Достапни линкови

Избори во Британија, најнепредвидливи досега


Британците денеска решаваат кој сакаат да ја води петтата најголема економија во светот во најтесните избори досега. Тоа би можело да води кон слаба влада, одржување референдум за или против Европската унија и кон зацврстување на желбата на Шкотска да го напушти Обединетото Кралство.

Конзервативците на премиерот Дејвид Камерон и опозициската Лабуристичка партија на Ед Милибaнд се рамо до рамо во анкетите, индицирајќи дека ниту една страна нема да има доволно за мнозинство во парламентот кој има 650 пратенички места.

„Оваа трка ќе биде најтесна што сме ја имале досега“, им изјави Милибанд на приврзаниците на крајот од петнеделната кампања.

Од своја страна, премиерот Камерон оцени дека само неговите конзервативци би можело да формираат силна и стабилна влада.

Британскиот политички консензус што настана по Втората светска војна во кој во владата се сменуваа Конзервативците и Лабуристите се распаѓа откако маргиналните партии во Шкотска и Англија почнаа да им крадат милиони гласови на главните две партии.

„Сите други опции ќе завршат со хаос“, рече тој.

Конзервативната партија се портретира себе си како партија на економско заздравување, ветувајќи намалување на даноците за 30 милиони луѓе и елиминирање на буџетскиот дефицит.

Лабуристичката партија, пак, најави дека секоја година ќе го намалува дефицитот, ќе работи во интерес на работниците и ќе го прошири националното здравство.

Доколку ниту една не освои мнозинство гласови од 48 милиони Британци кои имаат право да избираат, тоа ќе значи дека ќе биде неопходно формирање коалиција како што е и сегашната на Камерон со Либерал-демократите.

Или, пак, може да води кон кршлива малцинска влада која ќе треба постојано да тргува за гласови во парламентот.

Доколку не може да се формира стабилна влада, Британија би можело да се соочи со политичка нестабилност, па дури и со можноста за нови избори.

Британскиот политички консензус што настана по Втората светска војна, во кој во владата се сменуваа Конзервативците и Лабуристите, се распаѓа откако маргиналните партии во Шкотска и Англија почнаа да им крадат милиони гласови на главните две партии.

Тука и УКИП, партијата која е против Европската унија и која претставува главна закана на шансите на премиерот Камерон да освои мнозинство во парламентот.

Камерон предупреди дека Милибaнд може да владее само со помош на Шкотската национална партија, резултат, што според него, би можел да биде голема опасност за Обединетото Кралство.

Доколку Камерон не освои мнозинство, тој би можело повторно да формира влада со Либерал-демократите и да го спроведе ветениот референдум за тоа дали Британците сакаат да останат во Европската унија или не до крајот на 2017 година.

Коалиција меѓу Конзервативците и Либералдемократите формирана пред пет години беше првата во историјата на Британија по Втората светска војна. Многумина Британци мислеа дека таа ќе биде и последна.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG