Достапни линкови

Трпчески – Платнар не смее да биде заборавен


Делириум тременс, монодрама.

Делириум тременс, монодрама.

Нецела недела по праизведбата на Фестивалот на монодрамата во Битола, од овој четврток, 30 април, на сцената на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, започна да живее „Делириум тременс“, претставата работена по текст на Благоја Ристески Платнар, а во изведба и режија на Игор Трпчески-Трпче. Станува збор за копродукциски проект на „Театарска работилница“ и матичната куќа на актерот кој на крајот на мај патува на фестивалот „Албо моно“ во Корча, Албанија и кој е придружен со публикување на целиот текст на Платнар на македонски и англиски јазик со предговор на професор д-р Ферид Мухиќ.

Монодрамата „Делириум тременс“, наспроти сета своја навидум аскетски симплифицирана фабула, во основа е адресирана токму кон ова најкрупно прашање на човечкиот живот! Низ сосема секојдневни слики на единствениот лик кој се двоуми дали е сценски работник или е актер, дали е женет или е ерген, дали сторил злостор или не го сторил, Платнар ја внесува драмата на неизвесноста до степен порадикален од тврдењето на Калдерон: Животот е сон! - имено, до степен на кој станува невозможно со сигурност да се одговори дали воопшто и сонуваме! Што ако животот не е дури ни сон, што ако е само хаотичен кошмар!?

Овој текст на Платнар ја содржи целата историја на театарот заложена во себе си, поминува низ повеќе фази-жанрови, од комедија, фарса, апсурд, психодрама, антидрама, па низ антитеатар, а ние во процесот на работа стигнавме и до епски театар, па и до кабаретски-музички театар. Тоа е големина вткаена во десетината страници на текстот на Благоја Ристески Платнар. Благодарен сум на семејството Ристески кое ни отстапи да го работиме овој проект.

Што ако смртта е само чинот на иреверзибилното будење од тој кошмар!? Калдероновата дилема во која со репликата: „Ако животот е сон – не будете ме!“, спасот го бараме во продолжувањето на животот преку продолжувањето на сонот, во основа изразува една бенигна позиција на наивна верба и прифаќање на животот. Одејќи до самиот раб на свеста, Платнар на сцена внесува моќна и страотна опција, дека спасот не е во спиењето, туку во будењето од овој живот! Со секој свој збор и со целата своја морничава исповед пред гледачите, ликот на неговата монодрама всушност преколнува: „Ако е ова животот – разбудете ме!“ Час поскоро!

Игор Трпчески

Игор Трпчески

Ова, меѓу другото, ќе го запише професор д-р Ферид Мухиќ во предговорот на книгата на Благоја Ристески Платнар, која на македонски и англиски јазик беше објавена паралелно со праизведбата на монодрамата „Делириум тременс“ на актерот и режисер Игор Трпчески-Трпче.

Така приказната всушност ја гледаме како низ едно скршено огледало низ призмата на овој сценски работник. Од таму претставата е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.

Нецела недела по праизведбата на Фестивалот на монодрамата во Битола, овој копродукциски проект на „Театарска работилница“ и прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, го продолжува своето засебно битисање и на виделина ја изнесува силната потреба за реоткривање на убавината и моќта на еден од првите драмски текстови на големиот Платнар.

„Овој текст на Платнар ја содржи целата историја на театарот заложена во себе си, поминува низ повеќе фази-жанрови, од комедија, фарса, апсурд, психодрама, антидрама, па низ антитеатар, а ние во процесот на работа стигнавме и до епски театар, па и до кабаретски-музички театар. Тоа е големина вткаена во десетината страници на текстот на Благоја Ристески Платнар. Благодарен сум на семејството Ристески кое ни отстапи да го работиме овој проект“, вели Трпчески.

Тој појаснува дека, иако напишана осумдесеттите години од минатиот век, трагикомедијата „Делириум тременс“ не ја дочекала својата премиера на сцените, веројатно поради непопуларноста на монодрамата како жанр во тоа време, но дека никако не би требало да биде заборавена денес. Ниту текстот, а уште повеќе неговиот автор и еден од светилниците во македонската драматургија и литература воопшто.

„Сметам дека Благоја Ристески Платнар е многу заборавен кај нас. Помина една декада од неговата смрт и за целото тоа време во театрите кај нас е поставен само еден и единствен негов текст - „Железното пиле“ во Велешкиот театар. А тој има оставено толку убави дела како „Лепа Ангелина“, „Спиро Црне“, „Арсениј“, „Летни Силјане!“ и уште неколку други кои би требало да бидат драматизирани и поставени на сцена. Не би знаел зошто е тоа така. Зарем оваа власт се плаши да го поставува или можеби се оди на тоа свесно да биде заборавен. А, треба ли по којзнае кој пат да потсетуваме на неговиот моќен, архаичен платнаровски јазик? Не случајно го викаа македонскиот Шекспир и не случајно ние текстот го преведовме на англиски јазик и користиме делови од него кои се говорат токму на тој јазик“, вели Трпчески.

Говорејќи за својата поставка, тој забележува дека уште на самиот почеток на текстот, авторот го загатнува „театарот во театар“, така што јунакот ни го претставува како сценски работник, кој случајно е тука и ни соопштува дека нема да има претстава, затоа што актерот кој треба да ја одигра претставата, е во болница поради „Делириум тременс“.

„Така приказната всушност ја гледаме како низ едно скршено огледало низ призмата на овој сценски работник. Од таму претставата е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв“, вели тој.

Во ваквата поставеност на нештата, Трпчески неоспорно силна поддршка имал и од своите соработници како Димитар Георгиевски - гитарист, басист, Актерот во пиесата, сакасфонистот Борче Миленковски, Методија Костовски на хармоника и пијанино и Бојан Андрески кој свири перкусии и тапани. Тука се и Бојана Артиновска Трпческа како автор на сценографијата и костимите и Лидија Митоска Ѓорѓиевска која го превела текстот на англиски јазик.

Инаку, на актерот и режисер ова му е втора монодрама. Во 2000 година во Прилепскиот театар без буџет и без некое особено искуство тој, заедно со Гоце Јовановски (басистот на групата „Фолтин“) како негово алтер-его, ја постави гогољевата „Дневникот на лудиот“ која беше прикажана и на македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

„За мене предизвикот секогаш е голем и јас си ја сакам работата и како актер и како режисер. Во конкретниов случај и како „сценски работник“. Затоа веројатно најкомотно се чувствувам како работник во културата. Така најдобро се изразува моето творештво затоа што се занимавам и со продукција и со ко-продукција и со други разни соработки од аспект на култура, литература. Се јавувам како издавач на поезија и потписник на поетски слемови, како реатор на други јавни настани“, вели Трпчески.

Кон ова само уште информацијата дека „Делириум тременс“ на крајот на мај ќе биде прикажана и на фестивалот „Албо моно“ во Корча, Албанија, а до нејзиниот автор веќе стигнуваат и поканите за гостувања од театрите во земјава.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG