протестирачи како што тоа се случи завчера.

Ова се дел од сведоштвата запишани на социјалните мрежи од демонстрантите кои ги објаснуваат причините за инцидентите на протестите. Вчерашните протести поминаа во речиси мирна атмосфера поради неколку девојки кои застанаа во жив штит пред полицискиот кордон не дозволувајќи им на групата маскирани млади момчиња да предизвикаат проблеми.

Драгана Дрндаревска е една од девојките која синоќа протестираше против полициска бруталност и вели дека целта на вчерашниот протест беше да биде помирен за разлика од претходниот ден.

„Затоа што и претходниот ден имаше провокатори, коишто беа тука пратени, за да испровоцираат насилство, и оние коишто протестираат мирно на крај да бидат истепани и приведени, така што вчера кога се појавија провокаторите на крај истеравме мирен протест но кога ќе го видиш тоа, нормално, ти создава нервоза и гнев“, вели Дрндаревска.

Дали се провокатори или не, дали некој ги испратил или не, тоа е на ниво на шпекулации, иако во јавноста тоа се препишува на организирана акција, и контра акција, меѓутоа е доста јасно дека вакви нус појави има секогаш кога е во прашање топла која не е докрај организирана, затоа што овие протести што се одвиваат имаат голема доза на спонтаност.

Таа додава дека тоа што вчера полицијата не им дозволи на демонстрантите да протестираат пред Влада и го наруши уставно загарантираното право на протест е уште еден показател дека намерно биле испратени група на млади да испровоцираат насилство за полицијата да има причина да удри по демонстрантите.

„Во секој случај и да се незрели малолетни деца, не ги прави помалку опасни во никој случај, и обично незрели малолетни деца се инструирани од некого да дојдат, така што лично мое мислење, а воопшто и не се сомневам во тоа, дека се пратени да бидат едноставно повод за полицијата да тепа невини и мирни протестирачи како што тоа се случи завчера“, вели таа.

Дрндаревска смета дека ваквите случувања само ќе го зголеми бројот на луѓето кои што доаѓаат на протетсите затоа што демонстрантите се политички зрели и знаат да препознаат и ќе им се спротивстават на ваквите појави.

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека нормално е дека во секоја топла постојат различни идеи и причини зошто групи на луѓе излегуваат на протестите но во секоја топла во крајна линија преминува во организирана структура доколку сите ја прифаќаат целта заради која се излегува на протести.

„Против таа цел не може да дејствува самата толпа туку дејствуваат поединци кои можеби се уфрлени од некаде или ова го користат како шанса да ги прикажат или манифестираат можеби своите или фрустрации или некаква желба за авантуризам“, вели Тоновски.

Тој додава дека иницијаторите на инциденти се нус појава на недоволно организирана структура на протести.

„Дали се провокатори или не, дали некој ги испратил или не, тоа е на ниво на шпекулации, иако во јавноста тоа се препишува на организирана акција, и контра акција, меѓутоа е доста јасно дека вакви нус појави има секогаш кога е во прашање топла која не е докрај организирана, затоа што овие протести што се одвиваат имаат голема доза на спонтаност, на доаѓање на протести за да се изрази личниот револт, без евидентна цел што треба да се постигне со дејствувањето пред Владата или пред парламентот“, вели тој.

Тоновски смета дека инцидентите и пречките кои им се поставуваат на демонстрантите нема да имаат влијание за намалување на интересот за учество во демонстрациите или пак зголемување на стравот кај демонстрантите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG