Достапни линкови

Мало фајде од странските инвестиции


Во јавноста се создава впечаток дека Македонија е инвестициски Елдорадо на Балканот. Реалноста, пак, е сосема поинаква. Земјава е на дното на балканската листа за привлекување странски капитал.

Странските компании одвај чекаат да дојдат во Македонија и да ги инвестираат нивните пари во земјата. Најголема грижа им е само дали во европскиот инвестициски Елдорадо ќе има доволно невработени што ќе можат да ги вработат во десетиците, па и стотици фабрики што планираат да ги отворат. Ваков впечаток се добива ако се следат изјавите на домашните политичари, рекламите и информативните програми на провладините телевизии.

Реалноста, пак, е сосема поинаква. Македонија мака мачи да одржи чекор со соседните земји во привлекувањето странски инвестиции. Податоците на Светската банка покажуваат дека во споредба со балканските земји што не се членки на ЕУ(Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора), Македонија постигнува подобри резултати во привлекувањето странски капитал само од Босна и Херцеговина.

Нето странски инвестиции во Македонија и на Западен Балкан 2009-2013. Илустрација: @Psihata
Нето странски инвестиции во Македонија и на Западен Балкан 2009-2013. Илустрација: @Psihata

Овие шест земји заедно имаат околу 18 милиони жители, односно во Македонија живеат 11 отсто од жителите во регионот, но податоците покажуваат дека само во 2007 година во земјава влегле повеќе од 10 отсто од инвестициите во регионот.

Ако се пресмета нивото на странски инвестиции по жител, се гледа дека Македонија сериозно заостанува под регионалниот просек. Земјава остварува подобри резултати само од Босна и Херцеговина, додека апсолутен рекордер во регионот е Црна Гора.

Нето странски инвестиции по жител во Македонија и на Западен Балкан 2009-2013. Клик на сликата за зголемување. Илустрација: @Psihata
Нето странски инвестиции по жител во Македонија и на Западен Балкан 2009-2013. Клик на сликата за зголемување. Илустрација: @Psihata

Дел од економистите спорат дека попрецизна слика за влијанието на странските инвестиции врз една економија се добива ако тие се претстават како процент од БДП-то. Сепак, податоците на Светската банка за нето прилив на странски инвестиции изразени како процент од БДП покажуваат дека Македонија повторно стои полошо од регионалниот просек и остварува подобри резултати само од Босна и Херцеговина, а во некои години и од Србија.

Странски директни инвестиции изразени како процент од БДП. Клик за зголемување на сликата. Илустрација @Psihata.
Странски директни инвестиции изразени како процент од БДП. Клик за зголемување на сликата. Илустрација @Psihata.

Интересно е да се спомене дека разликата меѓу нето приливот на инвестиции и нето инвестициите во земјата, односно одливот на инвестиции од Македонија во странство е исклучително голем во последните пет години. Во последните пет години, само од Србија годишно излегуваат повеќе инвестиции отколку од Македонија.

Одлив на странски инвестиции од Македонија и од Западен Балкан. Илустрација @Psihata
Одлив на странски инвестиции од Македонија и од Западен Балкан. Илустрација @Psihata

Дека привлекувањето странски инвестиции не оди според планираното покажуваат и неостварените ветувања. Во предизборната програма за периодот 2008-2012 година „Преродба во 100 чекори - проширена и надградена“, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ветува од 200 до 750 милиони евра странски инвестиции годишно. Ветувањето е исполнето само во 2008 година, но мора да се земе предвид дека тогаш почна и светската финансиска криза. Потоа, во предизборната програма за периодот 2011-2015, насловена „Манифест за реформи и развој“, владејачката партија најавува меѓу 300 и 550 милиони евра странски инвестиции годишно. Откако се покажа дека тој предизборен есап „не излегува на пазар“, власта ги намали очекувањата. Во најновата изборна програма „Проверено“ на владејачката партија за периодот 2014-2018 година, пак, не се посочуваат конкретни бројки, туку се ветуваат странски инвестиции од 3 до 5 отсто од БДП-то, што е меѓу 240 и 410 милиони евра.

Надлежните, пак, не се согласуваат дека Македонија стои полошо од регионот.

Нашиот директен фокус е поврзан кон привлекување на гринфилд инвестиции во производствени дејности и ако се направи една анализа колку вакви компании дошле, кои се високо-софистицирани и отвориле работни места со голема додадена вредност, тогаш гледаме дека нашиот главен конкурент во регионот е Србија, но по глава на жител, мислам дека со бројот на креирани работни места во вакви гринфилд инвестиции, дури сме и пред Србија во целиот овој процес. Овие другите земји, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина најчесто, не сакам да кажам секогаш, но најчесто не се директен конкурент за влез на вакви инвестиции.
Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо вели дека бројките се тие, но оти освен квантитетот, важен е и квалитетот на инвестициите. Во Македонија е технички завршена приватизацијата, така што не може да очекуваме прилив на странски инвестиции по тој основ, немаме море, па не можеме да се надеваме на странски инвестиции од продажба на недвижности и инвестиции во хотелиерство и во Македонија, за разлика од регионот, нема преземање на домашни компании од странски, вели тој.

„Нашиот директен фокус е поврзан кон привлекување на гринфилд инвестиции во производствени дејности и ако се направи една анализа колку вакви компании дошле, кои се високо-софистицирани и отвориле работни места со голема додадена вредност, тогаш гледаме дека нашиот главен конкурент во регионот е Србија, но по глава на жител, мислам дека со бројот на креирани работни места во вакви гринфилд инвестиции, дури сме и пред Србија во целиот овој процес. Овие другите земји, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина најчесто, не сакам да кажам секогаш, но најчесто не се директен конкурент за влез на вакви инвестиции“, вели Мизо.

Тој потсетува дека во изминатава година четири германски компании одлучиле да инвестираат во Македонија, наместо во Србија во вакви производствени дејности.

Мизо вели дека конкуренти на Македонија во привлекување вакви инвестиции се другите балканските земји, но и целиот регион на Источна Европа, па дури и Северна Африка.

Инвеститорите бараат политичка стабилност

Македонија ги ослободува странските инвеститори во Индустриските зони од плаќање данок на добивка, ослободени се од плаќање персонален данок на доход за платите на вработените, не плаќаат ДДВ за увоз на репроматеријали, имаат царински олеснувања и ослободувања, не плаќаат надоместок за уредување на градежното земјиште кое го земале под долготраен закуп, ослободени се од обврската за изградба на засолниште при градба на објекти во зоните, како и од плаќањето на придонес за изградба, одржување и опремување на засолништето, владата им дава до 500 илјади евра за изградба на објект, немаат обврска да поднесат гаранција за царински долг, државата плаќа дел од платите на вработените и им дава помош за трошоците за обука и усовршување на вработените.

Таму каде што најмногу можеме да направиме за подобрување на инвестициската клима е сигурноста на правниот систем. Странските инвеститори многу полагаат на тоа дали правниот систем во една земја е во согласност со европското или американското законодавство, дали судството е независно и дали законите важат за сите подеднакво.
Љубе Трпески, поранешен гувернер на НБРМ.

Економистите велат дека клучен фактор за влез на странски капитал во една земја е политичката стабилност, а не финансиската помош што ја нуди државата.

Објективни недостатоци на Македонија на коишто не може да се влијае се малиот пазар, немањето излез на море и завршената приватизација, но од друга страна се политичката и макроекономска стабилност, владеење на правото и правната државата, независно судство и корупција, на коишто државата може да влијае.

Мислам дека треба повеќе да работиме на политичка стабилност, владеење на право, недискриминација, почитување на ефикасна пазарна економија, а не со ниската цена на трудот да привлекуваме странски инвестиции.
Марјан Николов, економски аналитичар.

Аналитичарите посочуваат дека важен фактор за инвеститорите е правната сигурност и предвидливост, а честото менување на законите не оди во прилог на тоа. Имено, Законот за технолошко индустриски развојни зони донесен во 2007 година, речиси секоја година претрпува измени и дополнувања, па досега е менуван седум пати.

Поранешниот гувернер на НБРМ, професор Љубе Трпески вели дека ниту кампањите за привлекување на странски инвестиции и поволностите што им се даваат на инвеститорите веќе не може да се сметаат за предност на Македонија, затоа што и земјите од поширокото соседство веќе го прават истото.

Од снимките што ги објавува опозицијата чувме дека речиси ниедна инвестиција не е договарана без провизија. Тоа кај компании со реноме не може да помине и затоа во Македонија доаѓаат Кондоминаси и Субрати.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

„Таму каде што најмногу можеме да направиме за подобрување на инвестициската клима е сигурноста на правниот систем. Странските инвеститори многу полагаат на тоа дали правниот систем во една земја е во согласност со европското или американското законодавство, дали судството е независно и дали законите важат за сите подеднакво“, вели Трпески.

На иста линија е и економскиот аналитичар Марјан Николов. Според него во целиот регион веќе се исцрпуваат можностите за „тесни мерки“ за привлекување на странски инвестиции со депрецирање на цената на работната сила и со директни субвенционирања и државна помош. Според него, време е да се направи евалуација на тоа што е постигнато и што треба да се прави во иднина.

Владата треба да се насочи кон создавање попредвидливо деловно опкружување, поефикасна администрација, стеснување на просторот за коруптивни активности, намалување на целокупните административни постапки и правни оптоварувања и преструктурирање на образовниот систем во Македонија со цел да се создава висококвалитетна и стручна работна сила. Ова е неопходно за предвидливо деловно опкружување, со што би се привлекле и би се задржале странските инвеститори.
Хуан Педро Хименез Наваро, претседател на Советот на странските инвеститори.

„Мислам дека треба повеќе да работиме на политичка стабилност, владеење на право, недискриминација, почитување на ефикасна пазарна економија, а не со ниската цена на трудот да привлекуваме странски инвестиции“, вели Николов.

Впрочем, кон крајот на минатата година Владата објави оглас за ангажирање на консултантска компанија за анализа на проектот за привлекување странски инвестиции, која треба да направи длабинска анализа на воспоставениот систем за привлекување на странски директни инвестиции во Македонија и да изготви студија со предлог мерки за подобрување на системот.

Академик Абдулменаф Беџети вели дека Македонија е на дното во регионот по привлекување странски инвестиции поради нефункционалното судство, нефункционалната јавна администрација, слабиот капацитет на институциите, високата корупција, но и поради малиот пазар и слабата куповна моќ на граѓаните.

Ако фокусот беше ставен врз пониско технолошки фабрики, на пример од прехранбената, конзервната, млечната индустрија, тогаш тие ќе можеа да креираат додадена вредност не само во смисла на работната сила што тука ја ангажираат, туку и полесно да се поврзат со домашни фирми и од домашни фирми да ги набавуваат своите инпути. Така ќе се постигнеше многу позначаен мултипликативен ефект за нашата економија.
Марјан Петрески, универзитетски професор.

„Во вакви политички услови, бенефициите што им ги даваме на странските инвеститори не се одлучувачки фактор за да очекуваме којзнае какво зголемување на инвестициите“, вели тој.

Беџети додава дека има многу што да се направи на економски план, но предуслов е надминување на политичкиот корпус на фактори.

Поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев вели дека клучно прашање за привлекување инвестиции е перцепцијата за долгорочната стабилност на една земја или еден регион. Ако секој ден има политички турбуленции, ако постојано има закани од влошување на меѓуетничките односи, ако нема елементарно пристоен правен систем, ако нема елементарна транспарентност на институциите, ако има висока корупција, тогаш странските инвеститори нема да дојдат и покрај ниските даноци и олеснување што им ги давате, вели Гошев.

„Од снимките што ги објавува опозицијата чувме дека речиси ниедна инвестиција не е договарана без провизија. Тоа кај компании со реноме не може да помине и затоа во Македонија доаѓаат Кондоминаси и Субрати“, вели Гошев.

На забелешката дека ниту земјите во регионот не може да се пофали со независно судство, владеење на правото или ниска корупција, Гошев вели дека речиси ниедна од соседните држави никој не ја перцепира како држава којашто нема да опстане на долг рок.

„Македонија сè уште ја перцепираат како држава којашто не е дефинитивно етаблирана на светската карта на држави, благодарение на вакви хохштаплерски власти, благодарение на национал-шовинисти, благодарение на луѓе коишто постојано си играат со етничките чувства на луѓето и ги употребуваат тие чувства за дневно политички поени со коишто сакаат да дојдат или да останат на власт“, вели Гошев.

Мизо, пак, не се согласува со таквите оценки за Македонија во однос на регионот. Како аргумент на таквото негово тврдење го изнесува податокот дека странски компании кои веќе инвестирале во соседните земји, при проширувањето во регионот дошле во Македонија, додека инвеститорите од Македонија не се проширувале во странство, туку ги проширувале своите дејности во земјава. Кемет електроникс има фабрика во Ќустендил, а при проширувањето дојде во Скопје, Дрекселмајер има фабрика во Зрењанин, а се прошири во Кавадарци и Џонсон Контролс има фабрика во Крагујевац до фабриката на ФИАТ, а се прошири во Македонија, вели тој.

„Значи имаме три примери на компании од производствени дејности кои се во регионот, а кои дополнителните инвестиции не ги направиле во тие земји, туку кај нас, додека странски компании што инвестирале прво кај нас, не направиле такво регионално проширување“, вели Мизо и нагласува дека политиката за привлекување странски инвестиции дава резултати.

Советот на странски инвеститори во Македонија на почетокот на годинава издаде Бела книга во која ги посочува посакуваните промени за подобрување на условите за работење и дава конкретни предлози за нивно подобрување.

Претседателот на Советот на странските инвеститори, Хуан Педро Хименез Наваро, рече дека има пет клучни приоритети чие подобрување носи поволности од неколку аспекти.

„Владата треба да се насочи кон создавање попредвидливо деловно опкружување, поефикасна администрација, стеснување на просторот за коруптивни активности, намалување на целокупните административни постапки и правни оптоварувања и преструктурирање на образовниот систем во Македонија со цел да се создава висококвалитетна и стручна работна сила. Ова е неопходно за предвидливо деловно опкружување, со што би се привлекле и би се задржале странските инвеститори“, рече Наваро.

Тој побара поголема вклученост на бизнис заедницата при носењето на законите и се пожали на честата промена на легислативата.

Странските инвеститори се незадоволни од платежната дисциплина, правната сигурност, пристапот до финансиите од ЕУ, ефикасноста на јавната администрација и транспарентноста на јавните набавки.

Од друга страна, слични забелешки изнесуваат и за другите земји во регионот.

Професор Марјан Петрески, пак, вели дека Македонија не може да се гледа изолирано од регионалниот контекст и оти земјава се држи околу регионалниот просек. Тој се надева дека вистинските ефекти од странските инвестиции ќе се видат на долг рок. Петрески вели дека не е клучно прашање Македонија да привлече што повеќе од инвеститорите што решиле да дојдат на Балканот, туку дека треба да се привлечат инвеститори коишто повеќе ќе можат да соработуваат со домашното стопанство.

„Досега фокусот главно беше ставен на автомобилската индустрија и навистина дојдоа некои фабрики од автомобилската индустрија, но тие имаат релативно високо технолошко ниво и за нив е многу тешко да се поврзат со домашната економија. Голем дел од она што тие го ставаат како инпут во производниот процес се увезува, така што додадената вредност за нашата економија во голем дел се сведува на вградената работна сила. Тие навистина го зголемија нашиот извоз, но го зголемија и увозот, така што нето ефектот е релативно мал. Наместо тоа, ако фокусот беше ставен врз пониско технолошки фабрики, на пример од прехранбената, конзервната, млечната индустрија, тогаш тие ќе можеа да креираат додадена вредност не само во смисла на работната сила што тука ја ангажираат, туку и полесно да се поврзат со домашни фирми и од домашни фирми да ги набавуваат своите инпути. Така ќе се постигнеше многу позначаен мултипликативен ефект за нашата економија“, вели тој.

Мизо, пак, вели дека се обидуваат да привлечат и такви инвеститори, но оти ТИР зоните се за високо-технолошки компании. Тој посочува дека власта директно работи со домашните добавувачи на подобрување на квалитетот и конкурентноста на овие компании и на сертифицирање за работа и квалитет, за да може да влезат во ланецот на снабдување на високо-софистицираните компании.

Фрли рипче - фати крапче или жив зијан?

Агенција за странски инвестиции, Дирекција за технолошко-индустриски зони, економски промотори, кампањи за привлекување инвеститори, роуд-шоуа... Македонија од 2007 година сериозно инвестира во привлекувањето странски капитал. Какви се ефектите?

Или не постои доволно стручност да се изведе сето тоа, не постои доволно агилност од Комисијата за заштита на конкуренцијата да ги поттикне да го прават тоа и да ја исполнуваат својата законска обврска или можеби се плашат дека е возможно да се надмине тој праг од 50 отсто ако се соберат сите овие бенефиции што им се даваат на странските компании.
Диана Близнаковска, Македонски центар за европско образование.

Премиерот Никола Груевски кон крајот на минатата година, во обраќањето на 15-та Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО–ДПМНЕ, рече дека со странските директни инвестиции од 2006 година досега се вработени директно 11 илјади луѓе. Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски зони, Виктор Мизо, на прес-конференција на почетокот на годинава рече дека само во зоните има 3.500 вработени и оти годинава се очекуваат уште 400-500 нови вработувања.

Извозот од зоните минатата година достигнал 1,170 милијарди евра, а увозот бил 1,037 милиони евра, односно нето ефектот од извозот од зоните бил 133 милиони евра. Надлежните очекуваат извозот оваа година да биде за 15-20 отсто поголем и во иднина да продолжи да расте.

Ние, на Универзитетот ЈИЕ, имаме направено истражување во однос на корелацијата на странските директни инвестиции во однос на БДП-то, што прикажува парадоксална ситуација, односно покажува дека оваа корелација е негативна. Како може големината на инвестициите да биде корелирана негативно со БДП-то? Токму поради тоа што некогаш трошковната компонента која се предизвикува со нивно привлекување е поголема од придобивката.
Абдулменаф Беџети, универзитетски професор.

Според власта, соработката на странските компании лоцирани во зоните и домашните компании во 2013 година бил околу 50 милиони евра, што е помалку од 10 отсто од остварениот извоз од зоните. Сè уште нема податоци за годинава, но Мизо нагласува дека 500 македонски компании соработуваат со странските инвеститори, а една домашна компанија прераснала во добавувач на глобално ниво за Џонсон Мети.

Од друга страна, владата ги крие субвенциите што им ги дава на странските инвеститори да дојдат во Македонија, па е тешко да се направи анализа колку државата ја чини едно работно место кај странски инвеститор.

Ако гледаме од економска гледна точка, таа компанија пред да дојде во Македонија воопшто не плаќала даноци во македонскиот буџет, така што ние ги ослободуваме компаниите во тој период од 10 години, но во реалноста, од гледна точка на буџетот, тоа не е дополнителен трошок, бидејќи тој приход воопшто не постоел.
Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

„Целокупниот процес на привлекување на странски инвестиции е инвестиција, а не трошок“, вели Мизо и посочува дека Македонија сега е ставена на светската бизнис мапа каде се разгледува помеѓу земји каде порано компаниите воопшто не нè перцепирале.

Бенефициите што ги добиваат странските инвеститори се делат врз основа на Законот за технолошки индустриски развојни зони и на Законот за контрола на државна помош. Преку овие закони, освен даночните и царинските ослободувања, се спроведуваат и директните финансирања во форма на готовинска исплата од буџетот на сметка на странските компании. Право на финансиска поддршка имаат странските фирми што работат во и надвор од слободните зони.

Сепак, договорите за помош што им ја дава државата на странските инвеститори е тајна.

„Планираната државна помош - кеш грант во висина од ХХХХ во МКД противвредност за креирање на нови работни места поврзани со инвестицијата е планирано да се доделува во износ од ХХХХ во МКД противвредност за креирано работно место или по години: во 2013 година износ од ХХХХ во МКД противвредност за минимум 40 вработени; во 2014 година износ од ХХХХ евра во МКД противвредност за минимум 120 вработени и за во 2015 година износ од ХХХХ евра во МКД противвредност за минимум 200 вработени“, пишува меѓу другото во решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата со кое се дозволува државна помош за компанијата Кемет електроникс.

Во анализата за квалитетот на работните места кои ги нудат компаниите во технолошко-индустриските развојни зони на Македонскиот центар за европско образование се наведува дека транспарентноста на Владата во однос на доделените средства и достапноста до информации во однос на оваа област е многу ниска.

„Иако се работи за пари на граѓаните, државната помош во вид на материјални и нематеријални средства која ја добиваат инвеститорите е тајна за граѓаните на Република Македонија, а понекогаш се подведува и како деловна тајна“, се наведува во анализата.

Еден од авторите на истражувањето, Диана Близнаковска, вели дека Агенцијата за странски инвестиции е должна да води сметка и да поднесува извештаи до Комисијата за заштита на конкуренцијата за висината на доделената помош. И во извештајот на Државниот завод за ревизија е наведено дека Агенцијата не го прави тоа, вели таа.

„Доделената државна помош не треба да надминува 50 отсто од вкупната инвестиција. Или не постои доволно стручност да се изведе сето тоа, не постои доволно агилност од Комисијата за заштита на конкуренцијата да ги поттикне да го прават тоа и да ја исполнуваат својата законска обврска или можеби се плашат дека е возможно да се надмине тој праг од 50 отсто ако се соберат сите овие бенефиции што им се даваат на странските компании“, вели таа.

Марјан Николов од Центарот за економски анализи вели дека е потребна поголема транспарентност од државата за тоа колкава и каква помош им дала на инвеститорите.

„Потребно е објавување на договорите коишто Република Македонија ги има склучено со тие компании или барем да видиме каков тип на државна помош добиле компаниите, значи да видиме една доза на транспарентност“, вели Николов.

Академик Беџети, пак, посочува дека во ситуација кога не знаеме колкава државна помош добиваат странските инвеститори, многу е тешко да се процени колкав е вистинскиот ефект од нив, а во некои случаи вели дека сме во минус.

„Ние, на Универзитетот ЈИЕ, имаме направено истражување во однос на корелацијата на странските директни инвестиции во однос на БДП-то, што прикажува парадоксална ситуација, односно покажува дека оваа корелација е негативна. Како може големината на инвестициите да биде корелирана негативно со БДП-то? Токму поради тоа што некогаш трошковната компонента која се предизвикува со нивно привлекување е поголема од придобивката“, вели Беџети кој на привлекувањето на странски инвестиции гледа како на маркетиншки трик на владата без реални ефекти за домашната економија.

Иако договорите за помош што ги добиваат странските инвеститори се тајна, преку различни извештаи на различни државни институции може да се добие увид за дел од доделените средства.

Во годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2011 пишува дека Кемет електроникс во 2011 година добил регионална помош од владата од 2,05 милиони евра. Со оглед на тоа што компанијата треба да вработи 500 луѓе, излегува дека за едно работно место државата потрошила по 4.100 евра само во директна помош.

Во истиот извештај се наведува дека на компанијата СМР Аутомотивес систем, која е дел од индиската Самвардана Мадерсон груп, ѝ се доделува државна помош од над 2,8 милиони евра. Камен темелник за двете фабрики кои требаше да произведуваат делови од ретровизори во зоната Бунарџик беше поставен во август 2011 година. Беше најавено дека инвестицијата ќе тежи 12 милиони евра и ќе се вработат 140 луѓе. Сепак, од фабриката не испадна ништо. Минатата година, опозицискиот СДСМ обвини дека владата им дала пари на Индијците, а најавените фабрики ги нема. Владата одговори дека не исплатила ниту денар помош. Сепак, според овие бројки, отворање на едно работно место во индиската компанија требало да ја чини државата 20 илјади евра.

Истата година се наведува дека ѝ е доделена регионална помош и на фабриката Кромберг и Шуберт, но не се наведува сума.

Во извештајот на Комисијата за 2012, пак, државната помош за регионален развој за компаниите Дрекслмајер, Џонсон Контролс и Ван Хоол не е објавена. Во извештајот за наредната 2013 година, не е објавена државната помош за регионален развој за компанијата Маркарт поради тоа што е деловна тајна.

Во извештајот за 2008 година не се наведени компании, но пишува дека претходната година за регионална помош се потрошени 8,8 милиони евра, што во најголем дел се должи на „поттикнување на инвестициите, особено во технолошко-индустриските развојни зони“. Во 2008 се наведува дека се потрошени 1,7 милиони евра за регионален развој врз основа на Законот за ТИРЗ.

Во извештајот на државниот ревизор од 2013 година за Агенцијата за странски инвестиции може да се дознае дека на компанијата Џонсон контролс во периодот 2007-2011 година треба да ѝ се исплатат грантови од 4 милиони евра и тоа два милиони за изградба на објектот и два милиони евра за тренинг на вработените. Дополнително, компанијата добива ослободување од данокот на добивка за период од 10 години и друг вид на државна помош преку компензација на бруто платата на секој работник во период од две години. Со оглед на тоа што Џонсон контролс треба да вработи 500 луѓе, според овие бројки за секое работно место државата ѝ дала на компанијата по 8 илјади евра.

Српските власти велат дека за секое ново-отворено работно место кај странски инвеститор трошат по 4.600 евра, но дека Македонија дава далеку повеќе пари. Според таа проценка, само во последните девет години Македонија им дала на странските инвеститори најмалку 50 милиони евра.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони вели дека во најголем број на случаи и најголемата сума која ја добиваат компаниите не е директно во кеш, туку е индиректно во долгорочни даночни ослободувања.

„Ако гледаме од економска гледна точка, таа компанија пред да дојде во Македонија воопшто не плаќала даноци во македонскиот буџет, така што ние ги ослободуваме компаниите во тој период од 10 години, но во реалноста, од гледна точка на буџетот, тоа не е дополнителен трошок, бидејќи тој приход воопшто не постоел“, вели Мизо.

Главната дилема, пак, е дали инвеститорите ќе останат и по прекинувањето на државната помош што ја добиваат. Дел од економистите критикуваат дека по завршувањето на периодот од 10 години во кој странските инвеститори може да добиваат државна помош, тие може да се спакуваат и да си заминат во друга држава во која ќе им дадат нови субвенции и даночни и царински ослободувања, но други аргументираат дека предност на Македонија ќе биде тоа што веќе ќе има создадена инфраструктура и обучена работна сила, па ќе им биде неисплатливо да заминат и да почнуваат одново.

Мизо, пак, вели дека големите компании прават длабински анализи пред да влезат во некоја земја и не доаѓаат за кратко време.

„Самиот оној факт дека неколку компании реинвестирале во Македонија, Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Технохозе, дури и Анфенол планира да инвестира многу поголема сума пари во производство во зоната во Виница. Тоа директно укажува на фактот дека, не само што не планираат да затвараат за 10 години, туку доинвестираат и реинвестираат дури и пред завршување на овој рок“, вели Мизо.

Тој вели дека со добрата меѓусебна соработка се влијае на нивно останување во земјава.

Нема ништо невино во „девствените“ инвестиции

Според податоците на Народната банка на Македонија, во изминативе две децении, заклучно со 2013 година, во земјава влегле скоро 4 милијарди евра странски инвестиции. Најголем инвеститор е Холандија од каде доаѓаат една петтина од инвестициите, односно 815 милиони евра, по што следат Австрија со 484 милиони евра, Грција со 433 милиони евра, Словенија со 396 милиони и Унгарија со 324 милиони евра. Над 60 проценти од сите странски инвестиции во земјава доаѓаат од овие пет земји.

Околу 95 отсто од странските инвестиции во земјата доаѓаат од само 20 земји. Скоро сите од листата најголеми 20 странски инвеститори во земјава се држави од ЕУ и НАТО или од соседството. Речиси сите, освен две. На 17 место на најголеми странски инвеститори во Македонија, со инвестирани 67 милиони евра, се Британските Девствени Острови, а на 19 место со 43 милиони евра е Свети Винцент и Гренадини.

Јас сметам дека тоа се всушност наши пари, пари коишто некои лица, чиј идентитет веројатно е тешко да се утврди, ги изнесуваат надвор од Македонија по различни основи и пари коишто потекнуваат од различни, најчесто коруптивни и незаконски активности, коишто потоа од таму се инвестираат повторно назад со што се затвора еден многу едноставен круг на перење пари.
Слаѓана Тасева, Транспаренси интернејшнал Македонија.

Британските Девствени Острови се карипска држава сместена источно од Порторико. Тие се дел од британските прекуморски територии и очекувано, официјален јазик е англискиот. Државата е составена од 30-тина острови со вкупна површина од 153 квадратни километри и 28 илјади жители, односно и според територија и според жители е колку Општина Врапчиште.

Свети Винцент и Гренадини исто така е карипска островска држава, која е дел од Малите Антили. Државата ја сочинуваат островот Свети Винцент и двете северни третини од островите Гренадини, на коишто уште е државата Гренада. Земјата има и англиско и француско колонијално минато. Независна е од 1979 година, а официјален јазик е англискиот. Сиромашната карипска држава се прослави по тоа што таму е снимен филмскиот блокбастер „Карипските пирати со Џони Деп“ во главната улога. Со територија од 389 квадратни километри и 103 илјади жители, државата е поголема од Гостивар, а помала од Куманово.

Заедничко за овие две земји е што освен за туристички, важат и за даночен рај, каде што не може да се дознае чија е некоја фирма и чија е некоја банкарска сметка.

Потекло на странските директни инвестиции во Македонија. Илустрација @Psihata.
Потекло на странските директни инвестиции во Македонија. Илустрација @Psihata.

Според податоците на Народната банка на Македонија, 220 милиони странски инвестиции во земјата во изминатите две децении доаѓаат од оф-шор држави. Најголем оф-шор инвеститор е Кипар, па потоа се Британските Девствени Острови, Свети Винцент и Гренадини, Лихтенштајн, Панама и Белизе. Над 5,5 отсто од вкупните странските инвестиции во Македонија доаѓаат од земји кои ги кријат сопствениците на капиталот.

Тешко дека може од таму да дојдат чесни пари. Штом отишле таму, штом барале држави како Белизе, како Британски Девствени Острови, таму стигнале неоданочени пари или пари од нелегални бизниси. Дефинитивно.
Петар Гошев, поранешен гувернер на НБРМ.

Тоа се пари украдени од Македонија, кои сега се враќаат како наводни странски инвестиции, велат аналитичарите.

Во овие држави има повеќе банки и повеќе банкарски сметки отколку што имаат жители и дозволуваат да има фирми и банкарски сметки чии сопственици се непознати, вели претседателката на Транспаренси интернејшнал Слаѓана Тасева и додава дека преку овие држави најчесто се перат нелегални пари.

„Најчесто тие се користат од сите оние коишто на одреден начин сакаат да го скријат потеклото на пари со коишто располагаат. Тоа се средства коишто најчесто се нелегални и чии сопственици настојуваат на одреден начин преку некоја инвестиција на крајот да се појават како легални за да можат нормално да располагаат со нив и тоа и нам ни се случува. Јас сметам дека тоа се всушност наши пари, пари коишто некои лица, чиј идентитет веројатно е тешко да се утврди, ги изнесуваат надвор од Македонија по различни основи и пари коишто потекнуваат од различни, најчесто коруптивни и незаконски активности, коишто потоа од таму се инвестираат повторно назад со што се затвора еден многу едноставен круг на перење пари“, вели Тасева, која додава дека државата поради политички причини не се бори против тоа.

Со сличен став е поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев.

„Многу веројатно е дека тие инвестиции не се странски, туку се пари изнесени од Македонија, коишто потоа на индиректен начин треба да се легализираат доаѓајќи во земјата или тоа се пари на други криминалци коишто не плаќале даноци, незаконски заработувале во соседните земји или во други земји во коишто нивото на правната држава е на многу ниско ниво. Тешко дека може од таму да дојдат чесни пари. Штом отишле таму, штом барале држави како Белизе, како Британски Девствени Острови, таму стигнале неоданочени пари или пари од нелегални бизниси. Дефинитивно“, категоричен е Гошев.

Ако институциите работат како што треба, многу работи може да се откријат. Не сè, но може да се открие многу, вели тој.

Предизборни закани за странските инвеститори

Во една од таканаречените бомби на опозицијата беше објавен нелегално снимен телефонски разговор меѓу, како што велат во СДСМ, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и соговорник во кој разговараат за инспекции во хрватскиот инвеститор Агрокор. Со притисокот власта сака да обезбеди предизборна поддршка од странскиот инвеститор.

please wait

No media source currently available

0:00 0:02:14 0:00
Директен линк

„Машки глас 1: Ѓоко?

Машки глас 2: Здраво министер.

Машки глас 1: Што праиш?

Машки глас 2: Еве баш зборев сега ми се јави на другиот телефон, кога ме бараа, ми се јави овој што е во Бордот на директори во Агрокор, во Хрватска. Денис Спасиевиќ.

Машки глас 1: Аха.

Машки глас 2: Веројатно го познавате, тој е одговорен за овде. Има еден проблем, вчера бевме со вицепремиерот...

Машки глас 1: Знам.

Машки глас 2: И денес имаат едно 10 инспектори таму.

Машки глас 1: А?

Машки глас 2: Десетина инспектори имаат, пазаришни, трудови, даночни.

Машки глас 1: Ако де ако, држава сме контролираме. Речи му пак ти со Заев да работиш. Му ибам мајката у пичка.

Машки глас 2: Овој Хрватот ми вика дека нели, цело време даваме поддршка, јас со Заев никој пат...

Машки глас 1: Многу јака поддршка дава, знаеш каква поддршка дава. Значи прво, Ставрески појде таму, никој немаше. Второ, на камен темелник не не викнаја.

Машки глас 2: Знам, му рече вчера, му рече вчера вицепремиерот, тоа што се случило, како се случило таму, му го спомна тоа. И овој сега Хрватот вика ќе ве дадам во новини, демек така не се работи со фирмите. Пријател ми е, кога доаѓаше тука...

Машки глас 1: Шо че не даде во новини? Зошто му дадовме земјиште по 1 евро? Зошто че не даде? Нема ли контроли у Хрватска тој? Што реагираше...

Машки глас 2: Он сега тоа го користи дека вчера му го кажа тоа Ставревски, нели на него и сега демек, нели за инает е тоа направено, денес да имаат контроли.

Машки глас 1: Вака кажи му низ цела Македонија има контроли, така да, да не се секира. И кажи му ако соработува со нас, до 5-ти јуни ние тоа ќе го почитуваме. А ако не соработува со нас до 5-ти јуни, дека ние пак ќе бидеме на власт и ќе го имаме тоа предвид. Така да му кажеш.

Машки глас 2: Да му го дадам Вашиот број на...

Машки глас 1: Не, не, не, не го знам јас тој човек.

Машки глас 2: Раководител на финансии е, таму горе кај Вас е претседателката на Унија на жени.

Машки глас 1: Добро де, океј е.

Машки глас 2: Тања е таму, значи преку Денис, за да има влијание...

Машки глас 1: Луѓе...

Машки глас 2: Тој сè струмичани ги набута таму...

Машки глас 1: Види, контролирана ни е акцијата, така да не се грижи. Ти кажи му не се грижи, ако нè поддржуваш на 5-ти јуни, ние тоа ќе го почитуваме.“

Истражувачката сторија е поддржана од НЕД во рамки на проектот „Промовирање на истражувачкото новинарство во сферата на јавните трошења“ во партнерство со НОВАТВ.

Поради летните одмори, денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 2 мај годинава.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG