Достапни линкови

logo-print

Трошење сега, ќе враќаат идните генерации


Економистите велат дека владата ја применува оваа политика на долгорочно задолжување со цел да го префрли товарот на враќање на долговите на некои идни генерации.

Денешното задолжување на државата со аукции од хартии од вредност од 75 милиони евра ја продолжува неколкумесечната практика на долгорочни позајмици. Економистите велат дека владата ја применува оваа политика на долгорочно задолжување со цел да го префрли товарот на враќање на долговите на некои идни генерации.

За да зголемите некому плата денес, вие го префрлате товарот на неговите деца утре. Тие сето тоа ќе треба да го враќаат.

„Очигледно товарот на раздолжувањето станува преголем и кога се појавуваат преголеми буџетски дупки и поголеми проблеми во финансирањето, вие сфаќате дека за два-три месеци нема да имате доволно пари, ниту ќе можете одново на кус рок да позајмите и ви станува поедноставно, ако можете, да се задолжите на подолг рок, бидејќи товарот го префрлувате подалеку во иднината“, објаснува универзитетскиот професор Сашо Арсов, нагласувајќи дека на долг рок и каматните стапки се повисоки, па од тој аспект трошокот на задолжувањето станува повисок.

Тоа стои како еден дамоклов меч врз населението, значи обврските се на долг рок, но тие постојат, а не се знае каква ќе биде состојбата на долг рок, во каква состојбата ќе биде економијата, дали тоа ќе може да се враќа или не, така што има многу неизвесности.

Ваквата политика на задолжувања на рок и до 15 години создава неизвесна иднина за македонската економија, се согласува и професор Марија Зарезанкова-Потевска.

„Тоа стои како еден дамоклов меч врз населението, значи обврските се на долг рок, но тие постојат, а не се знае каква ќе биде состојбата на долг рок, во каква состојбата ќе биде економијата, дали тоа ќе може да се враќа или не, така што има многу неизвесности“, вели таа.

Овие пари најверојатно нема да се користат за инфраструктурни проекти, туку за отплата на веќе заостанатите долгови и пополнување на испразнетиот буџет, велат нашите соговорници. Но, навидум контрадикторната политика на зголемување на плати и ослободување од плаќање придонеси во период на постојани задолжувања, за Арсов е логична, доколку целта на власта е, како што вели, да оствари одредени популистички и социјални политики.

„Ако целта е да остварите одредени ваши популистички и социјални политики, вие мора да трошите повеќе пари, а ако истовремено ги намалувате приходите, вие практично сами создавате уште поголема дупка којашто некако мора да се финансира. Значи, не е контрадикторно, многу е логично тоа што се прави, само што не е исправно, од причина што за да зголемите некому плата денес, вие го префрлате товарот на неговите деца утре. Тие сето тоа ќе треба да го враќаат“, вели Арсов.

И Потевска смета дека зголемувањето на платите претставува административно решение во услови кога економијата нема таков раст за да ги покрие непродуктивните трошења.

„Тоа се непродуктивни трошења. Најверојатно за да се обезбеди некаков социјален мир, задоволство кај вработените, посегнато е по таа мерка, меѓутоа од друга страна ќе има свои последици на обезбедување средства“, вели таа.

Економските аналитичари сугерираат ребаланс на буџетот и што поскоро намалување на трошоците, за да не дојде до создавање на нови долгови и зголемување на буџетскиот дефицит.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG