Достапни линкови

Битола со најголем број тужени дописници


Јавна дебата - Дали има слобода за слобода на изразување во Македонија во Битола.

Јавна дебата - Дали има слобода за слобода на изразување во Македонија во Битола.

Битолските новинари и дописници на национални медиуми се најтужени во Македонија. Ги тужат политичари, директори и бизнисмени.

Битола од градовите од внатрешноста е град со најголем број на тужби поднесувани против дописници, а локалните новинари се соочуваат и со други притисоци, беше истакнато на дебатата насловена „Дали има слобода за слобода на изразувањево Македонија“ во организација на НВО Инфоцентар од Скопје.

Нема пазар на информација. Некој што чека пари од јавните претпријатија за реклама дали ќе се дрзне да напише нешто против нив. Нема такво нешто.

Новинарката Анета Блажевска истакна дека тужбите доаѓаат од политичари, директори и бизнисмени.

„Пред неколку години поради ваквите тужби новинарите практикуваа автоцензура. Сега уредниците наметнаа цензура, тука е јалова битката на новинарот да протне информација. Нема пазар на информација. Некој што чека пари од јавните претпријатија за реклама дали ќе се дрзне да напише нешто против нив. Нема такво нешто“, вели таа.

Тужбите внесоа страв кај новинарите, додава Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.

Се користат сите можни средства за некаква заштита од можна тужба, што не значи дека тоа ќе ве спаси, зашто од друга страна, иако судиите велат дека се независни, искуствата покажуваат дека има дел кои судат со двојни аршини.

„Гледате сега дека во голем број на медиуми има наслови со прашалници, кога се информира за бомбите се вели наводно. Се користат сите можни средства за некаква заштита од можна тужба, што не значи дека тоа ќе ве спаси, зашто од друга страна, иако судиите велат дека се независни, искуствата покажуваат дека има дел кои судат со двојни аршини. Кога судат во случаи каде се инволвирани политичари од власта, судат експресно, а исходот е секогаш во интерес на политичарите“, рече Бејкова.

Македонија се соочува со стеснет простор на слободата на информирање и зачестен говор на омраза кој може да предизвика несакани последици, констатира Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Треба да се има предвид дека политичарите треба да бидат мета на критика. Тоа треба да се смета, не како контрапродуктивно, туку продуктивно кое треба да ги мотивира да ја подобрат својата работа. Во Македонија постои поинаква ситуација. Сите оние кои истапуваат критички кон политиките на оваа власт или се етикетирани или се мета на многу раширен и брутален говор на омраза. Она што е сериозно е дека говорот на омраза својот финален продукт го наоѓа во инцидентите и делата од омраза“, рече Пировска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG