Достапни линкови

Бирократија за малите набавки, за големите нема закон


Илустрација.

Илустрација.

За договори во 4 очи, без оглас, лани институциите потрошиле 56 милиони евра. Според аналитичарите, кога станува збор за големи набавки процедурите и законите не се почитуваат докрај, додека помалите набавки честопати заглавуваат во бирократскиот лавиринт.

Институциите потрошиле 600 илјади евра за добивање согласност за спроведување тендери од Советот за јавни набавки, но примерите кои се евидентирани за време на мониторингот на јавните набавки, кој го спроведува Центарот за граѓански комуникации, укажуваат дека со ова новоформирано тело, не се постигнала првичната цел, а тоа е зголемување на конкуренцијата на понудувачи, туку напротив конкуренцијата во тендерите е намалена во однос на првата половина од 2014 година.

Факт е дека мора да се подигне нивото на транспарентност, и некакви контролни механизми, да се наоѓаат или да се имплементираат во тие големи тендери наспроти олабавување на административната процедура кога станува збор за малите набавки.

Сабина Факиќ од Центарот вели дека за само 6 месеци до Советот се пристигнати 6 илјади барања, а тоа допринесува за зголемување на административното и финансиско оптоварување за спроведување на тендерите без значаен ефект.

„Што во крајна линија не дава резултати дека јавните пари се потрошени на рационален и ефикасен начин, и факт е дека е апсолутно нелогично истите процедури да важат за поголемите тендери еднакво како и за помалите тендери. Значи произлегува дека тие треба да ја испочитуваат истата процедура и ако купуваат нешто за 500 евра и истата процедура ако се купува нешто од 100 милиони евра. Факт е дека мора да се подигне нивото на транспарентност, и некакви контролни механизми, да се наоѓаат или да се имплементираат во тие големи тендери наспроти олабавување на административната процедура кога станува збор за малите набавки,“ вели Факиќ.

Некаде се доставени документите отпосле, а некаде дури постојат и фалсификувани документи, така да факт е дека таму каде што се поголеми сумите поголем е и интересот на заинтересираните страни да ги извлечат профитите односно провизиите што побргу.

Според мониторингот на јавните набавки минатата година било забележано дека за договори во 4 очи без јавен оглас со користење на постапката преговарање институциите потрошиле 56 милиони евра. Советот во овој сегмент успеа да го намали бројот на нетранспарентни договори, но сепак нивото на склучени договори без оглас е висок, додава Факиќ.

Кога станува збор за големи тендери како што е на пример Панорамското тркало или шестоседата жичница на Ски - центарот Попова Шапка во вредност од речиси 9,5 милиони евра, институциите многу лесно ја користат законската можност да влезат во фаза договарање со единствениот понудувач без оглас, објаснува Факиќ.

„Со тоа избрзување на објавување на еден оглас и потоа кога ќе се види дека има еден понудувач да се инсистира со него да се склучи договорот, секако го зголемува сомнежот дека идејата не е да се добие најдобрата понуда за парите што сакаат да ги потрошат, туку едноставно да се исфаворизираат одредени понудувачи, во дадени случаи секако“, вели Факиќ.

Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл -Македонија, вели дека во големите тендери, има големи суми и големи сметки, а со тоа и големи можности за злоупотреба на јавните набавки, а најверојатно тоа е мотивот за тие да се завршат во 4 очи. Таа додава дека во она што го увидела во анализата на постапките во проектот Скопје 2014 во голем дел од набавките не постоеле ни основна документација.

„Некаде се доставени документите отпосле, а некаде дури постојат и фалсификувани документи, така да факт е дека таму каде што се поголеми сумите поголем е и интересот на заинтересираните страни да ги извлечат профитите односно провизиите што побргу.“

А кога станува збор за функционирање на институциите не само од прислушуваните разговори, туку и од досегашните анализи е констатирано дека институциите немаат основни средства за работа, дека буџетите се мали , дека имаат проблеми со јавните набавки со што се отежнува нивното работење.

„А тоа е затоа што најчесто буџетите се нереално планирани, често се прават пренамени на средствата во буџетите во едни од други ставки, и тука најлошо поминуваат најобичните потреби на институциите и на граѓаните, за кои што стално се смета дека може да се одлагаат, дури слушаме дека во институциите, вработените сами си купуваат хартија ако сакаат нешто да принтаат“, вели Тасева.

Таа тврди дека и тие набавки се договараат однапред, се знае кој ќе ги набави принтерите, но тие постапки одат побавно, затоа што сумите се помали.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG