Достапни линкови

Два првомајски протеста во Скопје


Денеска напладне во Скопје ќе бидат одржани два протеста по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај.

Едниот е во организација на левичарските движења „Солидарност“ и „Ленка“, Синдикатот на новинарите и медиумските работници, Синдикатот на дипломатската служба, на вработените во културата, а ќе им се придружат и Синдикатот на УПОЗ и МЕССО, кои се гранкови синдикати на ССМ, како и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија. Тие, како што најавија, ќе протестираат против постојаното кршење на работничките права и задушувањето на синдикализмот.

По неколкугодишна пауза и Сојузот на синдикатите на Македонија ќе маршира, како што беше објавено, за солидарност.

Протестот на потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права ќе започне пред споменикот на Синдикатите меѓу двете светски војни, во близина на автобуската постројка на Југодрво, а предвидено е да заврши пред Владата на Република Македонија. Тие на протестот ги повикаа и студентите и средношколците, оти како што велат, токму тие покажале дека има можност и начин да се биде гласен и да се принудат властите да го слушнат народот.

XS
SM
MD
LG